Србија: Македонија и Грција да покажат интерес за каналот Дунав-Морава-Вардар
Објавено во: Балкан 22 Октомври, 2013
Економски оправдана е изградбата на водениот канал Дунав-Морава-Вардар, покажа студијата за исплатливост за изградба, истакна српскиот министер за природни ресурси, рударство и просторно планирање Милан Бачевиќ.
Тој во интервју за Радио телевизија Србија вели дека и Македонците и Грците го чекале исходот од кинеската студија и оти е нормално сега кога се знае дека таа е позитивна, македонската страна да ја повика кинеската компанија на разговори.
- За жал, немам право да влијаам на сето тоа, но мојата улога во целата работа е да ја известам македонската страна за конкретните резултати од оваа студија и врз основа на она што тие го покажаа како желба и интерес, да ги забрзаме разговорите, истакнува Бачевиќ.
Бачевиќ очекува следната недела за ова да се разговара во Кина и како што вели има информации дека и Македонија е подготвена да разговара, сепак смета дека Србија не треба да зависи од одлуката на македонската страна.
- Србија не треба да чека на одлуката од македонската или грчката влада дали ќе влезат во овој проект или не. Србија сега не треба да се откаже од развојот на земјоделското производство, енергетиката, туризмот и другата инфраструктура од овој коридор, смета Бачевиќ.
Изградбата на каналот Дунав-Морава-Вардар според проценките на српските медиуми ќе чини меѓу 10 и 15 милијарди евра. Пловниот канал ќе има излез на Егејското море преку Вардар.
Првично се проценува дека должината на пловниот канал Дунав-Морава-Вардар ќе биде околу 650 километри.
Проектот треба да биде мултифункционален и освен пловидбен систем ќе опфаќа и изградба на пет до седум хидроцентрали, ќе обезбеди заштита од поплави и ерозија, ќе овозможи наводнување на земјоделско земјиште и квалитетно водоснабдување на населението, како и развој на туризмот.