СИТЕ ПАТИШТА КОН ВЕВЧАНИ: Од каде се дојдоа туристи за Вевчанскиот карневал?
Објавено во: Македонија 15 Јануари, 2019 06:53
Неколку илјади гости од Македонија, туристи од Србија, Словенија, Германија викендов уживаа во Вевчанскиот карневал.
Тие имаа можност да погледнат повеќе од 1.000 поединечни и групни маски. Угостителите се задоволни од посетеноста. Додаваат дека од година во година бројката на гости се зголемува, а има и такви кои повеќе од една деценија редовно доаѓаат во Вевчани. Да имаше пет пати повеќе капацитети, ќе имаше место за сите, велат луѓето кои издаваат соби.
„Имавме гости од Македонија, Србија, Словенија. Аранжманите се за 2 или 3 дена. На луѓето им се допадна програмата, а има и гости кои 15 години по ред доаѓаат за карневалот. Убава е целата атмосфера со дефилето на маски. Дополнително се слави и Стара Нова година во овој период“, вели Јованка Кукоска, менаџер на хотел Премиер.
Од Вила Алула во Вевчани додаваат дека имале гости од Србија, Германија, Македонија.
„Гостите ќе останат 3 до 4 дена во Вевчани, а првенствено доаѓаат поради карневалот. Има и такви кои не доаѓаат прв пат, туку доаѓаат со години. Сите угостители во Вевчани треба да бидат задоволни. Оваа година имаше повеќе посетители од минатата година“, додаваат оттаму.
Трајанка Радиноска од Апартмани Вевчани вели дека се барало место повеќе.
„Беше раздвижено, јас имав гости од Македонија, но и на самиот ден на карневалот се јавуваа луѓе, бараа сместување“, рече Радиноска.
Деновиве Вевчани беше домаќин на повеќе од 10.000 гости кои го посетија Вевчанскиот карневал од различни земји, велат од локалната самоуправа.
„Секако најмногу посетители имавме од Македонија и земјите од соседството и регионот, но и од различни европски земји, па дури и од Јапонија и прекуокеанските земји, од кои дел воедно се придружија со маски на карневалската поворка. Поради уникатноста, оваа манифестација е секоја година привлечна за голем број посетители, а точно е дека последните неколку изданија на манифестацијата се вбројуваат меѓу попосетените досега, за што покрај атрактивната програма, разбирливо придонесува и тоа што датумите на Вевчанскиот карневал се за време на викенд кога повеќе гости се во можност да го посетат карневалот и не ја пропуштаат таа прилика“, изјавија од Општина Вевчани.
Вевчанци се пошегуваа со актуелните политички случувања, со екс и актуелниот премиер, Никола Груевски и Зоран Заев, со осумте пратеници кои гласаа за отворање на Уставот и слично. Карневалот традиционално завршува со палење на маските.

Вевчанскиот карневал е настан кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Тоа е карневал кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Настан на кој му се восхитуваат илјадници странски посетители секоја година збогатен со неговата културна и историска вредност.
Сања Атанасовска
Фото: Општина Вевчани
Можеби ќе ве интересира
Отворен граничниот премин Богородица по четири часа блокада
Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите
МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани
„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите
Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија
СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“
Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески
ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро
ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца




