Добивај вести на Viber
Да ја земете дипломата од факултет за која сте потрошиле четири и повеќе години, скапоцено време и пари, дел од дипломираните студенти, е велат, слично на добивка на лото.
Љупка Трајчова пред пет години дипломирала на Правниот факултет “Јустинијан Први”, но, сеуште ја чека факултетската диплома. Голготата вели трае со години, и сеуште незнае каде се “изгубила” нејзината диплома низ факултетските лавиринти. Од администрацијата на факултетот се правдаат со премногу работа.
“Имам дипломирано на Правниот факултет "Јустинијан Први" на студиската програма – новинарски студии пред пет години, со полагањето на последниот испит со просек 8,34. Но, бидејќи барање за издавање на уверение приложив на 22.11.2011 година со уплаќање и на 3.500 денари за издавање на диплома, може да се земе во предвид овој датум. Како и да е , пред неколку години имам дипломирано и со оглед на фактот дека не добив никакво известување во врска со можноста да си ја подигнам дипломата, овие денови се обратив до Студенските прашања на Правниот факултет. Од таму неколку пати ми рекоа дека дипломите се сеуште во подготовка и дека можам да ја подигнам дипломата за само 10 дена, но ако уплатам повторно уште 3.000 денари, по забрзана процедура. Бев фрапирана од одговорот и не можев да си објаснам што ли зборуваат. Па јас веќе еднаш платив по редовен и регуларен пат да стигнам до официјалниот документ кој ми следува. Какви се тие забрзани постапки? Се прашувам, зарем мислат уште неколку години да ми ги држат документите за да конечно , незнам кога да ја земем дипломата?!
За диплома чекам неколку години и таа не е испечатена и готова, на факултетската сметка стојат моите пари за таа намена, а сега за 10 дена може да ја имам по “ забрзана постапка”. Доколку не уплатам не се знае кога воопшто и ќе ја имам. Ова е крајно некоректно и неодговорно, а не само јас, многумина го имаат истиот проблем. Јас само имав среќа со уверение за кое исто така чекав извесен период, да најдам работа, но многумина кои ги познавам навистина не ги реализираа своите идни професионални планови токму поради дипломата”-вели Љупка Трајчова.
Овој случај не е прв, ниту последен
Дел од завршените студенти се жалат дека не можат да се пријават во Бирото за невработени, дека пропуштаат работни места, а не можат да се запишат ниту на постдипломски студии токму поради ваквите проблеми. Слично искуство имала и М. А од Скопје која минатата година дипломирала на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје.
“Уверението го чекав неколку месеци, ми фалеа пријави за кои ме информираа од Студентски прашања. Купив нови, ги заверив, помина неколку недели. Потоа ми рекоа уверението ќе биде готово за околу 20 дена. Но, поминаа неколку месеци, а кога се јавував постојано ми кажуваа дека по студирањето по европски кредит трансфер систем било посложено за да се комплетира документацијата поради собирањето на кредитите и слично. Потоа и поради доцнење на дипломата испуштив крајни рокови за аплицирање за постдипломски студии во странство. Можам да речам дека испуштив златни прилики поради дисбалансот и нефункционалноста на одделот за студентски прашања”-вели М.А. од Скопје.
Што велат од факултетите
Од студентските прашања на Правниот факултет “Јустинијан Први” велат дека имаат многу работа и едноставно не можат да постигнат да ја комплетираат целосната документација за сите завршени студенти. Само кратко одговорија дека ова е проблем кој е наталожен години наназад, но токму овој период се труделе да ги надминат проблемите.
Дипломираната студентка Љупка Трајчова не успeјaа да ја најдат во групата на завршени студенти чии документи ги комплетираат моментов и кои се следни на ред да си ја подигнат дипломата. Но, се надеваат дека нејзиното име и студентско досие ќе биде во следната тура. Од Студентскиот парламент на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” пак велат дека знаат за вакви случаи кога се доцни со издавањето на дипломите, но дека сеуште до нив не стигнала ниту една поплака или претставка. Апелираат до своите веќе завршени колеги, да ги пријавуваат ваквите случаи за навреме да се алармираат надлежните.
“Ние досега не сме добиле ниту еден ваков случај или поплака. Знаеме за некои изолирани случаи, но ги охрабруваме нашите колеги да не информираат и отворено да ги пренесат своите негативни искуства и во вакви случаи. Сепак како студентска организација имаме право да прашаме и знаеме зошто толку долго се одолговлекуваат работите. Се работи за чисти случаи на веќе дипломирани студенти”-вели Кирил Спировски-претседател на Студентскиот Парламент.
Радоста дека успеав да стигнам до крајната цел-завршување на студиите одамна поминаа, ми остана само разочарување во целиот систем, до каде треба да одиме за да стигнеме до еден документ-завршува одамна дипломираната новинарка Љупка Трајчова.
Нејзините две сестри дипломирале минатата година на Природно математичкиот факултет во Скопје и на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Дипломите во рака ги зеле брзо по завршувањето на студиите. Јас вели, нека не бидат пет, еве три години ја чекам својата диплома, проблем кој се провлекува со години, а ги засега многумина. Таа не сака по брза, туку по редовна постапка да стигне до својата заслужена диплома. На крајот од разговорот кога си ги кажа академските маки разочарано и револтирано заврши :
“И нашето образование било реформирано, можеби и е реформирано, но очигледно само за оголување на студенти?!”.
С.Б.