РК Пелистер, МЗТ Скопје, Работнички со најголема помош од своите општини, Битола дава најмногу пари за спортот
Објавено во: Економија 23 Септември, 2021
Општина Битола за ракометниот клуб Пелистер Еурофарм доделила во 2020 вкупно околу 300.000 евра. Исто така се давало по 8 милиони денари за фудбалскиот клуб Пелистер и 4 милиони денари за истоимениот кошаркарски клуб, како и за други спортски здруженија. Според прегледот на средствата со кои локалните самоуправи ги помагаат спортските екипи, може да се заклучи дека Битола е број еден на ова поле, иако сепак општината има еден од најголемите буџети во земјата.
Општина Аердором исто така може да се пофали со помагање на спортот, а најмногу на симболот - кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје со 25 милиони денари оваа година, или околу 400.000 евра годишно. Оваа година имало и 3 милиони денари за женскиот ракометен клуб Вардар, но се помагале и други локални клубови.
Општина Центар својот „спортски“ буџет го концентрира претежно на кошаркарскиот ривал на МЗТ Скопје - КК Работнички. Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб лани како помош добил 250.000 илјади евра, а оваа година на своето конто веќе има исплата поголема од 200.000, покажува пребарувачот „Отворени финансии“.
Прилеп за фудбалскиот клуб Победа годишно дава само по 25.000 евра, додека за ракометната екипа со исто име од 10 до 13 илјади евра. Прилеп, слично како и Битола, со помали суми помага и други спортски клубови и дејности.
Штип за фудбалска Брегалница годинава трансферирал 115.000 евра, сума која уште сега е далеку подобра од онаа ланската за оваа екипа, а со помали суми се помагаат и боречкиот клуб Балканец и ракометниот Текстилец, како и некои други.
Струмица лани дала околу 40.000 евра за Академија Пандев, чиј основач е легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев, а со повеќе од 25.000 евра е помогнат и кошаркарскиот клуб „Струмица“. Помала помош им следувала и на помали машки и женски клубови од фудбалот, кошарката и ракометот.
Во Гевгелија најмногу придобивки има за кошаркарскиот „Кожув“ за кого годинава се исплатени безмалку 60.000 евра, а скоро 30.000 евра од градскиот буџет се издвоени како поддршка за истоимениот фудбалски клуб, пред останатите спортски друштва.
Куманово не финансира директно одреден спортски колектив, туку пари му префрла на општинскиот Сојузот на спортови, кој лани имал 230.000 евра за спортските клубови, манифестации, спортски натпревари, училишен спорт и друго. Чаир од своите локални клубови поистакната е помошта од 20.000 евра лани за фудбалскиот прволигаш Шкупи. Иако настапува во фудбалската втора лига, Слога 1934 пак секоја година добива по 50.000 евра од својата општина Виница.
Кавадарци предводен од градоначалникот Митко Јанчев, ако се споредат годишните сметки во 2020 и во тековната година, може да се каже дека за новиот фудбалски прволигаш „Тиквеш“ се одделуваат по околу 5 милиони денари годишно, а изгледа дека е во мода е и ракометот во овој град па годинава за локалниот клуб се префрлени 30.000 евра до сега. Гостивар на Арбен Таравари лани доделил 40.000 евра за фудбалскиот второлигаш, додека пак за кошаркарскиот клуб кој го носи името на градот биле префрлени милион денари во текот на оваа година.
Изненадува и Општина Охрид со 7,1 милиони денари исплатени годинава како помош за ракометниот клуб кој го носи името на градот и овие приближни 120.000 евра воопшто не се за потценување, туку напротив, се само за пофалба. Годинава веќе 60.000 евра добил и градскиот фудбалски клуб, а се помагаат со помалку пари и другите спортски колективи. Радовиш исто така делува расположен за спортот со 4,2 милиони денари за ракометниот клуб во 2020 и речиси три милиони за фудбалскиот клуб Плачковица. Околу 30.000 евра има и ФК Осогово од Кочани на годишно ниво.
За останатите локални самоуправи може да се каже дека не се заинтересирани премногу да го помагаат спортот или пак немаат доволно средства за таа намена.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.