Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата
Објавено во: Анализа 16 Декември, 2025 09:39
Додека на македонските гранични премини чекаат „илјадници“ мигранти да ја „преплават“ оваа недопрена земја, што легални што нелегални, власта и дел од опозицијата водат битка преку собраниски резолуции за одбрана на домот.
Едните за одбрана од наездата на повратници од таблоидите на Велика Британија, другите за одбрана на мирот и спокојството на граѓаните од паниката, стравот и дезинформациите.
Реалноста е дека во земјава веќе има илјадници економски мигранти, дел се од Турција и соседните земји, а дел се од далекуисточните земји како Непал, Филипини, Бангладеш и други. И вистината е дека веќе во Македонија има прифатни центри за азиланти кои бараат привремен или постојан престој во земјава.
СДСМ успеа да се дотера во ѕид дури и во опозиција и на оваа тема не добива поддршка ниту од коалициските партнери ниту од останатите опозициски партии во тврдокорните „патриотски“ ставови.
Резолуцијата на СДСМ во Собранието најверојатно нема да добие никаква поддршка што ќе им послужи темата да ја верглаат уште неколку дена и да тврдат дека токму затоа власта нешто крие во преговорите со Велика Британија.
Од друга страна власта во последно време се сети дека има мнозинство во парламентот и дека може нивните пратеници нешто и да сработат. Така се очекува да биде изгласана предлог резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ поддржана од коалицискиот партнер ЗНАМ за злоупотреба и предизвикување паника во јавноста со ширењето невистини од страна на опозицијата.
Британската влада секако е под голем притисок од домашната јавност и медиумите да се справи со миграцијата, особено нелегалната и механизам за депортација на мигрантите кои ќе го прекршат законот. Таков договор е веќе склучен со цел од балканските земји, а сличен договор за прифатни центри за мигранти има Албанија со Италија кој ќе го финансира и италијанската држава без оглед на опозицискиот отпор.
Во Косово беа примени првите депортирани мигранти од САД, но повеќето од нив се косовски државјани, а не државјани на други држави кои треба привремено или трајно да останат во нашиот сосед. Исто така во досегашната соработка на Македонија со САД се врши прием на вратени мигранти кои се македонски државјани, а единствено привремено беа прифатени неколкумина државјани на Авганистан додека САД работеше на решавање на статусот на нивните соработници кои можеа да ги евакуираат по падот на Кабул и враќањето на талибанскиот режим.
Исто така и приватниот сектор со години ја планира тезата дека има недостиг на работна сила иако невработеноста во земјава е над 10 отсто и има околу 100 илјади луѓе кои се водат како невработени според Агенцијата за вработување.
Приемот на евтина работна сила од странство секогаш биле примамлива идеја за бизнисот, но неколку такви експерименти во изминатиот период се покажаа и неуспешни бидејќи по кратко време странските работници ја напуштија Македонија и заминаа во европските земји.
Недостигот на хуман пристап во дебата за мигрантите исто така е огромно негативно изненадување кое го прикажа СДСМ како партија која никогаш важела за заштитник на основните човекови права и имала многу либерални ставови околу мигрантите. Таквиот хазардерски потег за краткорочни политички поени може скапо да ги чини за долгорочната перцепција на СДСМ.
Х.С.Можеби ќе ве интересира
Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max
Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување




