СО ДВЕ ГОДИНИ СРЕДНО ШКОЛО ЌЕ СЕ СТАНУВА ПОЛИЦАЕЦ, ЌЕ СЕ УЧИ ВО ИДРИЗОВО – има посебни услови кои мора да се исполнат
Објавено во: Македонија 18 Септември, 2025 07:46
Следната учебна година повторно ќе се врати средното полициско училиште, па сите млади кои сакаат да работат во служба на народот ќе мора да се запишат и да го завршат ова средно училиште. Ова се пропишува со новиот Закон за средно полициско училиште кој веќе е во Собрание.
Во него е утрврдено дека во средното полициско училиште ќе може да се запишуваат редовни ученици кои завршиле втора година средно образование во средните училишта на територијата на државата. Воедно заинтересираните треба да исполнат и услови за прием. Меѓу нив е одредбата да се државјани на Македонија, да немаат 18 години на денот на објавување на јавниот повик за прием на ученици во Средното полициско училиште. Исто така ќе мора активно да го користат македонскиот јазик, да се здравствено и психофизички способни, а ќе се прави безбедносна проверка која треба да утврди дека не постои безбедносен ризик. Воедно за запишувањето на редовните ученици потребна е писмена согласност на родителот, старателот, односно застапникот по закон на ученикот.
- Целта е подготвено да се одговори на сите безбедносни предизвици со коишто се соочува државата, а особено за да биде и чекор понапред во превенирањето на сите можни облици на општествени девијации со цел успешно справување со нив. Недостигот од формализирано полициско средно образование го отежнува процесот на кариерен развој во безбедносниот сектор, ја намалува предвидливоста на човечките ресурси и не дозволува рано селектирање, воспитување и обучување на кадар според специфични безбедносни потреби на државата – се нагласува во законот доставен пред пратениците.
Предлагачите укажуваат дека досегашниот систем на обуки се фокусира на лица кои засноваат работен однос или се дообучуваат, што не овозможува рана и целосна подготовка на идните полицајци. Поради овој факт се бара Средно полициско училиште кое ќе обезбеди континуирано, структурирано и квалитетно образование уште од средношколската возраст, со цел да се подготви кадар кој од првиот ден на својата професионална кариера ќе поседува теоретски знаења и вештини во согласност со безбедносните стандарди и потребите на државата.
Средното полициско училиште ќе почне да функционира од 13 мај 2026 година, во рамки на сегашниот Центар за обука во Идризово, односно согласно новиот Закон за внатрешни работи – Полициска академија. Ќе работи по наставни планови и програми утврдени од министерот за образование и наука во согласност со министерот за внатрешни работи. Истото ќе биде во времетраење од две учебни години, односно трета и четврта година средно образование, така што секој кандидат/ученик по завршување на прва и втора година средно училиште, на објавен конкурс може да се пријави и доколку ги исполнува предвидените услови, своето образование да го продолжи во средно полициско училиште.
Согласно потребите на Министерството за внатрешни работи ќе може паралелно да се спроведува и досегашната основна обука за полицаец во времетраење од една година.
- Анализите од досегашната пракса и искуства од земјите во кои се спроведува средното полициско образование (Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Чешката Република и други), укажуваат на тоа дека со ваков вид на образование иако се произведува помала бројка на кадар, со истото се оди на постигнување квалитет. Самото образование како подолготрајно дава поголеми резултати. Дополнително на ова е и фактот што кандидатите за средно полициско училиште се запишуваат на 15/16-та годишна возраст, наспроти сегашната основна полициска обука со 18 до 25 годишна возраст. Последната генерација (24-та) во Средното полициско училиште заврши 2000-та година, а со примената на ова законско решение ќе се продолжи со 25-та генерација ученици во Средното полициско училиште– се прецизира во законското решение.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје




