Добивај вести на Viber
Секој втор келнер во Србија работи на црно, а оние кои се пријавени не ја заработуваат ниту минималната плата. Затоа се проценува дека околу 20 илјади луѓе од оваа соседна земја заминале во странство за да работат во угостителство или туризам.
Токму во угостителството се најниските плати во Србија – 24.500 динари (околу 13.000 денари), што е едвај половина од просечната плата во земјата. Келнери и во најпопуларните кафулиња не можат да ја заработат ниту оваа плата!
Иако платите се најниски, токму во оваа дејност најмногу луѓе работат на црно. А и покрај тоа, од сите работници, келнерите најретко ги пријавуваат газдите за непочитување на работничките права, покажуваат податоците на српската Инспекција за труд.
Ова се причините заради кои што голем број српски граѓани избираат да се занимаваат со оваа професија, но само во странство – на бродовите за крстарење, во авиокомпании, хотелски комплекси и ресторани. Најчести дестинации се Русија, САД, Велика Британија и Блискиот Исток, за каде што веќе две децении постојат организирани рути по кои српскиот персонал, келнери, готвачи, собари, стјуардеси и сл. наоѓаат работа.