28 Септември, 2024
0.0326

ПРВИ ЕФЕКТИ: Законот за финансиска дисциплина води кон банкрот – бизнисот алармира?

Објавено во: Анализа 28 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Само еден месец по стапувањето на сила на Законот за финансиска дисциплнина, стопанствениците лоцираа серија недоречености и слабости на законското решение што требаше да ја зајакне ликвидната кондиција на приватниот сектор. Според информации на “Фактор“, дел од бизнисмените, членови на Сојузот на стопански комори, размислуваат на Владата да ù достават листа со забелешки за законското решение. Дел пак од стопанствениците сметаат дека вака скроено решение, не само што нема да ја подобри дисциплината во плаќањата туку ќе предизвика и банкрот, особено на помалите фирми.

Едни фаворизирани, други дискриминирани ?

Законското решение за финансиска дисциплина, што стапи на сила на 1 ви мај и треба да донесе зајакнување на ликвидносната состојба на приватниот сектор, преку навремени плаќања на долговите, ги предизвика и првите реакции на бизнисмените.

“Иако е премногу рано да се дадат конечни оценки за ефикасноста на законското решение, првичните согледувања упатуваат на серија недостатоци. И во фаза на кроењето на законот се знаеше дека државата подоцна ќе се вклучи во решението, односно дека таа е надвор од него, без облигација да почитува рокови, но беше договорено да има пролонгирање само за побарувањата од Фондот за здравствено осигурување. Сега тоа не е така, односно од Законот се изземени и останатите државни фондови и институции“, вели за “Фактор“ стопанственикот Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори.

Посочува дека ќе се почека уште одреден период да се разгледаат и анализираат ефектите од Законот, по што не е исклучено тие анализи, во форма на забелешки, да бидат доставени до Владата.

И според бизнисменот Антони Пешев, сегашниот закон има серија недоследности.

“Главен пропуст во сегашниот Закон, според мене, е прашањето зошто се опфатени и оние побарувања меѓу фирмите што се покриени со договор или банкарска гаранција. Сега се отвора дилемата зошто да не и дозволам одложено плаќање на некоја компанија со која работам со години, имам доверба и на крајот таа реалција е покриена со договор или банкарска гаранција. Законот за финансиска дисциплина треба да ги опфати оние трговски и бизнис релации за кои нема договор и гаранции во плаќањето. Сметам дека со законот први на удар ќе бидат помалите фирми со ниска ликвидност“, вели Пешев за “Фактор“.

Следна слаба точка во Законот е прашањето за старите, кумулирани долгови.

“Втора проблематична точка се старите побарувања, односно долгови. Нема логика компаниите да се задолжат да плаќаат тековни обврски, а притоа да имаат кумулирани стари долгови. Како ќе се реши ова прашање? Сегашното законско решение не ги опфаќа старите долгови. Сметам дека не е исправно некоја фирма да плати долг од 1 јануари, а на пример да има неплатени долгови од декември. Со сегашниот закон се опфаќаат побарувањата од 1 мај, значи се прескокнуваат историските долгови, тие остануваат без решение и како такви според мене се сериозен пропуст“, оценува Чекреџи.

Државата изземена, може да должи до 2016 та!

Законот што треба да ја зајакне финансиската дисциплина во плаќањата, засега не важи за државата и нејзините институции. Бизнисмените дале согласност во оваа фаза да биде изземен Фондот за здравство за да се намали притисокот врз оваа институција, која е клучна алка во вкупниот економски систем, но очекувале дека роковите за редовното плаќање ќе важат за останатите фондови и државни институции.

“Плаќањата на државата се особено важни ако се знае дека таа учествува во бизнисот, односно е клиент со 50% во вкупниот бизнис, а токму таа е широко изземена од законот. Тука се фондовите, органите на локалната самоуправа, државните институции. Ние како бизнис заедница се согласивме Фондот за здравство да биде изземен, бидејќи станува збор за важна иституција, значајна за економскиот систем и затоа сметавме дека треба во прво време да биде ослободена од притисокот за плаќање на долговите во одредени рокови“, вели стопанственикот Чекреџи.

И други бизнисмени што ги анкетираше “Фактор“ признаваат дека вака скроениот закон има слабости. Го отвораат прашањето и за тоа зошто решението не важи за странските фирми.

“Законското решение стапи на сила со серија недостатоци. Пред сè домашните и странските фирми немаат рамноправен третман со овој закон. Странските фирми практично и не се обврзани да плаќаат во утврдените рокови. На пример, ако една странска фирма врши набавка од друга домашна фирма, таа може да направи исплата како што ќе се договорат двете страни. Ова не важи ако во станува збор за две домашни компании. Тука е изземањето на државата, односно нејзините институции, фондови. Фирмите ги снабдуваат на пример со средства за хигиена, услуги, храна и други услуги, а за тоа, според сегашниот закон, може да си ги добијат парите по две години“,  оценува еден стопанственик.

Дел од бизнис заедницата е убедена дека законот мора да претрпи измени.

“Според вака како што се поставени работите сметам дека се работи за тврдо регулирана област. И Хрватска има вакво законско решение, но само да посочам дека тоа се менуваше седум пати, што значи дека мора да се размислува да се создаде закон кој ќе биде практичен и нема да предизвика дополнителни штети во бизнисот“. велат бизнисмените.

Доколку фимите не ги почитуваат законски утврдените рокови за меѓусебните плаќања, тогаш следуваат казни. “Кај што фирмата нема да може да ги плати долговите, сега на врат ќе ù висат и казни, што секако ќе биде дополнителен удар за компаниите“, коментираат бизнисмените.

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ДИСЦИПЛИНА?

J.А.