РЕСОРОТ НА БУЈАР ОСМАНИ ПОТРОШИЛ САМО 91 ЕВРО - во клучна година за евроинтеграциите
Објавено во: Македонија 23 Јули, 2020
Секретаријатот за европски прашања, СЕП, на вицепремиерот Бујар Османи, потрошил само 91 евро на капитални инвестиции за цели шест месеци, односно во првата половина од годинава.
Ова го покажуваат податоците на Министерството за финансии, на алатката што ја објави овој ресор за прикажување на капиталните расходи на секој државен орган и институција одделно, со цел јавноста да има увид кој колку од државните пари знае да ги потроши за инвестиции од јавен интерес.
Во цело прво полугодие, Секретаријатот за европски прашања успеал да потроши само 0,08 отсто од парите што Владата му ги определила за капитални инвестиции. А со оглед што станува збор за половина година, требало да бидат искористени 50 проценти.
Или, изразено во бројки, на ресорот на Бујар Османи му биле доделени како капитални расходи 113.967 евра, што воопшто не е голема сума, но зачудува зошто неговата администрација не успеала да потроши барем дел од овие пари, наместо скромните 91 евро. Од алатката на Финансии не може да се види какви капитални инвстиции требало да реализира СЕП, но во секој случај, за што и да требало да бидат наменети средствата, зачудува зошто тоа толку многу затаило, особено во година која се смета за клучна за европските интеграции на земјава.
СЕП е основан како посебна стручна служба на Владата во 2005 година, со трансформација на претходниот Сектор за европска интеграција во рамките на Генералниот секретаријат на Владата. Формирањето на Секретаријатот е резултат токму на потреби кои произлегуваат од интензивирањето на процесот на интеграција на земјава во ЕУ.
Како што стои на неговата веб страница, СЕП работи на координација и усогласување на работата на органите на државната управа и на другите органи и институции за подготовка на земјава за членство во ЕУ. Потоа, учество и следење на работните тела формирани во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и другите договори со Европската унија, координација и следење на реализацијата на Европското партнерство, координација и следење на реализацијата на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, подготовка на македонската вeрзија на правото на Европската унија (aquis communautaire ) и преведување на македонското законодавство, јакнење на институционалниот капацитет за водење на процесот на европска интеграција.
Исто така, овој секретаријат, што е многу битно, е ангажиран на подготовка за преговори на Македонија за членство во ЕУ и учеството во формулирање на идните преговарачките позиции.
Надлежност на оваа институција е и координација на странската помош од ЕУ и нејзините земји-членки, како и другата странска помош поврзана за реформите комплементарни на процесот на интегрирање, информирање и комуникација со јавноста за активностите поврзани со процесот на европската интеграција и европските прашања, како и усогласување на работата на органите на државната управа на земјава како земја-членка на ЕУ.
Инаку, оваа година, и покрај проблемите што ги создава епидемијата со КОВИД-19, е една од клучните за приближувањето на земјава кон Европската унија.
Земјава во март од Европскиот совет доби одлука за почеток на преговорите, а неодамна ја добивме и предлог-преговарачката рамка од страна на Европската комисија, што е уште еден чекор понатаму. Според владините очекувања, токму наесен ќе следува утврдување на таа рамка, како и формален почеток на преговорите, кој би се случил со меѓувладина конференција до крајот на годинава.
Кога станува збор за вкупните капитални инвестиции во земјава, тие се многу слаби и по заокружувањето на првото полугодие. Односно, реализирани се само 22,51 отсто, што не е ни половина од она што дотогаш требало да биде реализирано. Или, потрошени се само 72 милиони евра, наспроти 320 милиони колку што се предвидени, и тоа не со првичниот, туку со ребалансираниот буџет.
ВО ГОДИНА НА ИЗБОРИ - ДИК РЕАЛИЗИРА САМО 45 ЕВРА ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ
Еден од многу слабите трошачи, што е чудно во година во која се одржаа предвремените парламентарните избори, е и Државната изборна комисија. Па така, ако изборите се одржаа на 15 јули, многу е нејасно како ДИК до крајот на јуни на име на капитални инвестиции потрошила само 0,03 отсто од целата предвидена сума, или кажано како бројка 45 евра, од планираните вкупно околу 173 илјади евра. А токму ДИК, односно нејзиниот софтверски систем предвиден за следење на изборите, кој беше и проследен со многу контроверзи, затаи за време на постизборната ноќ, не можејќи да ги прикаже изборните резултати како што целата демократска јавност очекуваше. А сега, преку алатката на Министерството за финансии, дознаваме дека за цели шест месеци, ДИК потрошила само 45 евра од капиталните инвестиции кои многу по со време требало да ги реализира.
Во категоријата на многу слаби трошачи се Собранието, со реализација од само 0,56 отсто, Државната комисија за спречување на корупцијата, која за шест месеци има реализација од 0,04 проценти, а Секретаријатот за законодавтво има нула отсто потрошени пари за капитални инвестиции, исто како и Агенцијата за остварување на правата на заедниците, а чиста нула проценти, што значи воопшто, се забележани и кај Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Нула има и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството од Битола, а исто таков слаб трошач се покажал и Државниот просветен инспекторат. Во иста позиција, со чиста нула потрошени пари, е и Бирото за судски вештачења, Комисијата за односи со верски заедници, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации, а Бирото за регионален развој има само 0,1 отсто.
Агенцијата за национална безбедност потрошила 0,77 отсто, а Државниот пазарен инспекторат само 0,04 проценти.
Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување потрошил за шест месеци само 0,12 отсто од капиталните инвестиции.
На листата има и добри потрошувачи на средствата за капитални расходи.
Покрај овие, има и институции и министерства кои солидноги трошеле државните пари, што е околу 50 отсто од предвидената сума, а има и такви, иако ретки, кои веќе потрошиле многу поголеми износи, па некои дури и над 90 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.