Шестиот кат во домот „Пелагонија“, лавиринт без излез!
Објавено во: Мои пари 07 Декември, 2013 08:53
“ Војната кога беше во 2001-вата кога буквално не истераа од Лешок, па и од Непроштено и уште неколку околни села, не знаевме што точно ни се случува. Со соседите Албанци, живеевме мирно и спокојно со години. Нашата куќа на крајот од селото, беше на само неколку минути од соседното село Слатина, населено со албанско население. Никогаш немало проблеми. Кога почна конфликтот, бевме избезумени, во шок, кој трае и денес. И, денес се чувствувам како да сум во некој лош сон. Ах, што се ни се случи, мислам дека и змијата под каменот не го поминала!
Ние во Лешок имавме две куќи, едната од 200 квадратни метри, огромен имот од 2 хектари плодна земја, продавница од 100 квадрати, магацини, автомобил, механизација за земјоделие. Произведувавме компир, грав и плус работев во продавницата. Во Лешок велат “човек раѓа”. Земјата е плодна, обработлива од мерак да работиш. Имавме ниви полни со костени, ливади да ја одмориш душата и мозокот. Во Лешок природата се заборавила од давање, мислам дека тие што еднаш биле таму, ќе ме разберат со која радост а и горчина се сеќавам на мојот крај. Приходи имавме максимални, си ги плаќавме редовно сметките и давачките. Мојот син тогаш имаше пет години. И, се изгледаше како нормално македонско семејство, кое живее едноставен но богат живот, исполнет со радост, среќа и благосостојба. Немавме проблем ниту со пари, ниту со храна, а фала богу и со здравје. И тогаш, светот како да се сруши врз нас. Влеговме во воена зона, да речам, ниту криви ниту должни. Успеавме да земеме што може да се понесе, нешто пари, облека и храна и заминавме присилно во Скопје, незнаејќи каде следно ќе не однесе патот”-вели Јулијана Томовска.
Горчината во душата, за нив трае и денес. Битката за да се докаже правдината ја водат со институциите повеќе од осум години. Правдата ја бараат и во Стразбур, бидејќи како што вели, денес е добро да бидеш се, само не чесен.
“Нас државата не не познаваше како семејство Томовски до воениот конфликт од 2001-вата, освен кога требаше да се даваат пари за политички кампањи. Тогаш, ќе ве најдат. Дванаесет години јас, сопругот и мојот син кој за некој месец треба да наполни 17 години, живееме како во логор. Во една соба, тука да јадеш, тука да пиеш, да спиеш. Зарем за нас нема празници, Нови години, пријатели, роднини, да ти дојдат на гости, да те посетат, но каде? Во една соба на детето му помина детството, и да страда како дете за едно чоколадо.
Во нашата куќа во Лешок, денес не живее никој. Бевме неколку пати, како објект стои, но во неа нема ништо, нема струја, нема вода. Беше уништена и ограбена до темел. Ние ја тужевме државата за надокнада на штета, и судијката која правеше вештачење ни наложи да ја санираме куќата, бидејки штетите после тоа нема ништо да ги признае судот. Од тие причини бевме приморани да ја средиме, сменивме врати, прозори и кровот, грев е да речам, не беше запалена, само уништена и ограбена, но сепак и по санирањето нема услови за живот во куќата. Објектот си стои така. Не знам што подразбираат под основни услови за живот надлежните, кога ни кажуваа –па имате основни услови! Ние немавме пред конфликтот, основни, туку супер услови за живот во Лешок. Многу ли е да си ги бараме само тие услови кои сме ги имале? Од 2003 -та ни е прекината храната во домот, ни рекоа дека ја реконструирале и опремиле куќата за да се вратиме. Но што ќе правиме со празни ѕидови и соби? Во полупразно село? Во Лешок денес има малку луѓе, повеќето стари или викендици, тук таму со по некој човек. А, ни ветија друго! По многу години, скоро осум, со слободниот пристап до информации, почнавме со собирање на документите. И свативме дека во нашиот случај, секој секого го лажел. Нас не ставија во лавиринт без излез, да талкаме од едно до друго министерство. Немаме здравствено осигурување. А, знаете ли што значи тоа денес?!“
Изгубени во лавиринтите на системот!
Јулијана и Маријан Томовски, од тетовското село Лешок, продолжуваат да ги бараат своите права низ институциите на системот. Иако, како што вели Јулијана, тоа ги чинело цела младост.
“Јас неможам да основам право по ниту еден основ, не работиме со сопругот, имавме дуќан и фирма во Лешок, но во 2006 -та ни го ликвидираа без никаков долг. Должевме даноци за плата и придонеси за еден месец-јули, а тогаш веќе бевме иселени. Затоа ни ги избришаа и денес нигде не постојат фирмите. Во потврдата од Министерството за труд и социјална политика, напишале “Томовски Маријан е директор на претпријатие, без заснован работен однос”. Какво е тоа чудо? Сеуште се чудиме на оваа глупост. Затоа решивме да ја бараме правдата надвор.
Во Стразбур имаме четири тужби, за судење со неразумни рокови, повреда на уставно загарантирани права, нанесена штета. Прифатени се сите, и до 10 јануари следната година, Владата треба да одговори на тужбите по сите основи, со кои е повреден Уставот.Сме чекале многу, ќе почекаме уште еден месец. На судскиот процес за нанесена штета се променија девет судии, и сите во суд мене ме гледаат до денес како чудна, си ги тресат парталите кога ќе ме видат. Јас не се лутам на тие што се бореа во 2001та, тие знаеја што бараат и си добија, се лутам на нашите политичари, кои ми викаа, продај го имотот, купи си стан во Скопје или напушти ја државата”-низ солзи раскажува Јулијана.
Вели дека во своја земја се чувствува како странец. Смета дека и затворениците уживаат поголеми права, имаат редовна храна, здравствена заштита. А, нејзиниот син, нејзината гордост, кој е професионален пливач и ги брани боите на Македонија, за да успее да го прати со македонската репрезентација, морала да позајми пари за потребните лекарски прегледи, неопходни за влез во тимот и за настапот. Досега, раскажува, без работа и без пари живееле од она што успеале да го заштедат од убавиот живот во Лешок, од земјоделие и од работа. Но, броените пари, брзо се трошат. Па денес, тетовското семејство Томовски, живее од ден за ден. Од позајмувања, од добрината на роднините и пријателите.
Одлуката на Старзбур- надеж за иднина!
Јас и моето семејство ја сакаме својата земја. Во неа сме родени, тука ни се роди и нашиот син-завршува Јулијана Томовска. Но, тука ја искусиле и горчината, на како што вели “големата неправда”, да неможеш да бидеш свој на своето. Собата на шестиот кат од студентскиот дом Пелагонија, во скопската населба Кисела Вода, вели, да може да зборува би имало многу што да чуе светот. Верува, дека конечно ќе заврши долгиот судски процес кој го започнале со својот сопруг како 37 и 39 годишни млади луѓе, а денес остареле чекајќи решение, за што платиле прескапа цена-една цела младост! Вели, синот и покрај горчината и јадот, го учам да ја сака својата родна земја, да се гордее кога не претставува надвор,бидејќи силата и храброста е да си најсилен кога ти е најтешко. Кога конечно ќе заврши судскиот процес, Јулијана со семејството, за прв пат ќе го послуша советот на оние кои ја заборавиле во најтешките мигови, ќе ги земе документите во рака, “Па, кај ни очи, таму и глава”-со овие зборови го завршува своето тешко патешествие.
С.Б.
Можеби ќе ве интересира
ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА МИКРОБИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КВАЛИТЕТ НА „АЛКАЛОИД“ ПРИ ОФИЦИЈАЛНАТА ПОСЕТА НА ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА
Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ се под граничните вредности определени со Закон
Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“
Никотински ќесички како модерна еволуција на снус без тутун
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете




