23 Април, 2024
0.0249

СПЕКТАТОР: Гулабари едни, не правете нервоза!

Објавено во: Анализа 04 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Станувам сабајле, а надвор коска ладно. Си велам, ќе се појави ли сонцето од вчера, да ми загрее коски. Искрено, не дека е толку ладно, само малку драматизирам. Нема врска со студот, ама има врска со парите. Да, да со парите. Работава е следна. Јас сум еден од оние што и откажаа љубов на Топлификација, додуша не по своја волја, ама ете така е некако. Парно немам, од прозорците ми фучи, а 15 ти кат, да не речам гулабарник, кога дува таму доле, овде горе како на Бистра е. Поглед до Куманово на исток, до Ѓорче на запад, ама брате, фури на сите страни. И тоа се решава да ви кажам, земаш сите стари и неупотребливи фармерки ги распоруеш по ивица и ги правиш пута два. Такви, ги обмотуеш околу сите критични точки на расцепување (кај што најмногу фучи) и му конкурираш на „Енфапен прозорци и врати“. Дихтува како Југо од 87, ама барем дома правиш привид дека е потопло. Плус тоа, стара фармерка заборава нема, а се приближиш до прозорец, од старт се потсетуваш на некоја предратна шваљерска ера од животот. Туку, тоа завршило, муабетот ми беше да објаснам зашто се напнав спектаторски да ви го разглобам мојот проблем со прозорците по дома? Од процепот на секој од прозорците, имено, мене ми зависи, на колку степени треба да ги пуштам панелите кои ме греат во зима, а ми фаќаат  прашина во лето. Не е само од прозорците, нормално, и Глигор метео морам редовно да го гледам, ама на Глигор не можам да му влијаам, а во другиве нешта поврзани со струјата можеби можам. Мислам, онака граѓански, на цената на струјата. Таа расте ли расте, евтина тарифа веќе нема денски, за да можам тогаш да се топлам, и затоа два месеца чекам АМАН нешто да направи. Од време на време им се придружувам, во надеж дека ако соберат 10 000 потписи, и ако се врати евтината тарифа, дека процепите на прозорците нема да ми бидат проблем, барем не толку голем. Се формирало граѓанско здружение да протестира за струјата и до тука ништо чудно не ми е. Кога гледам вчера, тргнале луѓето кон Влада, за и таму да им објаснат дека се незадоволни од високите цени, кога некои добронамерници им се испречиле и не им дозволиле да протестираат. Велам, добронамерници, пошто веројатно сакале да ги предупредат АМАН- овци да не протестираат пред Влада, затоа што тие таму не се виновни за цената на струјата, и за џабе да не ги нервираат. Влада, иначе, тоа треба да се знае, не се нервира беспотребно! Мислам, скраја било, Влада не треба уопште некој да ја нервира, зашто луѓето толку мака си имаат, те со Грци, те со пензионери, те со плати на администрација, па буџетот да си го изделкаат, па нов кредит треба да се позајмат. И што мислат овие од АМАН, сега и они да ги нервираат. Плус тоа, како што велат некои медиуми, од сигурни владини извори, дознале, дека од СДС им инфилтрирале партиски кадри да ги хушкаат. А, тие од СДС не се луѓе туку се опозиција, и како такви зашто они би имале проблем со високи цени на струја и парно?! И затоа, велам овие, таканаречени насилници, всушност само сакале добронамерно да им укажат на АМАН дека е Бранко крив, а не е Грујо. Е, сега овие од АМАН не ги сфатиле баш така, не се давале, малку кошкање, малку нервози и одма дрвја и камења по добронамерниците, па и полиција им свикале. Ете, во АМАН, нема од ВМРО, зошто ниту ВМРО вците си имаат проблем со високи цени на струја и парно. И сега почнувам да размислувам што е тоа висока цена на струја. Во каква категорија тоа спаѓа. Граѓанска или партиска. Всушност, се прашувам зошто во АМАН нема и од ВМРО и од СДСМ, и од ДУИ, и од ДПА. Или тие луѓе немаат процепи во прозорците, ним не им студи, ним не им е скапо, ним им е убава цената, добро им е што немаат евтина тарифа? Ним не им смета што земјава во 20 години независност само две хидро централи направила. Ним им е логично тоа што секоја година по 200 милиони евра се даваат за увоз на струја? Што се случува всушност во земјава? Дали сите протести мора да имаа контрапротести, па макар и тогаш кога станува збор за една еклатантно граѓанска акција, каква што треба да биде протест за цена на струја? Алооо... Идам ја, надвор почна да дува, гледам завесиве веќе се мандаат. А панеливе, ми се лични за око, ама нерва ме фаќа стално кога треба да го ставам на максимум. Чаре? Мора да се бара некоја нова стара фармерка да заштити фуражен простор. Или да свртам на стари бањарки, тие помеки се, ќе им влезам на процепиве директно у „меѓуножје“. ваш, Спектатор