27 Април, 2024
0.1196

СЕ ЗАДОЛЖУВАМЕ НА ПОВЕЌЕ СТРАНИ, јавниот долг надминува 7 милијарди евра и упорно расте иако се влошуваат условите за позајмување

Објавено во: Економија 13 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

За краток временски период во јавноста беше обзнането дека државата се задолжува преку два различни инструменти и притоа ќе добие скоро 800 милиони евра, или 530 милиони евра од ММФ кои беа најавени пред два дена, но и 250 милиони евра преку издавање германска обврзница.

Ова не се единствените задолжувања, напротив претходно беше објавено дека се задолжуваме со 50 милини евра кај ЕИБ за водна инфраструктура, а беа позајмени исто толку пари и од Шпаркасе банка. Сепак, блага предност во последната најава за ново задолжување кај ММФ е висината на каматните стапки по кои ќе се враќа долгот, кои според најавите ќе се движат од 1 до 2 проценти.

Бројките велат дека јавниот долг на земајва добива загрижувачки пааметри, особено ако се има предвид дека нашата земја е увозно зависна, и остваруваме поголем дефицит од суфицит, па враќањето на овие позајмици би се одвивало потешко.

Економските експерти укажуваат дека последниве месеци се заострувааат условите за кредитирање, што секако е резултат на војната во Украина. Дополнително истакнуваат дека позјамицата од ММФ е на некој начин показател за доброто работење на државата.

-  Условите за позајмување на приватните финансиски пазари значајно се заострија со конфликтот во Украина. Имено, тектонските поместувања во глобалниот политички и економски поредок придонесоа за значајни притисоци кај цените на храната и енергентите, што е притисок кој е особено видлив во Европа, а тоа ги натера централните банки ширум светот да ја повлекуваат ликвидноста која претходно беше значајна почнувајќи од периодот по Големата финансиска криза 2008, а особено во текот на пандемијата 2020. Ризиците од рецесија проследени со инфлација се на сцената, поради што и условите за финансирање се значајно заострени. Во такви околности, прибегнување кон концесионално финансирање од ММФ е круцијално за остварување две цели: првата е да се намали трошокот на финансирањето, бидејќи тој трошок кај концесионалните кредити моментално е 3-4 пати понизок од приватното финансирање, и втората е тоа да делува како гарант за евентуално поповолно приватно финансирање, односно гарант дека државата спроведува здрави економски политики – укажува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Клучно прашање е дали новите позајмици ќе поттикнат потреба од зголемување на даноците, или поголем даночен опфат за да се обезбедат доволно средства за исплата на задолжувањата. За економистите е значајно да има проширување на даночната база, односно сеопфатна борба со сивата економија.

-  На вашето прашање дали ова ќе значи повисоки даноци во иднина, генералниот одговор е дека на среден до долг рок, Македонија ќе мора да размислува за повисоки даноци со повисокото ниво на доход по глава на жител. Меѓутоа, зголемувањето на отплатната способност на земјата првенствено треба да дојде од повеќе-генериран доход, односно од доволно-високи и стабилни стапки на економски раст. Потоа, неопходно е проширување на даночната база, преку неселективна, координирана и сеопфатна борба со сивата економија, поле на кое владата нема значаен напредок, бидејќи проценките говорат дека таа се одржува на ниво од околу една четвртина од вкупната економија. Дури откако ќе се создадат овие претпоставки ќе може аргументирано да се интервенира кај даночните стапки и кај директните и кај индиректните даноци – потенцира професорот Петрески од „Американ колеџ“.

Поранешниот министер за финании, Џевдет Хајредини на својот фесбук профил посочува оти задолжувањето кај ММФ не треба да се претставува како инструмент наменет за земји со здрави политики.

- Не е точно дека ММФ овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики, како што тврди министерството за финансии, напротив, ММФ е тука за да им помогне на земјите - членки кои имаат проблеми со ликвидноста во меѓународните плаќања. Пред сѐ, доколку се соочуваат со недостаток на пари за финансирање на надворешни долгови. Да претпоставиме дека се бара многу висока каматна стапка за рефинансирање на надворешниот долг, тоа може да доведе до такво зголемување на обврските што земјата ќе стане несолвентна. Да речеме, како што беше случајот со Југославија во деведесеттите години на минатиот век (Владимир Глигоров) – пишува Хајредини.

Согласно податоците кои ги објавува Министерството за финансии, нивото на јавен долг заклучно со крајот на месец јуни изнесувал 7,2 милијарди евра, или во проценти 55,4 отсто. Табелите кои ги објавува министерството покажуваат дека номинално вредноста на задолжувањето постојано расте, особено последниве години со почнувањето на пандемијата, но кај процентот на задолжувањето има намалување од 60,8 отсто колку што било на крајот на 2021 година, на 55,4 процнети во вториот квартал годинава. Сепак, вредноста на задолжувањето на крајот на минатата година била 7,1 милијарда евра, додека на средината од оваа година 7,2 милијарди евра. Во следниот извештај ќе видиме колку точно достигнало задолжувањето со новите позајмици кои беа објавени деновиве.

П.О. 

Можеби ќе ве интересира

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка

CGTN-GLOBAL SOUTH VOICES: „Прекумерен капацитет или страв од подемот на Кина?“

CGTN-GLOBAL SOUTH VOICES: „Прекумерен капацитет или страв од подемот на Кина?“

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот