25 Ноември, 2024
0.0352

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ ЗА БИТКОИНОТ: НБМ вели, ризичен е, експертите советуваат - пред да вложувате, едуцирајте се

Објавено во: Финансии 10 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Компанијата Тесла и Илон Маск ја кренаа на нозе инвеститорската јавност во светот, како резултат на вложувањето од 1,5 милијарди долари во биткоинот. Оваа криптовалута ја зголеми вредноста до рекордно ниво, што следуваше откако Тесла објави дека планира да дозволи биткоинот да може да се користи и за купување на нивните електрични автомобили.

Вредноста на биткоинот вчераутро достигна рекорд, односно за првпат еден биткоин чинеше 48.000 американски долари, но потоа сепак вредноста на таа криптовалута се намали до 45.600 долари.

Што значи оваа вест за граѓаните во земјава, треба ли и колку тие да се вклучат во вложување во најпопуларната криптовалута, колкави се ризиците што ги носи, Фактор разговараше и со Народна банка на Македонија, како монетарна власт и регулатор на банкарскиот систем на земјава, но и со еминентни економски стручњаци, чија експертиза е токму во доменот на биткоинот.

НАРОДНА БАНКА: БИТКОИНОТ НОСИ РИЗИК, НЕГОВАТА ВРЕДНОСТ МОЖЕ ДА ДОЈДЕ И ДО НУЛА

Од Централната банка на земјава предупредуваат дека во глобални рамки не постои регулатива за крипто-средствата, што важи и за биткоинот, како и дека граѓаните од земјава што планираат да инвестираат во биткоини треба да знаат дека тоа носи голем ризик, како и дека неговата вредност не е гарантирана од некоја централна банка.

„Во глобални рамки, тековно речиси не постои регулатива која го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна. Истои во нашата земја, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средства не е регулирано. Тековно, Народната банка не подготвува одделна регулатива, но се прават анализи и се следат сите глобално актуелни прашања за крипто-средствата, следејќи ги практиките и на централните банки од ЕУ“, објаснуваат од НБМ.

Нагласуваат дека вложувањата во крипто-средства по правило носат висок ризик за лицата што вложуваат во нив, што во голема мерка произлегува од високата волатилност на нивната вредност, а која што е значително повисока споредено со волатилноста, односно со распонот и брзината на движењето на цените на други, финансиски и нефинансиски средства.

„За краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока. Лицата кои би вложувале во крипто-средство треба да бидат свесни дека вредноста на истото може да биде и нула. Тие треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту пак неговата вредност е  гарантирана од некоја централна банка“, објаснуваат за Фактор монетарните власти во земјава.

Од НБМ велат и дека при вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, особено ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење на имот.

„Крипто-средствата не се депозити и не постои механизам преку кој вложувачите ќе бидат обештетени“, велат од НБМ.

 Оттаму објаснуваат и дека тековните анализи упатуваат дека крипто-средствата не креираат ризици по монетарната и финансиската стабилност, но лицата што би вложувале во нив треба да ги имаат предвид ризиците на коишто се изложуваат. Се најавува и дека во следниот период Народната банка ќе објави и подетални видувања околу крипто валутите, вклучително и околу ризиците поврзани со нив.

МИХАЈЛОВ: БИТКОИНОТ ПРВ ПАТ ДОБИ СЕРИОЗНА ПОДДРШКА ОД ГОЛЕМ ИНВЕСТИТОР

На оваа тема Фактор разговараше и со Мартин Михајлов, професор на Економскиот факултет при УКИМ. Го прашавме на што се должи фантастичниот раст на биткоинот, дали само на објавата од Тесла и Илон Маск, или станува збор и други фактори.

„Фактот што таков голем светски инвеститор како што е Тесла реши да го поддржи биткоинот, зборува многу за неговата вредност. Еве да направиме споредба на биткоинот со валутите, иако можеби не е добра таа споредба. Имено, американскиот долар и еврото имаат вредност бидејќи нив ги користи целиот свет, што значи дека имаат голема поддршка, за разлика од, на пример, доларот на Зимбабве, кој нема поддршка и затоа и има мала вредност. Колку нешто има поголема поддршка, толку полесно му се дефинира вредноста. Ова со Тесла е всушност прв пат биткоинот да добие сериозна поддршка од толку голем инвеститор“, објаснува Михајлов.

Дали може оваа крипто-валута да донесе лесна и брза заработувачка, овој професор вели дека граѓаните што во неа ќе инвестираат за да се збогатат, не разбираат за што станува збор. Дали ќе се збогатат, треба да се знае дека тоа е шпекулативна работа, и дека практично, не би можеле сите во исто време да се збогатат.

За разлика од НБМ која предупредува дека вредноста на биткоинот некогаш може да расте, но дека некогаш неговата вредност може да падне на нула, професорот Михајлов  смета дека тоа нема да се случи.

„Јас сметам дека вредноста на биткоинот нема да падне на нула, бидејќи луѓето одлучиле дека ќе го користат и ќе инвестираат во него. На пример, еден касетофон може да нема вредност бидејќи луѓето едноставно веќе не го користат. Нешто нема вредност доколку луѓето од тоа се откажуваат, а во случајот со биткоинот сме далеку од тоа сценарио. За да се откажат од биткоинот, треба да има нешто подобро, а нешто подобро во моментов нема“, вели Михајлов.

На нашето прашање каков совет би дал до граѓаните во земјава, тој објаснува дека давањето совет дали да се инвестира или не во биткоинот е неблагодарна работа. Но, професорот сугерира дека секој кој би одлучил да инвестира во биткоинот, треба малку да се образува за што станува збор.

„Често луѓето кога инвестираат, дали во биткоинот, или на пример на берза, тоа го прават со емоција, и токму затоа што луѓето реагираат емоционално на пазарот, тие можат да изгубат наместо да добијат. На пример, биткоинот пред неколку години се качи до 20.000 долари, а потоа падна до две, три илјади долари, што значи дека некој кој го продал тогаш загубил пари, а некој кој на пример чекал, денес ќе добие многу повеќе пари“, вели овој пофесор.

Нагласува дека биткоинот не е ниту пари, ниту валута, и многу е погрешно така да се третира. Тој всушност со економскиот речник би се нарекол средство.

Дали тоа не е меур кој има опасност во одреден период да се распрсне.

„Меури има секаде. Всушност, крипто пазарот е меур пазар. Секој кој има можност да види до каде е дуењето, може добро да заработи, но малку луѓе ги бидува за тоа. Инаку, правилата за инвестирање се да се купува кога вредноста паѓа, а не кога расте. Всушност, има две категории луѓе – оние кои од тоа живеат и купуваат во постојана надеж дека цената ќе расте, како и луѓе кои сметаат дека ќе има апокалипса и дека вредноста на биткоинот ќе падне на нула. Јас не се согласувам ниту со едните, ниту со другите, мојот став е некаде на средината. Едноставно, треба да се биде внимателен, но треба да знаете дека ако вложувате пари кои ги немате, нема да се збогатите. На пример, ако јас имам илјада евра и ако ги вложам, можам да се надевам дека ќе добијам две илјади. Но, ако сакам со 100 евра да добијам милион, е нереално очекување“, објаснува професорот Михајлов.

Одредени брокерски кругови велат дека во земјава нема официјална статистика колку луѓе од кај нас инвестираат во биткоинот.

„Секој си тргува за себе, отвора сметка некаде на страна, биејќи во земјава тоа не е регулирано. Биткоинот нема еквивалет на реална вредност и затоа тој е релативно шпекулативен финансиски инструмент. Јас сметам дека некој кој парите му се за пензија или за образување на дете, тешко дека би ги вложил во биткоин“, сметаат овие познавачи.

Инаку, биткоинот е првата и најпопуларна криптовалута, а почна да циркулира во 2009 година. Тој е дизајниран да биде ослободен од финансиските власти како што се владите, банките и централните банки. Трансферот се извршува peer-to-peer, што значи директно помеѓу онлајн корисниците без посредници.Биткоинот се заснова на блокчејн технологија која делува како јавен регистар на трансакции и е обезбедена со напредна криптографија која на корисниците им нуди одреден степен на анонимност.Бидејќи не постои централен орган што управува со снабдување, вредноста на биткоинот зависи од довербата на корисниците во неа и досега главно се користеше за шпекулации од страна на финансиски трговци, наместо во реални занаети и исплати.Лани неговата вредност скокна за три пати повеќе, за во јануари да достигне вредност од 42 000 долари, а вчера над 44 000, со тенденција неговата вредност да оди и нагоре, доколку привлече доволно нови инвеститори во неговото купување.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

БОРБАТА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА КЛУЧНА ЗА ПОГОЛЕМИ ПРИЛИВИ ВО ДРЖАВНАТА КАСА – аналитичарите со забелешки за Буџетот за следната година

БОРБАТА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА КЛУЧНА ЗА ПОГОЛЕМИ ПРИЛИВИ ВО ДРЖАВНАТА КАСА – аналитичарите со забелешки за Буџетот за следната година

Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот

Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен