Сите партии да се заложат Националната развојна стратегија да го положи тестот на времето
Објавено во: Македонија 21 Декември, 2023
Продолжуваме со серијата интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.
ВМРО ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, активно се вклучи во процесот на креирање на Националната развојна стратегија, и преку пратениците во Собранието, но и преку учество на визионерските работилници кои се одржуваа изминатата година. Колку е важно креирањето на еден ваков стратешки документ кој треба да придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во следните 20 години?
ВМРО – ДПМНЕ е партија на која развојот на државата, подобрите услови за живот на нашите сограѓани биле и секогаш ќе останат врвен приоритет. Реформи мора да постојат. И во минатото ВМРО – ДПМНЕ спроведе реформи кои имаа исклучително позитивен развој на нашата држава. Активно се вклучивме во креирањето на Националната развојна стратегија на државата за наредните 20 години, заради тоа што имаме јасна визија како треба да се развива државата и заради тоа што првпат се носи еден ваков документ во Р. Македонија. Документ кој треба да биде патоказ по кој во иднина ќе се движи нашата држава. Стратешки документ кој ќе биде водилка за идниот развој на нашата татковина. Донесувањето на ваква стратегија е од огромна важност за државата и пред сè во изготвувањето треба да се пристапи со голема посветеност, сериозност, да се детектираат сите проблеми за да може да се постави јасна стратегија за иднината на нашата држава. Нормално, ова не е Библија, па да не може во иднина да претрпи некакви промени затоа што станува збор за многу долг временски период, наредните 20 години. Ќе мора да се следат сите предизвици со кои ќе се соочува Македонија, а и приоритетите се менуваат.
Една од премисите на Националната развојна стратегија е конечниот документ за визијата и иднината на државата да биде консензуален и надпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен. Дали процесот на подготовка на стратегијата овозможи да се постигне оваа цел?
Кога станува збор за еден ваков стратешки документ од огромна важност е да се донесе со консензус. Јас учествував на неколку од работилниците на кои се работеше на содржината на стратегијата, бев дел од јавните расправи кои се организираа во Собранието и со сигурност можам да кажам дека сите погоре наведени критериуми од Ваша страна овој документ ги исполнува.
Кои се според вас клучните области од стратегијата на кои како држава треба да се фокусираме во наредните пет години?
Реалната состојба во нашата држава е многу лоша буквално на секое поле. Незадоволството на граѓаните јасно се гледа во континуитет и не смееме да замижеме пред сите овие проблеми. Впрочем, овие проблеми можевме да ги слушнеме и на сите работилници. Затоа, ќе работиме да создадеме подобри услови за живот, нови работни места за да ги задржиме младите во Македонија. Ќе работиме на создавање подобри услови за развој на економијата. Подобрување на состојбите во образованието, здравството, во земјоделството. На тоа граѓаните да се чувствуваат безбедни во својата земја. На промоција и зачувување на културата. Мора да направиме сè да ја смениме перцепцијата за важноста на екологијата и здрава животна средина. На подобрување на инфраструктурата на територијата на целата држава. И најважно од сè, на искоренување на корупцијата. Ако сакаме да одиме напред, мора да се најде начин да се спроведат реформи во секоја од погоре споменатите области уште веднаш.
Станува збор за сеопфатен и долгорочен стратешки документ, чија имплементација ќе се протега низ период од 20 години, време за кое ќе се менуваат носителите на одлуки во државата. Сметате ли дека Националната развојна стратегија ќе го положи тестот на времето?
Сметам дека сите политички чинители во државата мораме да се вложиме овој документ да го положи тестот на времето. Овој документ треба да биде и обврска и одговорност за секој кој ќе биде на власт, без разлика дали станува збор на централно, или локално ниво. Мора да се промени политиката на размислување, а проекти кои што се започнати, или завршени од една владејачка гарнитура треба да имаат континуитет и да продолжат да се реализираат од страна на друга која што ќе дојде на власт. Сметам дека не смее во иднина да се дозволи проекти кои се важни за граѓаните да се чуваат во фиока по 6 – 7 години заради задоволување на нечија суета, а со тој проект би се подобрил животот на луѓето во некој град или некое село.
Кои се вашите предлози за успешна имплементација на стратегијата и нејзино прифаќање од сите политички чинители како натпартиски документ кој се фокусира на заедничко добро и напредок на сите граѓани, без оглед на нивната партиска, етничка или каква било друга припадност?
Како што веќе споменав, во изработката на стратегијата учествуваа најголем дел од политичките чинители во државава. Повеќе од 5.000 граѓани низ цела држава. Дури се работеше, никој не споменуваше ни политичка, ни етничка, ни религиска припадност затоа што проблемите со кои се соочуваме се за сите исти. Како што се изработуваше, да се имплементира и можеби најважното е да постои отчетност во секој сегмент на реализацијата на овој стратешки документ.
ПР објава* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.