05 Декември, 2025
0.0279

Шверцувани домати и краставици од Грција го урнаа домашното производство?!

Објавено во: Агробизнис 10 Март, 2016 08:10

Добивај вести на Viber

Производителите на домати и краставици алармираат надлежните институции да истражат кој врши шверц на овие раноградинарски производи од Грција.Производителите на домати и краставици тврдат дека дел од македонските увозници на овие производи, при увозот од Грција во фактурата прикажуваат дека увезуваат портокали, а во камионите има и домати и краставици. Според агробизнисмените, на овој начин тие производи стигнуваат на домашниот пазар со пониски цени бидејќи за портокалите нема царина, а за краставиците и доматите се плаќа царина која што е различна во одреден период од годината.

-Нелојалната конкуренција во континуитет ги руши цените на домашните производители. Ние како производител се соочуваме со зголемени производствени трошоци но и понатаму се трудиме да го одржиме истото ниво на пороизводство. За нас секогаш конкуренцијата претставува шанса за се поголемо докажување и усовршување на пазарот стремејќи се кон постојано усовршување на производствените процеси. Постојано изнаоѓаме решенија како би го направиле производството попродуктивно, се разбира со константен квалитет. Но кога станува збор за нелојалната конкуренција мора да признаеме дека тешко кој може да го издржи тој притисок. Имаме информациија дека во изминатиов период дел од  фирмите увозници во документацијата за извоз приложуваат увоз на портокали за кои трошоците за увоз се многу пониски, споредбено со трошоците за увоз на домати и краставици и како такви практично пристигаат на пазарот кај нас со многу пониски цени на кои ние како домашни производители неможеме да бидеме конкурентни. Ние како производители ја губиме можноста за еднаквост на пазарот во однос на цената, посочуваат од оранжериите „Зелена Куќа”.

До 31 откомври годинава царината за увоз на краставиците и доматите  45 %, плус 5 % ДДВ и прелевман од 0,12 евра по килограм. Пресметките на производителите на раноградинарски производи, и државата губи од нелегалниот увоз бидејќи се остава шанса да бидат ненаплатени царинската разлика која математички пресметано изнесува 18,89 денари по килограм. Според информациите од производителите, на Кванташкиот пазар во Солун цената на краставиците е 0,90 евро центи. Со сите давачки за царина и транспорт, без заработка за увозникот, кај нас цената би требало да биде 85 до 90 денари. Но, на Кванташкиот пазар во Скопје краставиците се нудат по цена од 70 до 75 денари за килограм, што според производителите е доказ дека има шверц.

Производителите велат дека надлежните мора да реагираат, но посочуваат да се изврши и контрола на Кванташкиот пазар.

-Овој шверц не е од сега.Инспекторите треба да проверат што се случува на Кванташкиот пазар, таму се прави најголемиот криминал, нема фискални сметки, се работи на црно , се увезуваат раноградинарски производи од Албанија, Турција и Грција. Треба да се провери каков е квалитеото и безбедноста на тие производи таму, дали знаеме воопшто што се увезува. Ние во моментов можеме да ги покрием потребите на пазарот со домашно производство, но на овој начин директно се уништува нашето домашно производство кое е безбедно и квалитетно. Бидејќи производи доаѓаат од места каде што земјоделците немаат трошоци за греење, а ние имаме, автоматски се поконкурентни од нас. Но кога би влегувале законски и да се царинат по пропишаните царини, тогаш ќе имаат иста цена како нашите производи,вели еден од производителите на раноградинарски проиузводи вцо стакленици, кои сакаше да остане анонимен.

И агроекспертите укажуваат дека надлежните институции треба да превземат мерки за заштита на домашното производство.

-Ваквиот шверц е сериозен удар на нашето производство. Домашните производители имаат големи трошоци за производи, особено во овој период за загревање на стаклениците. Надлежните треба да ги превземат сите мерки што ги дозволуваат законите. Не велам дека треба да се сопре увозот, но треба да има позасилени контроли на тоа  што се увезува.Мора да се стремиме кон заштита на домашното производство, вели агроекономистот Борис Анакиев.

Дали со шверцот значи и небезбеден зеленчукот за јадење?

На граничните премини, освен цариниците,увозот на храна го контролираат и инспектори од Фитосанитарната управа и Агенцијата за храна. Информациите за шверц на домати и краставици го отвораат прашањето за безбедноста и квалитетот на овие производи.

- Шверцот се прави на начин  што во предниот дел на камионот ги товараат производите кои сакаат да ги сокријат, а од задниот дел каде што е достапен за контрола се товараат производите кои се со мали давачки кон  државата, најчесто јужно овошје  и други градинарски култури. Од мое долгогодишно искуство како фитосанитарен инспектор на граничен премин Табановце и поранешен раководите на фитосанитарната инспекција, можам да кажам дека е голема веројатноста тие да се во право. Ако има шверц тоа веднаш се забележува на пазарот според цената на производите на увозните кои се пониски од производната цена на домашното производство, што на  старт е симтоматично имајќи предвид дека за овие производи има високи царини, а дополнително трговецот, увозникот треба да плати и транспорт и други давачка кон државата, односно кон институциите кои се надлежни за контрола на увозните производи. Пратката од увоз составена од земјоделски производи подлежи на три контроли составени од фитосанитарен инспектор, инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство и при истовар на истата, а по претходно пријавена на ЕXИМ системот за контролата на квалитетните својства на производите и декларациите на производите, ја контролира земјоделски инспектор за квалитет. Освен што се загрозува домашното производство со рушење на цената,  најзагрижувачки е фактот што овие производи не се контролираат и граѓаните немаат сознанија со каков квалитет се овие увозни домати и краставици, вели Томе Мојсовски, советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Царинската Управа посочија дека засега дека немаат информација за шверц на домати и краставици, но дека информацијата ќе ја истражат. Од Царина велат дека во овој период, имајќи ja предвид висината на давачките за оваа стока, пратките со раноградинарски производи се предмет на зајакнати царински контроли. Неодамна и заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски изјави дека немаат информација за шверц, но дека доколку се констатира нешто ќе бидат превземени соодветни мерки.

Т.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?