„СКРИЕН ОМИКРОН“-ПОДВИДОТ ТЕШКО СЕ ДЕТЕКТИРА СО ПЦР, НО НЕ Е ПООПАСЕН: Нѐ очекува едно „ново нормално“ во следниот период-проф. Даниловски за Фактор
Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2022
Веќе се
потврдуваат тврдењата на Светската здравствена организација дека омикрон нема
да биде последната варијанта. Сега во во Европа забрзано се шири нов подвид, но
еминетниот епидемиолог, професорот Драган Даниловски во разговор за Фактор
посочува дека нема место за паника, зошто која било следна варијанта на корона
вирусот нема да предизвика катаклизма.
-Сите РНК вируси постојано мутираат. Така и короната. Европа стекнува сѐ повисоко ниво на имунизираност. Било која следна варијанта на вирусот практично е невозможно да предизвика катаклизма, освен, можеби, привремен пораст на нови случаи, кој нема значајно да го ремети секојдневието. Така е и со подваријантата на омикрон БА.2, која досега е регистрирана во најмалку 40 земји. Потешко се детектира со ПЦР тест, заради што некои ја нарекоа „скриен омикрон“ (stealth omicton). Засега се смета дека не е поопасен од омикрон (кој носи ознака БА.1). Како што кажав, вирусот си има особина постојано да мутира и можна е појава на нови соеви. Но, малку е веројатно тој сој да биде посмртоносен. Се разбира, освен ако однекаде не се појави сосема нов вирус! Но, тоа би била сосема друга приказна..., смета проф. Даниловски
Вели дека секој сериозен стручњак што умее епидемиолошки да мисли, не може да не дојде до заклучок дека појавата на омикрон значи почеток на крајот на пандемијата, нагласувајќи дека тој е обид короната да се извлече од обрачот, кој сѐ повеќе се стега околу неа. Во наредниот период, како што оценува професорот Даниловски, не очекува едно „ново нормално“.
-Таа тоа го прави обидувајќи се да се „маскира“ (преку бројни мутации), така што да не биде препознаена од имунитетот веќе стекнат кај потенцијалните жртви. За да може повторно да ги зарази. Истовремено, се менува така, што сега не ги убива премногу често, за тие да можат да го пренесуваат што подолго на поголем број нови жртви! Генијална логика на природата во непрекинатата борба за опстанок! Јас ова го тврдев уште на 4 декември. Дали ќе биде враќањето во март, април или мај е небитно. Битно е дека нѐ очекува едно „ново нормално“ во следниот период. Нема тоа да биде „старото нормално“ уште некоја година. Нема да биде, зашто вирусот ќе биде околу нас постојано и ќе демне „да улови заскитан плен“. И ќе успева во тоа, овде-онде. Пленот ќе го наоѓа меѓу оние кои ќе дозволат да им избледи имунитетот до таа мера, што веќе нема да бидат заштитени од заразување. Исто како настинките и ковидот ќе може да го „фатиме“ повеќе пати, зашто имунитетот не „држи“ веројатно повеќе од неколку месеци – 6, 9,12, веројатно индивидуално ќе биде. Оттаму, за помладите од 50 години – па и за постарите без хронични болести – упатно ќе биде постојано да се изложуваат на вирусот, пред да почнат значајно да бледнеат антителата! Таквите чести контакти – кои ќе се манифестираат најчесто како настинки или дури асимптоматски инфекции - постојано ќе го одржуваат титарот (концентрацијата) на неутрализирачките антитела на високо заштитно ниво! Имунитет специфичен за омикрон ќе биде тоа, кој, ако постојано се одржува на заштитното ниво, ќе оневозможува разболување! Ете зошто периодични „бустер“ дози за овие граѓани едноставно, нема да бидат потребни! Но, овој природен метод на „бустирање“ би бил ризичен за постарите граѓани, а особено оние со хронични здравствени проблеми и со компромитиран имунолошки систем. Затоа, тие периодично би било пожелно да примаат „бустер“ вакцини, за да не ризикуваат инфекција. „Новото нормално“ за овие граѓани веројатно ќе се претвори во своевиден кошмар - постојано стрепење да не „налетаат“ на вирусот. Освен ако не примиле вакцина... Фајзер и Модерна почнаа испитувања со вакцини специфични за омикрон, а интензивно се работи и на вакцини кои би биле универзални – за било кои можни идни варијанти на вирусот, појаснува епидемиологот Даниловски.
Истовремено, како што вели, покрај вакцините, веќе се на располагање и моќни терапии, а според него, дефинитивно без конкуренција е Паксловид на Фајзер со околу 90 проценти заштита од хоспитализација и близу 100 проценти од смрт. Достапни се веќе и моноклонални антитела специфични за омикрон.
-Сѐ повеќе земји го препознаваат овој развој на пандемијата и полека ги укинуваат мерките (Обединетото Кралство, Ирска, Данска, Холандија), пред сѐ, ковид пасошите, кои веќе немаат никаква смисла. Други најавуваат укинување во наредните денови (Шведска, Норвешка, Финска). Само непотребно ги дискриминираат граѓаните и предизвикуваат немир и незадоволство. Некои се склони да реагираат дека тоа, всушност, е признавање на немоќ пред наездата на вирусот и кревање раце од понатамошна борба. Јас не мислам така. Се работи за чиста, здрава епидемиолошка логика! Клучен елемент во „новото нормално“ се училиштата. Фигуративно кажано... сѐ нека се затвори, ама училиштата да останат отворени! И тоа без маски за децата! Зошто? Зашто, децата се нашата иднина! Ама, деца здрави, образувани. Не деца со пореметена психа, деца затупавени, деца збеснати, деца полудиви, деца идни психо-социопати! Доволно беше две години што издржаа. Веќе не смееме тоа да го дозволиме. Неприфатливо е децата да не одат на училиште, со образложение да ги заштитат постарите членови во семејството! Сега веќе имаме вакцини на располагање. Нека се вакцинираат! Не можеме да дозволиме децата да се жртвуваат за нас возрасните. Обратно треба да биде! Затоа, возрасните што имаат ученици дома нека се заштитат како знаат и умеат! Нека се вакцинираат со три дози. Наставниците, исто така! За нив маските да останат задолжителни! Со делта ова немаше да биде прифатливо. Ќе беше неодговорно. Но, потребна е и еластичност во приодот. Мора да постои опција за настава на далечина (онлајн), за сите оние кои од субјективни или објективни причини не сакаат или не можат да си ги пратат децата на настава во живо. Ваквиот тип на „ново нормално“ веројатно ќе потрае неколку години. Додека, постепено, сите делови на планетата не достигнат високо ниво на имунитет - некој порано, некој подоцна... Дури тогаш, пандемијата ќе биде завршена во вистинска смисла на зборот, оценува професорот.
Во раговорот нагласува и дека до крајот на февруари-март ќе го достигнеме ендемично ниво, што според него, би значело само неколку десетици новозаразени случаи во просек на дневна основа.
-Веќе „јаваме“ на платото на врвот на бранот, кој го достигнавме на 18 јануари. Наспроти дневните високи бројки, седумдневните подвижни просеци стагнираат. Тие се користат за пеглање на дневните варијации и со тоа - појасно прикажување на правецот на бранот. Ефективниот репродукциски број е близу единица. Кон крајот на јануари – почетокот на февруари кривата ќе почне да се спушта. До крајот на февруари-почеткот на март би требало да достигнеме ендемично ниво од просечно неколку десетици случаи дневно. Имајќи го предвид нивото на колективниот имунитет, кој ќе достигне преку 95 проценти, „новото нормално“ ќе го имаме веќе летово. Порано или подоцна, така ќе биде и во Европа и САД.
Во однос на евидентното зголемувањето на реинфекциите, особено што некои луѓе, не по втор пат, туку и по трет пат се заразуваат и покрај тоа што се вакцинирани, професорот Даниловски со детално објаснување:
-Пандемијава трае веќе две години. Сега имаме работа со омикрон, кој не го „признава“ целосно стекнатиот имунитет од прележување или вакцинирање или комбинирано. Оние што прележале во почетокот, а не се вакцинирале, веќе одамна немаат заштитни антитела и се подложни на реинфекција. Вакцинираните со две дози, исто така. Заштитата на прележаните, а вакцинирани со две дози (т.н. хибриден имунитет) е најсилен и најдолго трае во однос на сите други варијанти. Но и тој се намалува со тек на времето. Тука од важност е и типот на вакцината. Кинеските нудат најмала или никаква заштита, Фајзер најсилна, а некаде во средината се Спутник и Астра Зенека. Постои заштита од хоспитализација и смрт, повторно варијабилна, во зависност од времето поминато од прележувањето/вакцинирањето, како и од типот на вакцината. Се покажало дека спасот е во третата доза! Таа го зголемува нивото на неутрализирачки антитела за 100 пати. Тоа овозможува заштита од заразување до 50 проценти, од хоспитализација околу 90 проценти, а од смрт уште поголема. Наравоучението е јасно! Но, има тука уште еден момент. Кај нас и понатаму смртноста е повисока во споредба со сите други земји во регионот. Делумно, причина за тоа е што делта е и понатаму присутна, но дефинитивно причина е и несоодветното лекување. Ние сме една од ретките земји, ако не и единствена, која нема официјален протокол за лекување на ковид! Протокол кој ќе важи задолжително за сите доктори кои работат со ковид пациенти! А ќе важи само ако тој протокол биде донесен како подзаконски акт (Упатство согласно медицина базирана на докази), врз основа на член 27, став 1 на Законот за здравствена заштита. Без такво упатство, лекувањето на ковид болните е незаконско!, заклучува епидемиологот Даниловски во разговорот за Фактор.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.