Сè повеќе луѓе се соочуваат со недостаток од витамин Д
Објавено во: Мои пари 29 Август, 2016 12:05
Главната улога на витаминот Д е да му помага на организмот да ги искористи калциумот и фосфорот, минерали кои се од суштинско значење за здравјето на коските и забите. Покрај тоа, витаминот Д е одговорен за интестинална апсорбција и на железо, магнезиум и цинк. Истражувањата во светски рамки укажуваат на сè почести случаи на недостаток на витамин Д, што предизвикува различни здравствени нарушувања. Недостатокот на витамин Д може да се должи на повеќе причини, а најчести се недоволна консумација на храна богата со овој витамин и ограничена изложеност на сончева светлина.
Здравствени ризици од недостаток на витамин Д
Без разлика на причината за појава на недостаток од витамин Д, тоа доведува до намалена апсорбција на калциум и претставува ризик по здравјето. Болки во коските и мускулите, чувство на слабост и изнемоштеност, како и потемнета кожа се едни од можните симптоми кои укажуваат на недостиг од витаминот Д. Симптомите за многу луѓе се суптилни и заради тоа често пати не им се обрнува внимание. Сепак дури и без видна симптоматологија, недостатокот на витамин Д може да претставува сериозен ризик за здравјето. Ниските концентрации на витамин Д според најновите испитувања се поврзани со:
- Рахитис кај деца
- Остеопороза и остемалација кај возрасни
- Малигни заболувања
- Автоимуни заболувања
- Зголемен ризик за летален исход од кардиоваскуларни заболувања
- Астма кај децата
- Когнитивно оштетување кај возрасни и постари лица
- Проблеми со тироидна жлезда
- Намален имунитет кај сите возрасти и склоност кон алергии
- Мултиплекс склероза
- Зголемен крвен притисок
- Дијабетес (тип 1 и 2)
Најново истражување од Биотек Лабораторија
Една од најпопуларните услуги на Биотек Лабораторија во изминатиов период е токму испитувањето на витамин Д. Анализата се работи со потполно автоматизирана метода (VIDAS 25OH Total), со која се добива квантитативен резултат и се докажува присуство на двете активни форми на витаминот Д (Д2 и Д3)
„Во изминатите два месеци во Биотек Лабораторија направивме испитување на концентрациите на витамин Д кај 71 испитаник, 45 жени и 26 мажи, на возраст од 20 до 94 години. Резултатите покажаа дека поголем дел од испитаниците, 49 (69%) имаат дефицит на витаминот Д (< 20 ng/ml), а од нив 14 (29%) имаат вредности пониски од 10 ng/ml. Дефицитот е присутен во сите возрасни групи на испитаници, кај двата пола. Нормални вредности (или доволно) на витаминот Д (30–100 ng/ml) имаат 14 испитаници (20%).
Ортопедот Др. Горан Видоевски ја објаснува сериозноста од нарушување на нормалните вредности на витаминот Д во организмот:
„Сериозен недостиг на 25 (OH) витамин Д може да доведе до нарушување на минерализацијата на новоформираната коска кај новородените, што резултира со рахитис кај децата и остеомалација кај возрасните. Рахитисот претставува омекнување и слабеење на коските кај децата. Остеомалацијата е нарушување во изградбата на коските, од кое тие стануваат послаби и помеки.
Слаб до умерен дефицит може исто така да има последици врз целокупното здравје и коските на луѓето. Последиците од недостаток на витамин Д и на другите органски системи, покрај коските, сè уште не се целосно познати, но може да вклучуваат зголемена подложност на инфекции и зголемен ризик од одредени видови на рак.
Ниските вредности може да се последица на заболувања на бубрезите, кога се попречува нормалниот метаболизам на витаминот Д и појавата на активна форма, како и при намалената активност на ПТХ (паратироидниот хормон).
Зголеменото ниво на витамин Д исто така укажува на нарушување на здравствената состојба. Се јавува ретко, обично по продолжена изложеност на екстремно високи дози на витамин Д, најмногу поради консумирање на мултивитамини и додатоци во исхраната.
Високото ниво на овој витамин може да се должи на: хиперактивен ПТХ (паратироидниот хормон), затоа што паратхормонот ја стимулира синтезата на 1,25 (OH)2 витамин Д при одредени болести, како што се саркоидоза и некои лимфоми. Кога оваа форма на витамин Д се формира надвор од бубрезите овој параметар не е добар показател за токсичните дози на витамин Д.“
Можеби ќе ве интересира
ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА МИКРОБИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КВАЛИТЕТ НА „АЛКАЛОИД“ ПРИ ОФИЦИЈАЛНАТА ПОСЕТА НА ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА
Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ се под граничните вредности определени со Закон
Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“
Никотински ќесички како модерна еволуција на снус без тутун
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете





