18 Декември, 2025
0.0474

Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски

Објавено во: Анализа 17 Декември, 2025 10:11

Добивај вести на Viber

Љупчо Коцевски е првиот јавен обвинител на кого му била изгласана интерпелација во Собранието, а таа недоверба од законодавната власт кулминираше со постапката за негово разрешување иако тој сам си поднесе оставка и одби да се соочи со пратениците за неговото работење.

Тој беше избран на почетокот на 2024 година откако неговиот претходник Љубомир Јовевски замина во пензија, а беше предложен од тогашниот прв вицепремиер Артан Груби. Првите впечатоци беа дека тој како и Јовевски ќе има ограничена моќ во јавното обвинителство со оглед на тоа што поголема слобода уживаше Ислам Абази шефот на јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција. Абази беше критикуван дека е близок до раководството на ДУИ иако тој негираше дека се познава со тие луѓе. 

По промената на власта во мај 2024 година беше извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе посегне по негова смена иако како опозиција не пружи голем отпор при неговото назначување неколку месеци претходно.

Мицкоски тврди дека главната причина за недовербата во обвинителството е токму Љупчо Коцевски и сомнежите дека ги „штити“ поранешните функционери на СДСМ и ДУИ.

Иако полицијата го натовари обвинителството со бројни кривични пријави институцијата која ја предводеше Коцевски не беше толку ревносна во нивно процесирање и покренување обвиненија пред судовите.

Исто така имаше и внатрешен судир со двајца обвинители против кои поведе дисциплински постапки што му ја навлече метата на власта. 

Коцевски на моменти покажуваше и сервилност кон власта особено што не се спротистави жестоко на нападите и критиките од премиерот Мицкоски туку само одговори дека јавното обвинителство работи со ограничен буџет и ресурси и нема доволно средства за да се бори со корупцијата.

Истрагата за пожарот во Кочани до моментот на поднесување на обвинението против триесетина осомничени му го продолжи опстојувањето на функцијата, но тој никогаш немаше политичка поддршка и беше прашање само дали порано или подоцна ќе биде разрешен.

Тој предмет ќе ја одбележи кариерата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој како менаџер на институцијата овозможи формирање предмет за верижна одговорност на надлежните за пожарот во дискотеката која немала лиценца за последните 13 години.

Исто така беа отворени и неколку предмети за поранешни и актуелни владини функционери, но далеку под очекувањата за ефикасна борба со криминалот и корупцијата која ќе испорача задоволителна правда.

Локалните избори исто така ги одложија процедурите за негово разрешување иако тој имаше поддршка од Советот на јавни кој сметаше дека Коцевски не треба да биде разрешен бидејќи не биле доставени докази и материјали кои ќе потврдат дека ги нарушил принципите на раководење со јавното обвинителство.

Сега премиерот Мицкоски ќе треба внимателно да ги води следните чекори за да покаже дека идниот јавен обвинител навистина ќе биде професионалец наместо партиски послушник бидејќи поклопувањето на јавното обвинителство може да биде сериозна закана за демократските темели на државата.

Може да се очекува дополнителен притисок и врз останатите правосудни институции како Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и претседателите на основните и повисоките судови. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување