30 Април, 2024
0.0247

Со аграрна политика од „око” нема развој на земјоделството  

Објавено во: Агробизнис, Колумни 02 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Во последните десетина дена, во дневниот печат, можеа да се видат неколку огласи за закупнина на државно земјоделско земјиште, од Министерството за заемјоделство,шумартсво и водостопанство.Исто така имаме огласи и од  Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој, наменети на земјоделците,но за барање на финансиски средства од програмата за финансиска подршка на руралниот развој за 2016 година. Во сите огласи и на МЗШВ и на Агенцијата, покрај другите услови, постојат и услови (кои треба да се задоволат) во Законот за земјоделство и рурален развој објавен во Службен весник на РМ (во 12 броја) од бр.49/2010 до бр.11/2016. Значи од првото објавување на Законот, следеле 11 измени и дополни објавени во 11 броја на службени весници. Не е јасно како земјоделците се снајдуваат во ваков лавиринт на законот, односно толкав број на измени и дополнувања и по неколку годишно (2013год.-3, 2015-4). Уште повеќе е нејасно: зошто не се користи од страна на администрацијата методот за дополнување со измените и дополнувањата на основната верзија и да се објави дополнет и изменет Закон. Друго е прашањето зошто толкав број на измени и дополнувања на Законот кога се донесуваат и подзаконски акти за конкретни услови? Не би сакале да веруваме дека неискористените средства од ИПАРД 1 (ни 20%) како и средствата за рурален развој неискористени над 45% (2014година предвидени 26,6 милиони евра, искористени 14,5 милиони евра) се поради административните и бирократски несоодветни решенија или нестручно раководење на институциите. Но е чудно, за една неразвиена стопанска област да не се искористуваат финансиски средства за развој и инвестиции со сосема поволни услови. Проблемот е сериозен, бидејќи невложување и неинвестирање во развој на нови технологии и средства за производство, нема ниту производни резултати. Затоа, приносите во нашето земјоделство стагнираат, затоа извозот на храна во последните 5 години просечно се зголеми за 9%, а увезената храна за 15%. Или увезената храна по 1 тон не чини (просек од 5 години.) 1164  американски долари, а од извозот на нашата храна добиваме по 815 американски долари за тон (петогодишен просек). Подобри резултати неможе да очекуваме се додека ние стимулираме набавка на трактори со средствата од ИПАРД и од рурален развој, па направивме тракторизација, а не механизација на земјоделство со 1-2 приклучни машини  на еден трактор, но на еден трактор се паѓа само 5,4 хектари обработлива површина што го прави неисплатлив. Покрај низа недоследности и недостатоци на аграрната политика, неразбирањето на целите на финансиската подршка (за 1 хектар посеана пченица земјоделецот добива 9.000 денари, а за 1 хектар насаден тутун со просечен принос од 1500 кг/ха добива 90.00денеари) се исто така причини за лоши резултати во земјоделството. Додека во светот во земјоделството веќе се користиат самоуправувачи машини, приклучни сеалки со автоматско дозирање на семе со подвижни лаборатории за моментно очитување на почвените особини, ние се занимаваме со тракторизација на земјоделството. Еден од најголемите проблеми на нашето земјоделство е изразената уситнетост на поседите. Не се најде модел за окрупнувања, здружувања, кооперирања или други форми на покрупно, рационално организирање на производството. Индивидуалните земјоделски производители (170,6 илјади земјоделски стопанства) произведуваат и нудат на пазарот производи со различен квалитет, во исто време на понуда од различни сорти, поради што ниту финалниот  производ не можат да го здружат и да обезбедат подобра цена, па затоа се жртви на накупци, прекупци, но и на регистрирани  трговци.  Голема грешка во Државната па и во земјоделската политика е ликвидацијата на земјоделските институти. Во земјоделството на Македонија скоро да нема денес никакви научни истражувања, а што е најчудно нема систем и институции за контрола на  интродукција на семе и саден материјал. Бидејќи домашната селекција не нуди нови сорти  и раси, мораме да увезуваме туѓи креации неприлагодени на нашите услови. Интродукцијата е многу важна, но мора да се контролира. Чудно е денес да се убедуваме за потребите да се има и да се развива сопствена наука, како и за докажаните факти дека развој и добри резултати се невозможни без научни истражувања. Македонското земјоделство, и на глобален план но и кај најголем број земјоделски стопанства не остварува конкурентско производство со ниска продуктивност на трудот поради неусогласен однос на најважните производни фактори во земјоделството: земја, капитал и труд. Има неповолен однос помеѓу површините и погонските машини (5,4хектари на 1 трактор). Потоа, се паѓа по 1,85ха користена површина на земјоделско стопанство со просечно 2 работоспособни члена, се паѓа само 0,73 броја добиточни единици (условни грла добиток) на 1 ха обработлива површина итн. Како врв на погрешните аспекти на аграрната политика е одредба од Законот за земјоделство и рурален развој, според која продаденото производство од страна на земјоделците во висина од 80% треба да им се исплаќа по 6 месеци, а само 20% да се плати според важечки услови за целосно стопанство. Тоа значи дека со Закон се дискриминирани земјоделците во Македонија, надвор од уставната гаранција за еднаквост на сите субјекти на пазарот. Како може земјоделецот да купува репро материјали и да ги плаќа согласно вообичаени односи на пазарот, а за наплата на своето продадено производство да кредитира некого цели шест месеци, а често пати и подолго?. Во последно време се ветува од владини службеници, дека овој проблем ќе се реши така што наместо 6 месеци земјоделците ќе треба да чекаат три месеци, односно се признава дека има дискриминација која сега ќе биде поблага. Каква иронија! Проф. Др. Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?