СИТЕ ПАРИ ЗА ТЕНДЕРИ КАЈ НЕКОЛКУ ФИРМИ: ЕСМ, ТИРЗ, ЈПДП со свои „омилени“ оператори
Објавено во: Економија 30 Август, 2024 07:50
АД Електрани на Македонија дури 60 отсто од предвидените пари за јавни набавки во 2023 ги дал кај шест „омилени“ фирми-тендерџии. Ова го покажува објавениот извештај „црвени знамиња“ на Бирото за јавни набавки. Санува збор за несразмерна, или висока концентрација на доделени тендери кај мал број економски оператори.
ЕСМ парите за тендери ги „сконцентрирал“ најмногу кај Марковски Компани, фирмата која врши ископ и набавува јаглен, каде што отпаднале 35,02 отсто од потрошените средства за договорни услуги. Марковски Компани добил тендери во висина од 53 милиони евра. Преостанатите пет фирми се Спектартермо (13 милиони евра), Ел Те Инженеринг (6,2 милиони евра), Браинкоде (6 милиони евра), Виена Иншуренс (5,7 милиони) и АД Факом (5,35 милиони). За Спектартермо во извештајот пишува дека добил три големи тендери со директно преговарање, односно без објавување на оглас, додека Браинкоде е буквално фирма-фантом за јавноста, откако за прв пат ги доби тендерите за адитиви.
„Концентрации“ со „омилени“ оператори правело и Јавното претпријатие за државни патишта, со 75 проценти од вредноста за јавни набавки кај шест претпријатија, а број еден е ИРД Инженеринг, консултантот за изградба на проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, со 27 милиони евра и АД Гранит со 26,5 милиони евра. Дури 48 отсто од вредноста на склучените договори на годишно ниво на ЈПДП се сконцентрирани кај овие две фирми. Понатаму следуваат АД Илинден Струга (12,3 милиони евра), Жикол (8,5 милиони евра), ЕДС (7,8 милиони евра) и Битем (3,8 милиони).
Убедливо „најдобар“ на ова поле е Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони со повеќе од 90 отсто од вредноста на договорените тендери кај само три компании. Тука е битолскиот Стентон со 29 милиони евра за изградба на придружни објекти за фабриките во индустриските зони, Зобек Мининг со 8 милиони евра за подготовка на новите зони и Жикол со околу 3,7 милиони евра.
Над 75 отсто од предвидените пари за јавни набавки „во тесен круг“ договорил Град Скопје и тоа со шест оператори. Убедливо најмногу за градежната фирма за нискоградба Бауер БГ со повеќе од 8 милиони евра или 45 отсто од вкупната вредност на склучени тендери во 2023. Договори имало и за ЕДС (3,3 милиони евра), Нексос Инженеринг (1,05), Хорти Експерт МК (900.000), Филип Инженеринг (700.000), Еос Е.Е (55.000).
Слични „концентрации“ правеле и Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Министерството за образование и наука, МВР и Министерството за здравство.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




