Добивај вести на Viber
Првиот ден кога некој од вработените ќе добие решение за прераспределување, веднаш стапува штрајкот на железничарите, објави денеска синдикатот на МЖ Инфраструктура. Тоа може да се случи и утре или задутре, а ние сме решени и нема сила што ќе не сопре да го организираме штрајкот, велат синдикалците. Тие набројаа редица на нелогични решенија на раководството, кои директно ги задираат работниците, во кое луѓе со 35 годишен стаж во железницата биле прераспределувани како портири во бањи или музеи, а на некои им се спрема решение за работа во Зоолошка градина.
- Бевме известени да се јавиме во секторот за човечки ресурси, каде ни кажаа каде ќе бидеме распределени. Јас сум отправник на возови во Куманово, а треба да работам како портир во народен музеј, изјави еден од вработените.
Друг бил прераспределен во градинка 8 Септември како домаќин.
Железничарите се уште не ги потпишуваат решенијата, бидејќи засега само ги викаат на разговор. Прераспределбата се однесува на сите сектори.
Според информациите на Фактор, веќе е извесно дека сите вработени ќе ја поддржат одлуката да се штрајкува доколку власта почне да ги прераспределува на нови работни задачи.
Вчера доцна попладне , списоците со 90 вработени од МЖ-ИНфраструктура кои ракводството ги смета за вишок, ги испратило во Министерството за информатичко општество и администрација. Веќе точно се знае кој вработен ќе треба да ја напушти железницата и во која инстутуција ќе треба да замине. Извори за Фактор тврдат дека раководството од одделот за човечки ресурси во железницата, вчера ги викало вработените што се на списокот за прераспределба еден по еден, и од нив барало да дадат согласност за ваквиот потег. Дополнително, посочуваат извори од железницата дека на вработените кои не потпишале дека се согласуваат да бидат прераспределни во други институции, им било кажано дека сепак списоците ќе бидат испратени во Министерството за информатичко општество и администрација и оттаму ќе им испратат допис со кој ќе им се каже кога, во колку саат и во која институција ќе треба да одат на работа. Откако ќе го добијат дописот, ако во рок од два дена не се јават на новата работна позиција тогаш ќе останат без работа.
Железничарите се револтирани бидејќи на новите позиции на кои ќе бидат прераспределени, ќе добиваат помала плата од онаа што досега ја имале во железницата. Но, дополнително револтот е уште поголем бидејќи до нив стигна најава дека иако тие ќе треба да ја напуштат железницата сепак на нивно место ќе дојдат вработените од Ремонт на Пруги. Железничарите изјавија дека тие неможат да ги заменат бидејќи не одговараат на нивните работни места.