04 Мај, 2024
0.0245

Со еколошко управување до подобри резултати во земјоделското производство

Објавено во: Агробизнис, Колумни 17 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Анализата, оценката и усовршувањето на еколошкото управување во земјоделството е од првостепено значење, бидејќи земјоделството со својата комплексна дејност е основен водечки фактор до загадувањето  и деградацијата на животната средина како и особен фактор за заштита на природата. Анализите на еколошкото управување во земјоделството главно се фокусирани на чисто агрономските, технолошките  и еколошките аспекти   на дејноста.  Изостануваат анализи на социјално-економските аспекти на земјоделското екоуправување. Многубројните еко-проблеми, ризици и конфликти поврзани со развојот на земјоделството, зголемувањето на приватни  и општествени средства за заштита и возобновување на природата, бараат примена на соодветен пристап за анализа на системот за земјоделско еколошко управување на различни нивоа на управување. За разлика од буквалниот израз на зборот, еколошкото управување означува управување на човечката дејност и однесувањето за заштита и подобрување на животната средина и на нејзините основни компоненти-почви, води, ландшафт, атмосфера, биоразновидност, клима. Еколошкото управување во земјоделството го опфаќа управувањето на еко-дејности и однесување  во процесот на производството на храна за човекот и животните, земјоделските суровини за индустријата, биоенергијата, разни видови земјоделски услуги  и др. Најчесто еколошкото управување е интегрален дел од целосно управување на фармата или на одделни нејзини функционални области (инвестиции, труд, користење на земјата, одгледување, заштита на растенија и друго) Заштитата, возобновувањето и подобрувањето на животната средина, бара ефективен приватен, колективен и општествен ред кој ќе го регулира однесувањето на индивидуалните (аграрни) агенти, нивниот однос со други такви (менаџер на фарма, сопственици на ресурси, наемен труд) и неаграрни агенти (жители на селски реони, интересни групи потрошувачи на земјоделски производи и услуги, централна  и локална власт, меѓународни организации и друго). Основен момент во анализа на земјоделското еколошко управување е идентификација на агентот на агроеколошкото управување и специфичниот карактер на нивните врски, интереси, цели, позиции на сила, зависност, ефекти и конфликти. Потоа е потребно определување и потреби од екоуправување кои се поврзани со неопходноста од градење на механизми за откривање на еколошките проблеми  и ризици, стимулирање на адекватно еколошко поведение и кооперирање, размена на информации, решавање на конфликти, формирање и намалување на еколошките расходи и др. на учесниците (агентите). Ефективното управување на земјоделската екодејност, често бара комплексни и повеќевалентни форми, кои треба да се идентификуваат и анализираат. Например, вклучување на фармерот во синџирот на “биолошки продукти“, координира добри односи помеѓу производители  и трајни потрошувачи. Механизми на земјоделско екоуправување. Еколошкото поведение и екодејноста на индивидуалните агенти се управува (мотивира, координира) од повеќе механизми и форми: Прво, институционалната средина (“правила на игра“) е распределување на правата  и должностите меѓу индивидуите, групите и поколенијата, како и системот за санкционирање на тие права и правила. Потребна е анализа на целиот спектар на правата врз материјални и идеални активи (материјални и интелектуални земјоделски и екопроизводи), природни ресурси, определени дејности, чиста природа, прехрамбена и еколошка сигурност, внатрешна и меѓугенерациска праведност и др. Второ, пазарни форми-тоа се разнообразните децентрализирани иницијативи на агентите управувани од движењето на слободни пазарни цени и пазарната конкуренција. Потребна е анализа, ако “слободниот пазар“ помага за координирање (корегирање, координирање) и стимулирање на екодејности, екоразмената и ефективното распоредување на природните ресурси. Трето, приватни и колективни форми-тоа се различни индивидуални и колективни иницијативи и специјални договорни, организациони задолжителни форми. На пример: доброволни еколошки дејности на агентите, препорачани или задолжителни професионални кодови на еколошко поведение, приватни екодоговори, еколошки оперативи и здруженија итн. Четврто, општествени форми, тоа се разнообразни општествени (заедници, држави, меѓународни) интервенции во пазарниот и приватниот сектор, како општествени препораки, регулации, обуки, даночни задолженија, финансирање, државна организација и друго. Пето, хибридни форми-комбинација од претходните три форми како општествено-приватно партнерство, општествено лиценцирање и инсталирање на приватни биолошки форми  и друго. Анализата на системот и формите за земјоделско екоуправување се прави во целост и/или за секое од основните компоненти на природната средина-почва, води, атмосфера, биоразновидност, клима. Во вториот случај станува збор за анализа на релативно оспособените подсистеми или системи за управување на: земјоделското земјиште, за вода, за наводнување во земјоделството, за елементи од земјоделството, за земјоделската разновидност, влијание на земјоделската дејност врз климата. Во зависност од специфичните цели, анализата на системот за  земјоделско еколошко управување се прави на различно ниво на управување:
  • стопанско-приватна фарма, фарми од определен тип (семејни, кооперации, растителни, сточарски, биолошки, пазарни и сл.)
  • екосистем-индивидуални земјоделски екосистеми (долина на некоја река) или тип на земјоделски екосистем (равнински, планински, полупланински, крајречни и сл.)
  • регион-основни административно-економски или географски реони на земјата, гранка-основна земјоделска гранка или полугранка-растителна, сточарска, зрнопроизводство, овоштарство, овчарство, млечно говедарство итн.
  • национално-ниво на една држава
  • наднационално-балканско, европско, глобално.
Ефективност на агро-екоуправувањето Ефективноста ја изразува специфичната резултантност на анализираната форма на управување и/или на системот во целина кон односот на степенот за достигнување на реално можни еколошки ефекти и минимизирање на вкупните трошоци за еколошко управување.При оценката на ефектите, трошоците и ефективноста на индивидуалните елементи за еколошкото управување треба да се има во предвид нивната временска разлика, сопственост, взаемно надополнување, големината на пространството и социјалната оспособеност и потенцијал за развој во услови на променлива социјална економска и природна средина. Степенот и динамиката на притисокот врз екологијата на земјоделското стопанство може да се остварува, ако се користат показателите како начинот  на користење на земјата, вид и број на животни на единица земјоделска површина, интензивност во користење на водата, количини и биланс на хемиски ѓубриња, производство и добивки од земјоделските култури, интензивност на користење на тешка механизација, вид и обем на отпадоци од земјоделството и друго. Сепак, често пати е особено тешко и многу скапо да се набљудува,  измери и оспособи специфичниот ефект (трошоците) на одделни елементи за управување за поедини компоненти или системот во целина. Во тие случаи се користи системот на количински и квалитетни показатели за карактеристиките на состојбата и динамиката на екоповедението и/или еколошките намери на агентите, системот на еколошкиот просек врз земјоделството и влијание врз состојбата на животната средина и нејзините одделни комопненти. Проф. Др.Борис Анаќиев

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?