26 Април, 2024
0.0265

За Скопје 2014, Ѕвездан Георгиевски: идеолошко-политички инжинеринг за антиевропското расположение на власта!

Објавено во: Анализа 28 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Во случајот на „Скопје 2014“ првин е поставена вештачката теза дека за вкусовите не се расправа (која, патем речено, е и погрешна, бидејќи во тој случај не би ни постоела, на пример, естетиката, науката за убавото), чија основна замисла е да се избие контра-тезата дека за невкус задолжително треба да се расправа. Како и да е, поставена е стапица (или „спин“ како што денес би се рекло во медиумскиот новоговор) за „Скопје 2014“ да зборуваме како за уметничко дело! Без оглед на дигнитетот, интегритетот и квалитетот на скулпторите, архитектите, леарите, градежниците и сите останати што се појавуваат како автори или учесници во овој мега-проект, за него никако не смее да се зборува како за било каква уметност, па макар била таа и лоша. Вториот наметнат спин е оној за потрошените пари. Без оглед дали за „Скопје 2014“ се потрошени 208 милиони евра во последните шест години или цели 600 милиони, колку што се движат некои процени, за држава која има годишен буџет од речиси три милијарди евра, да бидеме, искрени тоа и не е некоја особена цифра. Значи, тврдиме дека Македонија може себеси да си дозволи по околу сто милиони евра годишно и за вакви мастодонти, како што е овој проект. Меѓутоа, коската со вкусовите и парите е веќе фрлена и сите глодаме од неа и околу неа, заобиколувајќи ја (или негледајќи ја) суштината на работите. А суштината, токму како и целиот проект, е едноставна. Да не кажеме проста. Станува збор за идеолошко-политички инжинеринг, чија смисла е токму таа - да го оправда антиевропското расположение на политичката елита на власт! Антиевропско во случајов има значење на антисовремено, антинововековно, антинормално. Историјата не’ учи дека антисовремено расположение се создава со нови луѓе, со своевидни иберменчи, надлуѓе кои треба да покажат дека се супериорни во однос на светот. Еден од методите за создавање на вакви карикатури од хомо-сапиенсите е градење на гигаснтски споменици, реферирање на нивното, наводно, славно потекло, мерење на крвните зрнца на нивната сина крв... Значи, целта на „Скопје 2014“, таа постмодерна на тежок спид, е да докаже дека Македонецот (во помала мера граѓанинот на Македонија) е супериорен во однос на светот, а со самото тоа дека светот не му е ни потребен. Ваквото пијанство релативно лесно се постигнува, но затоа трезнењето е тешко и напорно. И затоа, додека Американците,  на пример, купуваат плацови на месечината, ние ќе се занимаваме со смешните и лошо изведени турско-дорски столбови и со хонорарите на скулпторите-аматери... Ѕвездан Георгиевски Фактор Ви ги претставува мислењата на дел од македонските новинари и јавни личности за проектот Скопје 2014. Не мора да значи дека нивните ставови ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската и политичка дебата.