Шест каратисти на „Макпетрол“ меѓу наградените млади спортисти од Град Скопје
Објавено во: Мои пари 25 Декември, 2024
Карате клубот „Макпетрол“ со шест свои членови се најде меѓу добитниците на награди за најдобри спортисти што ги доделува Град Скопје. Во категоријата „Најуспешни спортисти во младинска категорија“, меѓу десетте најуспешни влегоа три припадници на скопската екипа.
Второто место му припадна на каратистот Стефан Стојановиќ додека третата награда ја освои Витомир Трајковски. Листата од десет најуспешни ја комплетира Данило Божовиќ. Во сениорска категорија, листата од десет најуспешни спортисти ја комплетираа каратистите Петар Заборски, Симона Заборска и Петар Спасеновски, сите дел од екипата на „Макпетрол“
На свечена церемонија во големата сала на Советот на Град Скопје, официјално беа доделени наградите за најуспешните спортистки, спортисти и тренери на Град Скопје за 2024 година. Оваа важна манифестација беше организирана од Сојузот на Спортови на Скопје под покровителство на Град Скопје.
Годинава, на светската карате лига серија А во Атина, Петар Заборски освои бронзен медал, додека со злато се закити на Европската Универзијада во Мишколц. Витомир Трајковски на Европско првенство за кадети, јуниори и У21 во Тбилиси освои второ место, а на Балканското првенство за сениори во Подгорица се пласира на третата позиција. Стефан Стојановиќ, меѓу другите одличја, во 2024 година се закити со бронза на Светското Првенство за Кадети, Јуниори и У21 во Венеција.