СЈО го „лови“ врвот на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 01 Март, 2017
СЈО го „лови“ врвот на ВМРО-ДПМНЕ
Случајот „Титаник“ беше првиот кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Почна со осум осомничени за изборни нерегуларности, а сега во истрагата се опфатени уште 17 нови лица од ВМРО-ДПМНЕ.
„Истрагата под кодно име Титанике проширена против 17 нови лица за кривични дела против изборите и гласањето за кои постои основано сомневање дека се сторени во периодот од 2011 до 2014 година, од кои 5 од осомничените лица делувале како создатели на групата, а се работи за функционери во власта, а останатите осомничени се членови на групата, а кои се вработени како службени лица во повеќе државни органи. Основаното сомневање произлегува од повеќе необјавени аудио записи, како и од поголем број на материјални докази“, обелодени обвинителката Катица Јанева.
Таа не сакаше да ги открива нивните имиња, иако во медиумите се појавија три имиња од самиот врв на партијата.
Овие 17 членови на ВМРО-ДПМНЕ и нивни соработници, ќе и се придружат на групата на екс министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, и на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.
Тие се осомничените за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Специјалното обвинителство тогаш наведе дека министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.
„Титаник“ плови од 2012 година
Криминалните дејствија, според истрагата на СЈО, не враќа во 2012 година, кога осомничените користејќи ги своите функции и привилегии, создале група која имала цел преку злоупотреби, насилство, поткуп, носење лица од странство и незаконско финансирање да ги осигураат изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ преку целосно криминализирање на изборите.
„Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и со вметнување во избирачкиот список на лица кои по никоја основа не смеат да бидат вметнати. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму и таму гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и до улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет“ рече обвинителката Фатиме Фетаи.
МВР-ВМРО
Во центарот на изборните манипулации, според специјалните обвинителки, било Министерството за внатрешни работи, чија тогашна министерка, Гордана Јанкулоска, ја „впрегнала целокупната човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа“.
За сето тоа, огромен дел од финансиската поддршка била обезбедена преку незаконити и непријавени извори на финансирање.
Јанкулоска во текот на една година неколку пати беше на распит во СЈО и постојано ја повторува истата реченица – дека не е виновна, а СЈО нема кредибилитет и работи по налог на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Иако нејзиниот глас остана да одѕвонува од „бомбите“ на опозицијата во чии разговори таа за Министерството за внатрешни работи вели дека е претворен во МВР-ВМРО.
Од разговорите кои беа објавени во јавноста, главен координатор на партиските активности поврзани со изборите е екс министерот Јанакиески. Тој дава насоки од тоа во кои згради треба да се заглават лифтови за да не може граѓаните да излезат на гласање, преку организирање на авионски летови за гласачи од странство, па се до изнудување на сигурни гласачи, уцени на неподобни, до обезбедување на лични карти и отворање на избирачки материјал пред гласање.
Ј.М.