САД со критики за референдумот на Република Српска
Објавено во: Балкан 27 Септември, 2016
САД упати осуда за референдумот што се одржа во неделата во Република Српска и го оцени како нелегален бидејќи претходно Уставниот суд на БиХ го забрани неговото одржување, но претседателот Додиќ инсистираше тој да се спроведе.
Од Вашингтон наведуваат дека ќе ги поддржат локалните институции кои бараат раководството на Република Српска да одговара за подривање на владеењето на правото и за опструкциите на применувањето на Дејтонскиот договор.
– Ги повикуваме сите страни во БИХ да се воздржат од понатамошни акции и од реторика што води кон поделби и да се насочат на потребните општествени, политички и економски реформи – се наведува во соопштението на заменикот портпарол на Стејт департментот, Марк Тонер.
Референдумот за прогласување на 9 јануари како државен и национален празник помина успешно со над 90% од гласовите, но навраќањето на војната во 90-тите и прогласувањето на Република Српска беше дочекано како повик за сепарација и ги разгори старите рани.