Силјановска Давкова од Мечкин камен: Да се искоренат слабите институции, силни партии и моќни поединци
Објавено во: Македонија 02 Август, 2025 14:58
Претседателката Гордана Силјановска Давкова во својот денешен говор на централната прослава на Мечкин камен повика на единство, на борба против корупцијата и економски напредок. Не пропушти да упати критика до ЕУ за билатеризацијата на процесот на проширувањето и менувањето на правилата на игра.
„Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени“, порача македонската претседателка Сиљановска – Давкова, додавајќи дека македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дека е дојдено време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
„Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив“, рече Давкова.

Во обраќањето ја критикуваше Европската Унија( ЕУ) истакнувајќи дека во изминатиов период дозволиле билатеризација на процесот за проширување како и дека честопати ги менувале правилата според кои една земја кандидат треба да се исполнува услови за членство во неа. Таа ја обвини ЕУ дека има двојни аршини во пристапниот процес.
„Легитимно е прашањето дали и колку денешната Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата на старата одмината Европа како да не се далечно минато или како да осамануваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и демократскиот дефицит,“ рече Давкова.
Претседателката се осврна и на пожарите и справувањето со нив, па во духот на илинденците порача дека : „Републиката ни е во пламен“.

Смета дека за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите.
„Мора да ставиме крај на дивите депонии и нивното палење, имаме потреба од длабоки суштински реформи во сите сфери по европска мерка“, додаде македонската претседателка.
Сиљановска Давкова изјави дека Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.

„Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа“, порача таа.
Претходно, тааположи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и присуствуваше на панихидата во храмот „Св. Никола“.
Можеби ќе ве интересира
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми




