01 Декември, 2024
0.0358

Салиу: Класична метла во ДУИ по бомбите на Ел Чека

Објавено во: Анализа 13 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Во ДУИ започна процес за промена на раководните органи иако нејзините челници одбиваат да го употребат популарниот термин "метла". Под притисок на содржините нелегално објавени во бомбите на Ел Чека пред Ахмети се постави нов предизвик, да го задржи кредибилитетот, да ја одржи стабилна Владата без оглед на барањата на Заев за реконструкција и секако да покаже дека и натаму е главен фактор во албанскиот блок на партии од кој ќе зависат и реформите за ЕУ и изгласувањето на законите за изборен модел и попис. За состојбите во ДУИ во пресрет на судбоносниот Европски совет анализираме со новинарот Исен Салиу и уредник на Лајм.

Дали одлуката досегашните претседатели на општинските ограноци да не може да се  кандидираат повторно за истите позиции е знак дека во ДУИ започнува "метлата" без оглед колку нејзините челници да не се согласуваат со ваквиот термин. Што очекувате од конгресот на ДУИ, ќе има ли смена на Ахмети и големи промени во раководството и реформи кои се неопходни?

Салиу: Мислам дека е јасно дека станува збор за класична партиска метла, без разлика на терминологијата што ја употребуваат партиските челници на ДУИ. После долго време, Ахмети има потреба да покаже дека се уште е главен фактор во партијата од една страна, а од друга страна да покаже дека партијата е подготвена да внесе свежа крв во своите редови. Секако дека се потребни промени и реформи и во врвот на партијата, бидејќи само промените по ограноците не можат да ја постигнат целта.

Фактор: Дали овој процес добива влијание од "бомбите"; кои ги објави Ел Чека, колку истите нанесоа штета на раководството на ДУИ и што очекувате како расплет, кој стои зад ваквата операција на пуштање нелегални разговори наводно за да и се помогне на терористичката група од Диво насеље?

Салиу: Подетални реформи во ДУИ се потребни веќе подолго време, но мислам дека објавувањето на бомбите го забрза тој процес. Од една страна ДУИ сака да ги тргне функционерите кои се опфатени во бомбите, а од друга страна, отворајќи нова тема со реформите, колку толку сака да ја дефокусира јавноста од содржината на бомбите.

Фактор: Во најмала рака претстои реконструкција на Владата. Кои министри од ДУИ заслужуваат "метла" и дали постојат несогласувања со премиерот Заев кои предизвикуваат проблеми во функционирањето на владината коалиција, а со тоа и последици врз нивната идна соработка како на локално така и на централно ниво. Дали Ахмети е премиер во сенка на министрите Албанци?

Салиу: Мислам дека со својата работа министрите на ДУИ се вклопуваат во просекот на сите други министри, имајќи предвид дека целата политика на владата во овој период беше во рацете на премиерот Заев, и на замениците премиери Бујар Османи, Радмила Шекеринска и Кочо Анѓушев, а другите беа во сенка. Што се однесува до тоа дали Ахмети е премиер во сенка, мислам дека и ДУИ и СДСМ сега се наоѓаат во фаза кога си требаат еден на друг, и не се многу заинтересирани да влегуваат во судири од типот кој е формален, а кој премиер во сенка.

Фактор: Доколку Македонија не добие почеток на преговори за членство во ЕУ Заев се закани дека се можни вонредни избори. Каква ќе биде позицијата на ДУИ, стравуваат ли од лош резултат со оглед на заканата од БЕСА и Алијанса за Албанците?

Салиу: Мислам дека предвремени избори во моментот најмалку од сите им одговараат на ДУИ, и затоа оваа партија ќе направи се што е во нивна можност такви избори да немаме барем до крајот на оваа година. Закана за ДУИ не се само Алијанса и Беса, туку најголема закана за нив мислам дека се нивните резултати, односно недостигот на резултати. Затоа, политичката логика кажува дека интегративците ќе се заложат да нема брзи предвремени избори, барем не додека се етаблираат новите партиски структури кои ќе се изберат, после разрешувањето на сегашните челници на ограноците, иако познато е дека оваа партија одвреме навреме може да изненади со политичките чекори кои ги превзема.

Фактор: Какви последици ќе остави евентуален неуспех на брза евро-интеграција, може ли меѓуетничките односи да се одржат на квалитетно ниво и да се подобруваат, како и да се спроведат сите реформи со несебично залагање на сите партии и општествени фактори без оглед на етничката припадност?

Салиу: Имајќи предвид дека главната причина за евентуалниот неуспех за брза евро-интеграција можат да бидат внатрешните проблеми во унијата, а не кај нас, мислам дека тоа не би требало да се одрзаи негативно на меѓуетничкките односи. Сепак, Западниот Балкан се уште е фрагилен регион, кој долго чека позначаен чекор кон ЕУ, па затоа не е лесно да се предвиди со прецизност какви би биле последиците и реакциите.

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.