САМО ВАКЦИНА ЗА КОРОНАТА МОЖЕ ДА ЈА ИЗЛЕЧИ ЕКОНОМИЈАТА - влошени прогнози за домашниот БДП
Објавено во: Економија 30 Јуни, 2020
Светот е се повеќе загрижен за економијата. Неа ќе и оди уште полошо отколку што претходно се очекуваше, а главната причина е што здравствената криза што ја предизвика коронавирусот трае многу подолго од првичните предвидувања, и никој не ни знае кога ќе и се види крајот.
Она што најмногу ги плаши главните светски прогнозери е можно подолго траење на пандемијата, појава на втор бран, што изгледа веќе и се случува, како и повторното затегнување на мерките. Ова го наведува и Народна банка на Македонија во своите најнови макроекономски показатели за овој месец.
Дел од меѓународните организации веќе ги ревидираа надолу проекциите за глобалниот економски раст, во услови на значителни и продолжени негативни ефекти од пандемијата на КОВИД-19 врз глобалната економија.
„Притоа, ризиците во поглед на проекциите се изразено надолни, а неизвесноста е понагласена од кога било досега. Главниот надолен ризик се однесува на евентуалното подолго времетраење на пандемијата, појавата на втор бран на инфекцијата и повторното затегнување на мерките за спречување на ширењето на вирусот“, се вели во извештајот на НБМ.
Како останати негативни ризици се наведуваат можноста за прераснување на глобалната здравствена и економска криза во финансиска, можноста за подолготрајно нарушување на довербата на економските субјекти за потрошувачка и инвестиции, можното забавување на глобалните синџири на снабдување, повторната ескалација на трговските тензии меѓу земјите, подолготрајното намалување на цените на примарните производи, како и појавата на социјални немири во одредени региони во светот.
А единствената позитивна работа што може да се случи, е да се најде вакцина, и пандемијата да заврши порано.
„Од друга страна, можноста за завршување на пандемијата порано од очекуваното, како резултат на побрзото пронаоѓање на вакцина против корона-вирусот, претставува единствен позитивен ризик за глобалниот економски раст“, велат од НБМ.
Во однос на економските
движења во еврозоната, како наш најголем трговски партнер, во првиот квартал на
2020 година беше остварен годишен пад на БДП од 3,1 отсто, а квартален од 3,6 проценти, наспроти годишниот раст од 1 отсто во претходниот квартал.
БДП НА ЕВРОЗОНАТА ГОДИНАВА ЌЕ ПАДНЕ ЗА 8,7 ОТСТО
Според најновите јунски оцени на ЕЦБ за изгледите на еврозоната, направена е значителна надолна ревизија на проекцијата за БДП за годинва, односно се очекува дека тој ќе падне за цели 8,7 отсто. Првичните податоци за пазарот на труд во еврозоната, пак, упатуваат на неповолни поместувања, бидејќи стапката на невработеност во април се зголеми на 7,3 отсто. На редовниот состанок во јуни, ЕЦБ уште повеќе ја олабави монетарна политика, со цел да се придонесе за подобрување на условите за финансирање на реалната економија.
Гледано низ призмата на македонската економија, проекциите за странската ефективна побарувачка се ревидирани надолу. Најновите проекции за примарните производи на светските берзи и натаму упатуваат на пад на нивните цени.
Од НБМ во извештајот велат дека нашиот БДП во првиот квартал бил и полош од очекуваното.
„Растот на економската активност значително забави во првиот квартал на 2020 година и изнесуваше 0,2 отсто на годишна основа, наспроти растот од 3,4 отсто во претходниот квартал. Остварувањата се послаби и од очекуваната динамика на раст за првото тримесечје согласно со априлските проекции. Случувањата поврзани со новата вирусна инфекција во глобални рамки и нејзиното ширење во домашната економија, како и мерките коишто беа преземени за спречување на нејзиното ширење, во текот на март, доведоа до влошување на деловната активност, што е видливо кај поголем дел од економските дејности. Тоа се одрази и врз довербата и очекувањата на фирмите, поради што изостана очекуваниот раст кај бруто инвестициите, а нивниот мал пад во најголем дел придонесува за послабата домашна побарувачка. Кризата го забави и растот на личната потрошувачка во првиот квартал“, се вели во месечната информација на централната банка.
За вториот квартал, нашите монетарни власти велат дека се очекуваат натамошни понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економијата. Изразено се продлабочува падот на индустриското производство, како и на прометот во трговијата.
И натаму има и голема неизвесност околу идното движење на светските цени на примарните производи, поврзано со времетраењето на пандемијата.
„Од расположивите податоци веќе се согледува позначително негативно влијание врз домашната економија од ширењето на вирусот КОВИД-19, во согласност со очекувањата дека негативните ефекти ќе бидат најсилни во април, со постепено закрепнување во преостанатиот дел од вториот квартал“, се вели во извештајот.
А исто така, на менувачкиот пазар за мај се очекуваат пониски нето-приливи од приватните трансфери, што значи дека иселениците праќале помалку пари во земјава.
Од Народна банка информираат дека во април вкупните депозити се задржале на речиси исто ниво како и во претходниот месец. Притоа, штедните влогови на домаќинствата имале месечен раст, а малку паднале депозитите на фирмите. Она што и се очекуваше, во април се зголемиле штедните влогови што се чуваат во странска валута, а имало умерен пад на депозитите во денари.
Кога станува збор за кредитирањето, пак, во април вкупните кредити на приватниот сектор се зголемиле за само 0,2 отсто, и притоа пораснало кредитирањето на фирмите, а се намалиле заемите на домаќинствата.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.