Сите досегашни премиери: Прв и последен беше Никола. Кој е следниот?
Објавено во: Македонија 17 Декември, 2016
Премиер на Македонија се уште е
Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тој ни се појави во јавноста, ниту пак се
огласи по изборите на 11 декември. Иако технички премиер, сепак речиси една година
е претседател на Владата и формално им е шеф на министрите. Наместо Димитриев,
како и во целиот негов премиерски период, главната улога ја има лидерот на
ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Никола Груевски маратонец, Црвенковски на второ место
По составувањето на новата Влада, Македонија ќе го добие деветтиот премиер. Од независноста најмногу мандати како премиер имал Никола Груевски, кој од 2006 до почетокот на 2016 четири пати составуваше влада по изборите во 2006, 2008, 2011 и 2014 година. Зад него е поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој беше премиер од 1992 до 1994, па потоа од 1994 до 1998 и од 2002 до 2004 година. По еден мандат имаа Никола Кљусев, како прв премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски. Радмила Шеќеринска од СДСМ, во два кратки наврати беше вршител на должност и последниот, Емил Димитриев, кој е технички премиер се до составување на новата влада.
Сите досегашни премиери
Никола Кљусев 27 јануари 1991 до 17 август 1992 (непартиски, експертска влада)
Бранко Црвенковски 17 август 1992 до 30 ноември 1998
Љубчо Георгиевски 30 ноември 1998 до 1 ноември 2002
Бранко Црвенковски 1 ноември 2002 до 12 мај 2004
Радмила Шеќеринска 12 мај 2004 до 2 јуни 2004 (вршител на должност)
Хари Костов 2 јуни 2004 до 18 ноември 2004 (непартиски)
Радмила Шеќеринска 18 ноември 2004 до 17 декември 2004
Владо Бучковски 17 декември 2004 до 27 август 2006
Никола Груевски 27 август 2006 до 14 јануари 2016-12-16
Емил Димитриев 15 јануари 2016 до денес
Осуден, обвинет, пензионер, бугарски државјанин
Првиот премиер, Никола Кљусев, почина пред 6 години. Тој беше првиот премиер на првата експертска Влада на Република Македонија во периодот од 1991-1992, како и министер за одбрана во Владата на Љубчо Георгиевски.
Бранко Црвенковски по премиерската функција, политичката кариера ја заврши како Претседател на државата. Тој по завршувањето на мандатот, во 2009 година, повторно застана на чело на СДСМ се до доаѓањето на Зоран Заев во 2013 година.
Љубчо Георгиевски, на чело на Владата беше од 1998 до 2002 година. На последните избори повторно се бореше за место во Парламентот, заедно со коалицијата ВМРО за Македонија, но не успеа да освои ни едно пратеничко место. Во негово време се случи воениот конфликт во 2001 година, а остана запаметен и по бугарското државјанство кое го зема во 2006 година.
Банкарот Хари Костов, во премиерската фотелја доаѓа како непартиска личност, по изборот на дотогашниот премиер Бранко Црвенковски за претседател на државата. Костов формира влада на 2 јуни 2004, но набрзо, на 15 ноември истата година, тој поднесе оставка, по што Собранието за нов премиер го избра Владо Бучковски.
Владо Бучковски на функцијата останува до август 2006-та. На 1 август 2007 година против Бучковски е поднесена кривична пријава поради злоупотреба на службената должност и нанесена штета од три милиони евра на касата на Министерството за одбрана, извршени во 2001 година кога Бучковски беше министер за одбрана. Во 2008 е осуден на 3,5 години затворска казна. Но, казната не стана правосилна. Предметот Тенковски делови трае девет години и три пати се враќа на повторно судење.
Никола Груевски е маратонецот во Владата. Тој таму се задржа 10 години, но станува неизвесно неговото враќање на тронот. Иако по прелиминарните резултати од изборите на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ е во водство, сепак конечните резултати од Државната изборна комисија ќе се соопштат по разгледување на сите приговори. Сепак, освоениот број на мандати не е гаранција дека Груевски ќе формира Влада. Никола Груевски е вториот премиер во Македонија, после Бучковски, против кој се води судски процес. Тој е обвинет во предмет на Специјалното јавно обвинителство за насилните протести во општина Центар пред три години.
Кој ќе биде следниот премиер?
Најверојатно новиот премиер ќе го добиеме на почетокот на 2017 година. Фаворити се Зоран Заев и Никола Груевски. Но, во игра се повеќе сценарија. Влада, концентрациона влада или техничка влада.
М.Ј.