19 Април, 2024
0.2485

Што направија власта и опозицијата да ги натераат граѓаните да гласаат?

Објавено во: Анализа 03 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Денес е последниот ден од изборната кампања резервиран за вториот и решавачки круг од претседателските избори по долгата празнична пауза. Партиите немаа многу време да ги убедуваат граѓаните дека токму нивниот кандидат има подобри квалитети од противникот бидејќи одреден период дури и заборавивме дека се одбива кампања и дека не чекаат избори во недела на 5 мај.

Битката со противникот ќе биде подеднакво важна како и битката да се стигне до магичната бројка од над 40% излезност на граѓаните со цел да се исполни цензусот и изборите да бидат целосно успешни.

Ќе полета ли "метлата"?

Главниот фокус во второто полувреме од кампањата на владејачката СДСМ беше потрошен во убедување на неколку клучни гласачки групи меѓу кои неопределените и независните граѓани кои беа дел од Шарената револуција, а се меѓу најразочараните кои не излегоа на гласање во првиот круг. Премиерот Заев упорно тврди дека пораката е примена и дека веднаш по изборите ќе заигра метлата со владина реконструкција, смена на директори кои не ги исполниле задачите и ги разочарале граѓаните како и неодговорните административци кои ги кочат процесите.

Мицкоски возврати дека не е решението во метлата туку во тој што треба да замети тврдејќи дека премиерот го загубил целиот кредибилитет со неисполнетите ветувања. За доближување до навидум разочараните шарени револуционери Пендаровски излезе и "на мегдан" одговорајќи на нивни прашања убедувајќи дека идеалите од 2016 година не се напуштени.

Исто така СДСМ и Пендаровски одиграа и на картата "лижење на раните" од 27 април повторувајќи дека ако се гласа за Силјановска Давкова исто како да се гласа за Груевски бидејќи таа наводно никогаш не го осудила Крвавиот четврток. Власта се обидува да шири одреден степен на паника дека Груевизмот има шанса да се врати на голема врата и дека тоа ќе ја уназади Македонија и целиот досегашен напредок.

Професорска самоувереност

Гордана Силјановска Давкова водеше многу поперсонализирана продолжена кампања. Професорката најчесто се појавуваше сама на трибини со млади и студенти, а една од нив ја помина и со некогашниот студент на генерација на Јустинијан први. Како своевиден пандан на учесниците во Шарената револуција, Силјановска Давкова се сретна со Левица и актуелниот застапник Апасиев од кого побара поддршка во вториот круг и помош за исполнување на цензусот како главна и поголема заедничка цел. Секако Левица не е голема партија која може да обезбеди огромен број на на гласови, но тактички беше искористен овој потег да му се контрира на Пендаровски. Исто така и  да се покаже дека не може никој да ја приватизира Шарената револуција за свои цели и да ја користи по потреба или на дугме ако така му одговора во актуелната политичка состојба, ниту пак дека неколку активисти може да говорат во името на илјадниците граѓани кои неуморно ги газеа улиците барајќи правда и смена на власта на Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ пак како партија не направи ништо посебно во овие неколку активни дена на кампања, освен што ја продолжија вообичаената приказна за режимот или хунтата на Заев небаре биле десетина години во опозиција и газени и угнетувани од власта. Како опозиција фрлаат со се и сешто против власта и користат слична реторика како СДСМ во 2015 година иако денес имаат слободен пристап за јавни настапи и дебати на сите можни медиуми, никој не води јавни линчови и напади против нив, никој не им се заканува дека ќе ги потрупа со бетонска плоча, никој не ги навредува, оценува и прогласува за предавници, ниту пак има списоци за отстрел на неистомисленици како во екот на пропагандата на Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ пропушта златна шанса да укаже на популизмот кон кој е насочена сега власта давајќи најслатки ветувања. Само со реално лоцирање на вистинските грешки на актуелната власт и дистанцирање од црното минато на претходното раководство на партијата инволвирано во криминал и корупција и сериозни обвинувања за кршење на човековите права и целосна партизација на државата, како и покажување способност за нови политики, само така би ја добиле довербата од неопределените и разочараните гласачи, наместо само од верните симпатизери и тие кои се целосно против договорите со соседите кои ги отвораат евроатлантските перспективи.

Ќе потече ли "Река" од народ?

Професорот Блерим Река како што ја заврши изборната трка така и продолжи во манир на сериозен и врвен политичар. Во единствениот јавен повик по првиот круг Река им порача на 80 илјади гласови кои го доби како што вели за само три недели во политиката, да излезат на гласање во недела и да помогнат да се исполни цензусот, а со тоа и републиката да добие претседател со што се покажува високо ниво на одговорност и демократија. Река не сака да ги убедува своите поддржувачи за кого да гласаат во вториот круг бидејќи нема никакви намери да прави политички пазарања туку ќе го почитува достоинството на секој граѓанин.

Секако, големо влијание би имале и лидерите на опозициските албански партии Алијанса за Албанците и БЕСА кои засега имаат тешка задача да дадат јавна поддршка за Силјановска како опозициска кандидатка. За нив победа на Пендаровски би значело и победа на ДУИ но, не и трагедија бидејќи и натаму ќе може да тврдат дека поддршката од повеќето етнички Албанци е за нив како партии, па така многу е возможно да одат на некаков вид на тивка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. За Алијансата и БЕСА дури и неуспешни избори би биле добро сценарио бидејќи така вината ќе ја префрлат во власта која неуспеала да создаде добри услови за гласачите.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!