Разгледан Предлог законот за продажба на државно земјоделско земјиште
Објавено во: Агробизнис 04 Јуни, 2013
Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска на јавна расправа го разгледа Предлог законот за продажба на државно земјоделско земјиште.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски во образложението истакна дека предложеното законско решение е донесено на барање на земјоделците и оти содржи елементи со кои се заштитуваат концесионерите кои во моментот користат државно земјоделско земјиште.
- Предмет на продажба е земјоделско земјиште кое не е под договор и земјоделско земјиште за кое концесионерот ќе даде согласност тоа да се продава. Доколку земјоделецот концесионер не се согласи да го продаде земјиштето, тоа не може да се стави на продажба што значи дека неприкосновено право има концесионерот да каже дали земјоделското земјиште ќе се продава и во кој момент, појасни Коњановски.
Почетната цена на земјиштето ќе се утврдува од страна на Бирото за судски вештачења, а продажбата ќе биде јавна и транспарентна.
Земјоделците ќе имаат можност да го откупат земјиштето во готово или на рати во период од пет години со можност за негово продолжување на уште пет години.
Во законот е даден и рок од осум години во кој не ќе може да се врши пренамена на земјоделското земјиште во градежно.
Дел од земјоделците сметаат дека законот треба да се донесе, но под јасни и прецизни услови, додека други побараа негово повлекување бидејќи, како што рекоа, финансиски не се подготвени да го откупат земјиштето кое го зеле под концесија. Сите се согласни дека рокот од пет години за отплата на земјиштето е премал и оти не треба да се дозволи негова пренамена во градежно земјиште. Согласни се и дека при утврдувањето на цената за продажба на земјиштето треба да се води сметка и за неговата местоположба, инфраструктура...
- Нашата цел е да ги заштитиме концесионерите. Сите оние земјоделци кои имаат земја под концесија се заштитени затоа што нивно право е дали ќе ја дадат земјата на продажба. Тоа што дава сигурност е и дека доколку на јавното наддавање се постигне највисока цена, земјоделците го имаат последниот збор, односно да може да ја земат својата земја, посочи Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.
Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделски призводители смета дека законот не нуди развојна стратегија за аграрот, освен дека ќе се доведе во прашање опстанокот на земјоделските производители концесионери.
Професорот Ристо Давчев укажа дека не смее да се дозволи пренамена на земјоделското земјиште затоа што со тоа во иднина ќе се доведе во криза земјоделството и ќе се намали бројот на обработливи земјоделски површини. Не се согласува и со можноста да им се дозволи на странски правни лица да откупуваат државно земјоделско земјиште.
Повлекување на законот побараа пратениците од опозицијата бидејќи според нив законот не нуди заштита на малите земјоделци кои ќе останат без земја. Нивните оценки се дека земјоделците не се доволно информирани за понуденото законско решение.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.