19 Април, 2024
0.0324

СДСМ Инфлуенсерска - Што нудат новите кадри на власта?

Објавено во: Анализа 23 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Зоран Заев и врвот на СДСМ направија неколку значјни измени во раководството и одбрани се невообичаени профили на луѓе кои ќе настапат на клучни партиски и државни функции. Меѓу новите потпретседатели на СДСМ ќе биде Коста Давид Петров, познат како експерт од областа на односите со јавност, но истовремено и мотивациски писател и инфлуенсер. За Петров ова е прво директно вклучување во политиката на истакната партиска позиција. Претходно беше предводник на одделението за односи со јавност во Министерството за здравство додека со овој ресор раководеше Арбен Таравари. Во неговиот мандат беа лансира неколку ПР кампањи, меѓу која и „Добредојде бебе“. Поради проблемите во здравството, високата стапка на смртност на родилки и на новороденчиња, самата кампања иако квалитетно осмислена беше оспорувана дали е лансирана во вистинско време бидејќи Таравари државното здравство тонеше во истите состојби без нешто конкретно да се промени или подобри. Коста Давид Петров често може да го видите на бизнис настани и форуми каде има мотивациски говори, а е автор на неколку книги за себемотивација. Останува да се види какви ќе бидат неговите политички настапи, дали ќе биде насочен кон одреден сектор и што може да даде како придонес во делувањето на владејачката партија. Да потсетиме тој беше дел и од тимот на Тамара Тодевска за песната „Proud“ со која беше освоено 7-то место, а прво според гласовите на стручното жири.

„За оние што долго време ме познаваат и со кои сум пријател знаат дека досега сум настрана од сите политички случувања. Но, не можеме да бидеме исклучени од тоа што се случува околу нас, едноставно мора да реагираме. Живееме во оваа држава, ја сакаме и мораме некако да ја направиме подобро место за живеење. Наместо да коментирам и да не преземам ништо се одлучив на активен пристап за да помогнам и за придонесам за подобра иднина. Таа иднина ја заслужува моето семејство, моите пријатели, сите ние. Тешка е одлуката да се приклучам во политиката, но тоа што досега немам искуство во политиката го сметам за свој адут, бидејќи точно ја знам мојата цел без никакви политички калкулации. Оваа држава мора да застане на цврсти нозе, оваа држава е пример за мултиетничко општество, пример за вредни и искрени луѓе, пример за тоа како и во најтешките моменти наоѓаме некоја искра на надеж. Како што самиот Петре М. Андреевски кажа ние сме како пиреј, како народ што не може да се уништи, ние сме народ што опстојал и ќе опстојува и ќе напредува. Верувам дека со мојот ангажман ќе придонесам младите да останат во државава, дека со мојот пример за млад претприемач и моите контакти и искуство ќе помогнам на многу млади луѓе. Верувам дека мојот глас ќе биде гласот на тие млади луѓе кои ќе останат во државата и ќе направат промени, бидејќи нашата генерација допрва доаѓа. Се надевам на поддршка и тука сум во секое време за критики, сугестии и секако свесен сум за тежината на оваа функција и знам дека нема да ве разочарам“ изјави Петров по донесувањето на одлуката на Централниот одбор на СДСМ.

Државна функција како предлог на СДСМ и Зоран Заев ќе добие и младата претприемачка Нина Ангелевска која ја основа и води компанијата за онлајн купони со попусти „Групер“. Таа ќе биде новата министерка за финансии за што ќе биде и официјално поднесено барања за поддршка од мнозинството во Собранието на Република Северна Македонија. Нина Ангелевска покрај тоа што ја води успешната компанија која на овие простори го преслика бизнис моделот на Grupon и го има еден од најпознатите македонски стартапи, во последниот период исто така често може да се види на бизнис настани и конференции како мотивациски говорник. Таа дава лични примери како е да се биде млад претприемач со стартап бизнис модел и како да се успее. Во 2018 година Форбс ја смести шефицата на Групер за една од највлијателните бизнис личности во претприемништвото до 30 години во Југоисточна Европа во изданието „30 under 30“. За развој на електронската трговија и купување онлајн Ангеловска исто така е предводник и македонската асоцијација за е-трговија.

„По речиси 10 години домашно и интернационално искуство и значителна меѓународна препознаеност на мојата напорна работа и придонес, чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени, се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Понудата ја гледам како шанса, да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина. Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна фукнција, носење на најдобрите информирани одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно делување. Спремна сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата. Ова е време на технологии, вештини, развој на модерното претприемништво и нови бизнис модели, дигитални комуникации и производство. Таму го гледам развојот на земјата. Конечно, ќе вложам максимум во унапредувањето на фискалната транспарентност и домаќинско раководење со парите на граѓаните“ изјави Ангеловска откако нејзината кандидатура за министер за финансии стана официјална.

Заев на овој начин го комплетираше партиското раководство, но и ги пополни сите испразнети министерски и заменички позиции во Владата. Новите кадри треба да се насочат кон младите, да делуваат мотивирачки, да влијаат да се промовира претприемништвото и стартап културата.

„Сакаме да испратиме порака за младите луѓе, да работат, да се трудат, да бидат препознаени. Државата, владата, општеството ги препознава и дава сериозни шанси за раководни функции. Млади, работете, ангажирајте се, бидете видливи, борете се во оваа наша земја. Еве и високите позиции се достапни за сите граѓани“ рече Заев по ЦО на СДСМ.

Засега реакциите на јавноста на социјалните мрежи се поделени, дел се задоволни од невобичаената пракса на Заев да предложи нови лица кои досега немале искуство во политика, а други пак негодуваат за нивната возраст и компетенции.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!