ШТЕРЈО НАКОВ, ДРАГАН НАКОВ... ЌЕ БИДАТ ЧЛЕНОВИ НА ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЛОТАРИЈА“ - со ланската добивка ќе се покриваат натрупаните загуби
Објавено во: Економија 30 Мај, 2023
Штерјо Наков и неговиот син Драган Наков, кој во моментов е и директор на шпедитерската компанија „Фершпед“, ќе бидат нови членови на Одборот на директори на „Лотарија на Македонија“.
Нивниот мандат ќе биде шест години и за тие свои функции ќе земаат месечен паушал од по 30 илјади денари.
Промената во раководството е една од одлуките кои ги донело Собранието на акционери на седница одржана пред неколку дена, поточно во петокот минатата недела.
Исто така, компанијата донела одлука целата добивка која што ја оствари лани, на сума од 121 илјади евра, да се намени за покривање на загубите од претходните години, што значи дека акционерите нема да земат дивиденда.
Инаку, треба да се има предвид дека според последната состојба од Централниот депозитар, најголем и управувачки сопственик на „Лотарија на Македонија“ е токму „Фершпед“, друштво за меѓународна и внатрешна шпедиција, додека Митко Димов поседува 10,77 отсто, а самата „Лотарија“, пак, располага со сопствени акции од 9,9 отсто од капиталот на компанијарта.
Притоа, во објавата се наведува дека практично нови членови на Одборот на директори ќе бидат Драган Наков, кој ќе биде независен член, потоа Штерјо Наков, Тодор Сејзов и Стефан Станковски.
Тие ќе треба од нив да изберат еден од нив, кој ќе биде директор на „Лотарија“.
„Мандатот на новоизбраните членови согласно статутот на друштвото трае шест години. Надоместокот за членство на неизвршните директори во Одборот на директори изнесува 30.000 денари месечно“, се вели во објавата.
Натаму, како што се наведува во одлуката од Собранието на акционери, новоизбраните членови на Одборот на директори се задолжуваат да одржат конститутивна седница, на која ќе изберат претседател на Одборот на директори, и ќе определат лице кое ќе биде извршен член, и ќе го носи називот генерален извршен директор.
Инаку, во образложението за избор на нови членови на Одборот на директори, се наведува дека на претходните членови им истекол мандатот.
Акционерите на петочната седница донеле одлука и за распределба на добивката остварена во минатата година, а таа изнесува 121 илјади евра.
„Добивката по оданочување за 2022 година, во износ од 7.466.419 денари (121 илјади евра – н.з.), се распределува за покривање на акумулираната загуба од претходните години“, се вели во одлуката што ја донело Собранието на акционери.
Инаку, според податоците од Берзата, „Лотарија“ во 2021 година има остварено добивка од 105 илјади евра, додека, пак, во 2020 година компанијата имала исто така позитивен финансиски резултат, од 106 илјади евра.
Но, веројатно се наталожила загуба од претходните години, која сега се покрива со позитивниот финансиски резултат.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.