Добивај вести на Viber
Во периодот од јануари до јуни годинава се исплатени нешто повеќе од 71 милиони евра субвенции за директна поддршка на земјоделството за ланската година, се наведува во ребалансот на Буџетот за 2015 година. Во анализираниот период кај земјоделското производство е регистриран пад од 0,4 отсто поради лошите временски услови.
За субвенции во земјоделието во анализираниот период( јануари-јуни 2015) се исплатени вкупно 4.395 милиони денари (71.463.414 евра). Земјоделското производство забележа пад од 0,4%, под влијание на неповолните временски услови, стои во образложението на ребалансот на Буџетот за 2015 година.
Со Програмата за директната поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2014 година беа планирани речиси 140 милиони евра. Според податоците од завршната сметка на Буџетот за 2014-та година, заклучно со лани декември од планираните 138.651.300, реализирани се 123.651.300 евра. Познавачите во оваа област велат дека во оваа сума се вклучени и исплатите на неисплатените субвенции за 2013-та година. Законски субвенциите за земјоделство се исплаќаат во две буџетски години. Колку од сумата наведена во завршната сметка за ланскиот буџет, отпаѓа на субвенциите за 2014-та а колку на субвенциите за 2013-та, нема податок. Според поранешната претседателката на собраниската Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ,
Ленче Николовска, годините од 2007 досега покажуваат дека исплатата на субвенциите е најголема непознаница.
-И покрај тврдењето дека оваа влада работи транспарентно, исплатата на земјоделските субвенции останува најголема непознаница. Од 2007 до 2009 година исплатата за тековната година завршуваше на 31 декември и тогаш имаше јасна слика за тоа колку буџетски средства се издвојуваат за земјоделското производство. Со промена на законот исплатата на субвенциите да биде до 30 јуни наредната година, со што почна и доцнењето на субвенциите, веќе никој не може да им го фати крајот колку реално пари се исплаќаат.Префлањето на неисплатените субвенции од претходната година дополнително ја замаглува сликата. Па така со планираниот буџет за тековната година тие исплаќаат субвенции за претходната земјоделска година. Пример со буџетот за 2014 година тие ја исплаќаат 2013. Со ова доцнење во исплатата последниве 5 години Владата буквално забошоти цел еден земјоделски годишен буџет. Хрватската влада на пример со буџетот од 500 милиони евра за 2015 ја исплаќа и земјоделската 2015. Таков е случајот и со другите земји од регионот. Субвенциите се државна мерка и се наменети да им помогнат на вистинските земјоделци. Бидејќи немаме официјални податоци за исплатата, според голем број на примери од терен за злоупотреба на овие средства, можеме да заклучиме дека има селективност во поделбата на земјоделските субвенции, вели Николовска.
Законскиот рок за исплата на субвенциите за ланската година заврши на 31 –ви минатиот месец. Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој околу 95 отсто од субвенциите се исплатени, а останатите 5 отсто ќе се исплаќаат во следниот период бидејќи имале проблем со документацијата.
-За исплата се останати оние кај кои се прават дополнителни проверки на документацијата, поради несовпаѓање на пријавените површини со оние што се во регистрите, разлики по извршената контрола на терен или технички пречки што ги имаме во софтверот каде што одредени калкулации сеуште ги средуваме, но тоа е многу мал процент, не повеќе од 500 барања, изјави директорката на АФПРЗ
Билјана Вуковиќ.
Од опозициската СДСМ неодамна изјавија дека според нивните информации и анализи што ги направиле, со завршувањето на законскиот рок, исплатени се околу 40 милиони евра субвенции за директна поддршка на земјоделството.
И на терен земјоделците имаат поделени ставови околу исплата на ланските субвенции. Дел се согласуваат со информациите на Платежната агенција.Така од Асоцијацијата на земјоделци изјавија дека најголем дел од субвенциите се исплатени.
-Најголем дел од субвенциите се исплатени, според нашите информации субвенции немаат земено земјоделците со неуредна докуменатација, оние кои чекаат дополнителни субвенции, како за органско производство, субвенции за малди фармери, жени фармери. Доцнат субвенциите за млеко за третата рата и тие кај кои што се спроведува контрола. Се случува да имаат дадено земјоделците погрешни податоци и тогаш се доцни со исплатата, вели
Ефтим Шаклев од Асоцијација на земјоделци.
Од Регионалниот синдикат на земјоделци пак велат дека процентот на исплатата е многу помал од тој што го кажува Платежната агенција.
-Според информациите кои ние ги имаме реализацијата е околу 70 отсто. Од изјавите на министерот за финансии
Зоран Ставрески, може да се заклучи дека процентот на реализација е многу помал. Така според објавените исплати од финансии на 1 ноевмри 2014 се исплатени 80 милиони денари, на 16 февруари 2015 се исплатени 396 милиони денари,на 23 февруари 2015 се исплатени 130 милиони денари,на 24 февруари 2015 година 31,7 милиони денари,на 4 март 2015 исплатени се 310 милиони денари, на 16 мај 2015 се исплатени 25 милиони евра тоа се за тутунарите и на 4 јуни 2015 исплатени се 80 милиони денари. Кога ќе се соберат овие сума се доаѓа до износ од околу 42,5 милиони евра, далеку помалку од планираното и тоа што се кажува како реализирано, вели
Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на синдикати на земјоделци.
Лани за субвенциите конкурирале околу 70.000 земјоделци, што е помалку во однос на претходната 2013-та кога конкурирале 93.000 земјоделци. Според последните статистички податоци во земјава има нешто повеќе од 170.000 земјоделски стопанства, а според Годишниот извештај за земјоделство и рурален развој за 2012-та година бројката на земјоделски стопанство е околу 200.000. Се отвора прашањето зошто сите земјоделци не конкурираат за субвенции? Дел од агроекономистите причината за трендот на намалување на бројот на апликанти ја лоцираат дел во слабата едукација на земјоделците а дел во лошта распредлба и доцнењето на исплатата. Токму на несигурноста во делот на исплатата на субвенциите укажува и Светска банка во еден од своите изваштаи, посочувајќи дека влијае врз намалување на ефектите што треба да произлезат од субвенциите. Податоците од Нацрт-националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020 година,покажуваат дека освен 2008 и 2009 година кога се што било планирано е исплатено, годините потоа нема 100 процентна реализација на исплатата на предвидените субвенции за земјоделство, односно милионските суми од 2010 година досега не можат во целост да се искористат. Годинава и во следните пет години за субвенции за земјоделството се предвидени, 150 милиони евра.
Ј.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: