01 Декември, 2024
0.0254

Концесионери нема, ама тука е пријателска Кина: за патишта нѝ требаат 860 милиони евра!

Објавено во: Анализа 29 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Колку пари за патишта ќе добие Македонија од Фондот од 10  милијарди евра што Кина ги најави како поволни заеми за земјите од Источна Европа?  Ова е  главното прашање во јавноста , откако вчера министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и амбасадорот на Народна Република Кина, Цуи Џивеи, потпишаа меѓудржавен договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата. Засега е непознаница, иако според напишаното во Манифестот за изградбата на 4 те делници се потребни околу 860 милиони евра. Наташа Стојановска Најавените десет милијарди евра НР Кина ги пласира преку поволно кредитирање од кинеската Ексим банка, а со договорот што се потшиша завчера, сега и Македонија добива можност да користи дел од тој фонд на пари. Но, засега во македонската Влада нема прецизни податоци колку пари ќе се задолжиме за инфраструктурни проекти со оглед дека се уште не е прецизирано колку ќе чинат проектите и како ќе се реализираат. Од друга страна,  задолжувањето на Македонија кај кинеската Ексим банка ќе зависи и од движењето на надворешниот долг на земјава. Динамиката на користење на кинеските пари и на изградбата ќе мора да се усогласи со државната стратегија за надворешниот долг,  велат од Владата. „Сè уште сме во делот на нискозадолжени земји, но треба да се почитува стратегијата и во координација сме со Владата за да можеме да ги реализираме проектите. Знаете дека и Коридорот 8 и гасификацијата ги градиме од странски средства и потребно е да се усогласат приоритетите за да може непречено да се гради“,  посочи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.  Она што засега е прецизирано е дека со кредити од кинеската ЕКСИМ банка ќе се финансираат 4 –ри проекти. Станува збор за автопатот Миладиновци-Штип за каде постои готов проект и веќе е започната експропријација на земјиштето. На ниво на автопат ќе биде и патот Кичево - Охрид, за кој исто така веќе се изготвени проекти. Потоа приоритетен ќе биде и Штип-Кочани  а за патниот правец Охрид-Свети Наум во наредните две години ќе изготвува проект Агенцијата за патишта. Иако, од Владата не сакаат да кажат колку пари планираат да се задолжат кај кинезите, сепак ако се погледнат истите проекти во Манифестот на ВМРО ДПМНЕ , таму проценките се дека за реализација на четирите наведени проекти ќе бидат потребни околу 860 милиони евра. Пропадна идејата за концесија за патиштата Кај сите овие проекти кои се наведени во Манифестот, (освен кај Штип – Кочани) пишува дека ќе бидат дел од проектот за давање на патиштата под концесија, а доколку постапката за концесија пропадне ќе се бараат други алтернативни начини на финансирање. Со оглед дека власта во неколку обиди не успеа да ги даде патиштата под концесија сега ќе мора да ги бара алтернативните начини на финансирање. За експертите, пак добро е што Владата најавува инвестиции во инфраструктурата, но прашање е како и дали тие навистина ќе се реализираат, оти станува збор за делници на кои нема голема фреквенција на возила. Со пропаѓањето на тендерите за концесијата на патиштата се покажа дека тие не се исплатливи,  па затоа сега државата ќе треба сама да најде начин да ги гради, бидејќи ниту еден инвеститор нема да дојде ако не може да оствари профит од градбата, а тоа во овој момент е невозможно велат експертите. На овие делници нема просечен еднодневен промет од 4000 возила, а за еден автопат да е исплатлив потребно е по него да сообраќаат минимум 10 000 возила дневно. Груевски се сретна со кинескиот премиер веднаш по најавата дека Пекинг ќе инвестира на Балканот Инаку, пред неколку месеци  македонска делегација предводена од премиерот Никола Груевски беше во Кина каде ги презентираше инвестициските можности пред 500 кинески компании во 5 кинески града. Посетата беше само неколку недели по најавата на кинескиот премиер Вен Џиабао дека државата ќе вложи 10 милијарди евра во Централна и Источна Европа. „Би рекол дека сме прва земја што настапува во Кина, откако пред две и пол недели кинескиот премиер на средбата со премиерите на Централна и Источна Европа објави дека Кина ќе алоцира 10 милијарди долари за поддршка на кинеските компании за инвестирање во земјите од Источна Европа. После тоа, ние сме прва земја што доаѓа да се претстави пред кинеските власти кои што одлучуваат за распоредот на тие средства и пред бизнисмените кои треба да побараат пари за да инвестираат во некоја од земјите во Источна Европа“, изјави тогаш премиерот Никола Груевски. Кина во последните неколку години се наоѓа на листата на 20 земји со кои земјава има најголем обем на трговска размена. Лани според официјалните податоци беше на 9-то место со размена од околу 482 милиони долари. Колку, овие навидум добри трговски односи ќе помогнат во обновата на патната инфраструктура на земјава ќе се знае следната година. Еве што е напишано во Манифестот на ВМРО ДПМНЕ за конкретните проекти:     Автопат Скопје (Миладиновци ) - Штип  
-Проектот за изградба на автопат од Скопје до Штип по траса на потег од Миладиновце преку Св. Николе до Штип претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државата со главниот град, преку автопат во должина од 49 км.  Вкупната вредност на проектот се проценува на околу 250 милиони евра.  
Патен правец Штип –Кочани
-Со изградба на патниот правец од Штип до Кочани ќе се обезбеди континуитет на автопатското решение од Штип до Кочани, но и кон крајниот исток на државата кон Делчево и до граница со Република Бугарија. Трасата на автопатот започнува по клучката Кочани исток и се протега во должина од околу 28 км сe до клучката Три Чешми во близината на Штип.  Вредноста на проектот е близу 56 милиони евра.
Магистрален пат Косел–Охрид–граничен премин Св . Наум
-Овој патен правец е сосема нов паралелен пат на постојниот покрај плажите, а во понатамошниот период ќе бидат меѓусебно поврзани со попречни локални патишта. Вкупната должина на новиот пат ќе биде 39 км, а широчината на коловоз од две ленти од по 3,75 м. Вредноста на проектот се проценува на 70 милиони евра.  
Автопатско поврзување помеѓу Гостивар и Охридсо крак кон Албанија, Гостивар - граница со Р. Албанија (кај Ќафасан) вклучувајќи ги Требениште-Охрид, Требениште –Струга и Струга –Подмоље.
-Трасата на наведените делници од Коридорот 8 поминува преку Букојчани, Кичево до Требеништа. Понатаму се издвојуват патни краци од Требениште кон Охрид и кон Струга, како и поврзување на Струга со Подмоље.  Вкупната должина на овој патен правец од Коридорот 8 е 128 км. Вредноста на проектот е околу 490 милиони евра.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.