28 Април, 2024
0.0251

Аграрната политика досега не донесе развој, можен ли е пресврт?

Објавено во: Агробизнис 11 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

пишува д-р Борис Анакиев Дваесет и две години и не е долг период за големи прoмени на севкупните перформанси на една држава. Како дел од стопанството на Македонија, земјоделството можеше и требаше (се очекуваше) да има важен придонес во развојот на вкупната економија.  Има сосема релевантни показатели за земјоделството од кои се заклучува дека дало определен придонес во вкупната економија како што се: реална вредност на зголемен БДП, зголемен извоз, зголемени приноси по единица капацитет, меѓутоа важни индикатори укажуваат на незадолволителни остварувања од кои најважни се: намалени основни производни капацитети, повисок пораст на увозот од порастот на извозот особено на храна и друго. Споредбата на најважните капацитети за земјоделско производство покажува негативни движења кои се случиле во изминатите години, особено кај обработливите површини кои се намалени за околу 23%. Ова намалување покажува дека секоја година трајно се пренаменувани по 7.750 ха, трајно изгубени и пренаменети во згради за разни намени, во патишта, дворови и друга инфраструктура. Податоците покажуваат дека релативно малку површини се трансформирани од земјоделските (5,7%) а 8,0% од пасиштата, но таа трансформација не се случила кон обработливите површини (најчесто во шумски површини). И други важни капацитети за конкурентно производство опаднале од 1991 до сега, како што се условни грла добиток кoј е намален за 14,5%, наводнувани површини за близу 36%. Особено високо се намалени овошните градини и лозја, за 39,1% односно 40%, така овошните градини се намалени од 23.000 ха на 14.000 ха а лозјата од 35.000 ха на 22.000 ха. Погодните услови за развој и експанзија на овоштарството и лозарството оправдано предизвикуваат желба во најмала мерка да се врати нивниот обем од порано, меѓутоа намалениот обем на обработливите површини не ветува таква можност. Се намалуваа посеаните површини, а некои култури веќе и не се сеат Очигледно е дека скоро кај сите култури се намалени посеаните површини и тоа култури особено важни за македонското земјоделство како што се сите видови жита а особено оризот чија површина е намелена на 44,4% а потоа сончоглед на само 13,8%, бостан на 50% и така натаму. Намалени се површините и на пиперот и доматите додека шеќерната репа веќе не фигурира во сеидбената структура. Развиено земјоделство нема без развиено сточарство, а ние и со оваа бројна состојба на добиток зависиме од увоз за нивната исхрана. Сточарството е посебно важна земјоделска гранка поради повеќе причини, но ќе споменам само дека преку него за обезбедуваат незаменливи прехрамбени производи и дека е систем во кој се финализираат растителни производи кои добиваат додадена вредност, го прават земјоделството поконкурентно и претставуваат суровинска база за млечната и месната индустрија. Познато е дека Македонија како релативно сушно подрачје е хендикепирана во производството на важни фуражни култури (пченка, јачмен, луцерка) што на крупното сточарство ја намалува конкурентноста. Хендикепираноста се изразува и преку фактот што Македонија е силно зависна од увоз на добиточна храна, за чиј увоз годишно последниве години изнедува 25 милиони долари. Споредбените податоци покажуваат намалување на бројната состојба кај сите видови добиток освен кај свињите каде бројот е зголемен кај вкупните за 11,7% а кај маториците за 21,7%. Покрај намалување на вкупниот број на говеда за близу 10% влошени и во однос на категориите, бидејќи кравите и стелните јуници со учество од 57,7% во 1991 година е намален на 51,9% во вкупниот број на говеда, а зголемен е бројот на останатите категори на говеда. Условите на Македонија заедно со традицијата и искуството во овчарството претставуваат сериозна предност за негова експанизија, меѓутоа официјалната статистика покажува дека наместо развој и зголемување на бројната состојба на кравите во 2011 година е драстично намалена во споредба со 1991 година. При така намалени површини и намалено производство остануваме и натаму силно зависни од увоз на жито, добиточна храна, шеќер, масло за јадење и слично. Показателите за извоз и увоз (посебно за извозот) до голем степен се најважни индикатори за секој економски сектор а потоа и за целата економија. Во структурата на извезена и увезена храна во споредбените години исто така има сериозни разлики како резултат на позабрзан развој на некои производства. Така на пример во 1991 година највисоко учество во извозот на храна има овошјето и зеленчукот а потоа на живи животни, месо и шеќер, додека во 2010 година учеството на живи животни во извозот на храна е намалено за 17,4%, на месото е намалено за 6,5% на шеќерот за 14,4%.Во структурата на извезена храна, со учество од 55,1% на овошје и зеленчук со преработки плус 14,69% жита и преработки кои заедно сочинуваат близу од 70% во извозот на храна во 2010 година покажува релативно еднострана ориентација на мал број производи што ја стеснува можноста за вклучување на Македонија во глобалните движења на Светската економија. Со добра аграрна политика, до развој на земјоделството Истакнувањето на две основни цели на идниот развој се од суштествено значење за македонското земјоделство. Прво, подобрување на ефикасноста на земјоделското производство и зголемување на нивото на конкурентската способност на прехрамбената индустрија преку повисока пазарна и технолошка инфраструктура и стратешка инвестициона политика насочена главно кон европските стандарди. Второ: одржлив развој на руралните подрачја во согласност со најдобрите еколошки практики преку создавање на алтернативни работни активности, диверзификацијата на селската економија и градење на потребна инфраструктура. Умешно треба да се води аграрната политика за да се искористат предностите на македонскиот простор за широк асортиман на културни растенија и предностите што ни ги дава влијанието на медитеранската клима. Потребно е да продолжи релативно високата финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој, меѓутоа да се изнајде вистинска мерка. Развојот на македонското земјоделство по осамостојувањето на државата е неспорен, меѓутоа недоволно висок со оглед на природните услови, и местоположбата, традицијата и релативно стабилни макро-економски услови и релативно слободен пазар. д-р Борис Анакиев , пензиониран професор по агроекономија

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?