СИТЕ ГО САКААТ „НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО“ ПРОДАВАЧОТ - убедливо најбарано занимање во Македонија, еве кои се другите слободни места
Објавено во: Економија 06 Февруари, 2024
Ако некогаш се бараа многу поквалификувани и „познајни“ профили на кадри за пополнување на работни места, денеска тоа воопшто не е случај. Напротив, денеска она што најмногу се бара за вработување, е дефинитивно неговото „височество“ продавачот.
Според најновите податоци од анкетите на Агенцијата за вработување, во моментов се бараат убедливо најмногу продавачи, од сите можни други видови на персонал.
Или, од сите маркети, продавници, бутици и синџири за продажба на облека, во моментов во земјава се бараат 506 лица, убедливо најмногу од сите други.
Колку многу продавачите се барани занимања може да се види и од фактот што компаниите кои работат во трговската дејност буквално ги исцрпеа речиси сите невработени кои постоеја на листите за вработување и тоа и дури и оние постарите кадри, на кои ова можеби им е прво вработување, но и многу млади лица чии труд е дозволен, а кои се ангажираат парт тајм, по неколку часа во текот на денот.
На огласите за вработување многу често за овие работни места се нудат и бонуси за остварени продажби, како и одредени други бенефиции, со цел да се привлече ваков тип на персонал.
По занимањето продавач, на второ место следува општиот работник, категорија за која се бараат 374 вработени.
Третото и четвртото место на барани занимања се резервирани за хигиеничарите, и тоа оние кои работат на одржување на компаниите, и оние кои се ангажирани по домовите. Па така, како хигиеничар на производствени-работни простории се слободни 367 работни места, додека како хигиеничар на станбен и деловен простор се бараат 331 лице.
Како возачи на камиони се бараат 253 лица, а додека како административни службеници има побарувачка за 194 лица.
Следуваат шивач, келнер, магационер, возач на товарно возило, контролор на линија, возач на такси, тесар, составувач на пластични производи и слично, како занимања кои се најмногу потребни.
И кога станува збор за дејностите во кои има најмногу слободни работни места, на прво место е убедливо трговијата и тоа и на големо и на мало, каде во моментов постојат 1.230 работни места кои се слободни и на кои може да се најде вработување.
Следуваат административни и помошни услужни дејности, со слободни 1.114 слободни места, а на третата позиција е преработувачката индустрија, со слободни 1.105 работни места.
Дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна се повеќе се наметнува како дејност на која и требаат работници, а во моментов таму како слободни се отворени 762 места, по што следува транспорт и складирање, со слободни 667 места.
Слободни работни места има и кај дејноста градежништво, непознат сектор, информации и комуникации, уметност, забава и рекреација, финансиски дејности и дејности на осигурување и слично.
Н.Н.Ф.
Фото: ЕПА
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.