СДСМ го трча последниот круг, ќе се оди или не на парламентарни избори
Објавено во: Анализа 25 Јануари, 2019
Времето за конечна одлука на владејачката партија дали да се оди на нови предвремени парламентарни избори заедно со претседателските е се помало. Денес СДСМ на Централниот одбор ќе треба да пресече, дали ќе ја прифати фрлената ракавица од Мицкоски за предвремени избори, или Заев ќе остане на ветеното дека ќе го истурка целиот четиригодишен мандат.
Се повеќе партиските гласноворници се острат за изборен судир, се набројуваат реализирани ветувања и политики, додека пак опозицијата жестоко критикува за лошото владеење. Доколку се оди на нови избори Мицкоски ќе има одлична шанса да ја прочисти својата пратеничка група, да наменте нови кадровски решенија кои ќе бидат носители на главните политики на ВМРО ДПМНЕ и на тој начин да генерира доволно опозициско расположение за преземање на власта.
Заев од друга страна треба добро да пресмета, дали високиот рејтинг кој го имаше и натаму може да и помогне на партијата и што ќе добие, а што ќе изгуби ако влезе во изборна трка која ќе донесе нови тензии во општеството. Со парламентарни избори целосно ќе се промени амбиентот бидејќи ќе се расправа за "големите" теми, па сосема извесно е дека претседателската кампања ќе падне во позадина. Така кој и да биде конечен кандидат на партиите или евентуалните коалиции поважно ќе биде чив дрес носи, наместо тоа дали е натпартиска личност која може да ги претставува сите граѓани во општеството.
СДСМ во речиси две години успеа само да го реши спорот за името каде беше насочена целата енергија, а потфрли со темпото на спроведување на реформите во клучните сектори кои беа најкритичи и најслабо оценети од Прибе. Секако, рампата на Грција ќе биде крената за НАТО, но за старт на преговорите со ЕУ ќе биде потребно многу поголема посветеност на подобрување на демократските принципи, на владеењето на правото, на слободата на медиумите, на независноста и департизацијата на администрацијата.
Колку и закони да се донесени во овие области, состојбите и натаму се загрижувачки, а институциите не што не се независни и со зголемен капацитет, туку и уште повеќе подлегнаа на политичките желби и договори.
Се зголемува и разочараноста кај независните гласачи кои својата доверба ја даваат врз база на заслуги, но за сметка на тоа расте партизацијата на јавната администрација која секогаш е лојална на денот на изборите. Затоа СДСМ има добри шанси да се избори за нов мандат на Заев. Исто така влијание има и фактот што ВМРО ДПМНЕ не успеа да покаже дека има расчистено со грешките од режимот на Груевски ниту пак дека покажува големи знаци на каење.
Единствено опозицијата играше на картата на националните чувства по промената на уставното име и Уставот како обврски од договорот од Преспа. Прашања е дали наелектризираните гласачи кои сметаат дека Република Северна Македонија е предавство ќе бидат доволни за победа на парламентарните избори и формирање на нова Влада. Дали и во такво сценарио ВМРО ДПМНЕ ќе прифати да ги продолжи евроинтеграциите без да ги комплицира односите со Грција или другите соседи.
Граѓаните и јавноста, се изморени од непрекинатата политичка криза како и постојаната партиска кампања со меѓусебни обвинувања, навреди и поделби. Затоа и за успешни претседателски избори како неминовност за исполнување на високиот ценсуз од 40% е во ист ден на вториот круг на гласање да се одржат и парламентарните избори, па што донесе фортуната на партиите да го одреди патот на измачената држава и граѓани кои само трпеливо и веќе апатично челаат кошмарите да завршат и да се најдат во евроатлантското семејство со нови перспективи.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.