СКМ: Милионите од ЕИБ ќе ни ја подобрат ликвидноста

Објавено во: Економија 11 Јули, 2012 21:31
Новите евтини кредити во висина од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка доаѓаат во вистинско време и ќе придонесат за подобрување на ликвидноста на фирмите и за раздвижување на економијата, оценуваат економски експерти и бизнисмени.
Според професорот Томе Неновски, кредитната линија е мултивитаминска инјекција за економијата во овој кризен период, која ќе значи заштита на ликвидноста на фирмите, но и раздвижување на економијата.
- Новата кредитна линија во висина од 100 милиони евра очекувам да дејствува првенство на заштита на ликвидноста на економските субјекти, посебно на малите и средните претпријатија за кои е насочен и определен најголемиот дел од оваа кредитна линија. Тоа ќе ја заштити ликвидноста, меѓутоа, од друга страна, самата ликвидност ќе значи и раздвижување на одредени делови на економијата што ќе имаат соодветно мултипликативно дејство врз останатите соодветни партнерски делови од областа на економијата, што во целина ќе делува како една мултивитаминска инјекција за економијата во овој кризен период, изјави професорот Томе Неновски.
Тој истакна дека тоа не може да дејствува само по себе и оти сега компаниите треба да ги искористат средствата. Парите, вели, не се ставени некаде на тезга каде што секој може да ги земе и кога ќе посака, туку сега фирмите треба да дојдат до израз со презентирање или пак со брзо подготвување квалитетни проекти врз основа на кои ќе можат да повлечат соодветен дел или што повеќе или пак целата кредитна линија и на тој начин да се изврши освежување на економијата.
Очекува одредени инвестициски ефекти што во целина не мора да значи некој силен инвестициски бум или некој силен развој на економијата, меѓутоа, како што вели, ќе биде она што е најдобро во овој период, што е можно поголема заштита од се уште присутното негативно дејство на светската економска криза.
Неновски порачува дека колку побргу се искористат средствата толку побргу ликвидноста ќе се санира, толку побрзо ќе имаме мултипликативни ефекти врз одредени делови на производството, трговијата, угостителството... - Тие го слушнаа ова уште пред месец и пол од кога се упатуваше повик до претпријатија да ги подготват своите проекти онака како што им треба, што значи тие во меѓувреме би требало на тоа да работат. Многу ќе е непријатно ако сега кога кредитната линија е на располагање се наоѓаат на користење годишни одмори и да го прескокнат летово без да имаат подготвени проекти и повторно во септември или октомври да слушаме како имаат влошена ликвидност, дека им требаат средства, а средствата не се искористени, меѓу другото, и поради немање проекти, посочи Неновски.
Од Сојузот на стопански комори оценуваат дека средствата од кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка ќе им бидат на располагање на малите и средните претпријатија токму навреме како што било предвидено и најавено.
- Ќе придонесе значително за подобрување на ликвидноста на претпријатијата, но исто така и за ефектуирање на одредени инвестициски и развојни проекти што се планирани од претпријатијата, а не можеле да се остварат како резултат од недостатокот на финансиски средства или, пак, поради скапите финансиски средства, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.
Оттаму сметаат дека условите под кои ќе се земаат средствата со субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години се поволни и ќе бидат искористени од малите и средните компании за основни средства или пак за трајни обвртни средства.
Средствата од кредитната линија од ЕИБ во износ од 100 милиони евра се достапни од вчера. Фирмите ќе ги добијат по исклучително поволна, субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите ќе поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК банка и Халк банк.
Кредитната линија е продолжение на претходните две кредитни линии што ги доби Македонија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) кои беа во функција на заштита на ликвидноста на македонската економија во услови на светска економска криза.
Можеби ќе ве интересира
„НАМАЛУВАЊЕТО Е НАД 1.000 ДЕНАРИ, МОЖЕБИ И НАД 1.500“: Ристески објави дека се финализира просечна потрошувачка кошничка

ТРАМП ГИ ПАУЗИРАШЕ ЦАРИНИТЕ НА 90 ДЕНА - но Кина е исклучена, кон нив се зголемија на 125 отсто

ОДМАЗДАТА НА БРИСЕЛ: ЕУ му возвраќа на Трамп со марамчиња, машнички и женски неглижеа од Кентаки - еве кои производи се на листата

ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ РИПНАЛЕ ЗА СКОРО 20 ПРОЦЕНТИ ЗА ЕДНА ГОДИНА - продолжува поскапувањето на имотите

ТАРИФНАТА ВОЈНА СЕ ВЖЕШТУВА: Европските земји ги увоија контрамерките - ЕУ удира врз Америка

Како до повеќе инвестиции во зелена енергија – Министерката Божиновска за амбициозните планови на Македонија на ЕСГ Адриа самитот во Тиват

Некогаш беше „златна кокошка“ на Скопје, сега има рекордна загуба од 4,2 милиони евра

СЕ РАЗГОРУВА ТРГОВСКАТА ВОЈНА: Кина со контраудар, воведува царини од 84 отсто на стоки од САД
