Србија со реформа на фискалната политика купува економска иднина, каде е Македонија?
Објавено во: Балкан 09 Октомври, 2013
Србија ги обелодени економските мерки, се зголемува данокот на додадена вредност, се оданочуваат големите плати, се намалуваат субвенциите за државните фирми. Нашиот северен сосед влегува во реформа на фискалната политика. Македонија оди во спротивен правец. Фактор анализира која политика е поисправна.
Српската влада го стегна ременот, министерот за финансии на Србија Лазар Крстиќ најави зголемување на ДДВ од осум на 10 отсто и тоа ќе се однесува на стратешки важни производи како што се лебот, храната, млекото, маслото, но и за весниците, книгите и компјутерите, јавија белградски медиуми.
Таа стапка не беше зголемена лани по зголемувањето на ДДВ-то. Министерот смета дека таа мерка ќе ја зголеми просечната цена на потрошувачката кошничка за 0,6 отсто.
Во објавата на новите економски мерки, тој најави и оданочување на платите во јавниот сектор над 60.000 динари во следната година за 20 отсто, додека оние што примаат плати над 100 илјади динари процентот ќе биде 15 отсто.
Како една од клучните мерки, Крстиќ најави намалување на државните субвенции за државните претпријатија.
„Нивото на субвенции за тие фирми е поголемо за два до трипати во споредба со Европа, што е недозволено. Ќе продолжиме со субвенцирање кредити, но во намален обем. Ќе даваме субвенции за инветсиции и за вработување“, рече Крстиќ.
Според него, заштедите во буџетот до 2017 година ќе бидат од 300 до 400 милиони евра годишно по основа на тие структурни реформи.
Која е исправна економска политика, српската или македонската. Што е исправно?
Србија оди во фискална реформа, а ние одиме обратно, која економска политика е исправна, Фактор разговараше со универзитетскиот професор од економскиот факултет при УКИМ, Предраг Трпевски.
„Верувам дека постапките на српската Влада се исправни. Ние до 2006 година имавме даночна прогресија. Луѓето кои земаа плата до 36.000 денари плаќаа 15% пресонален данок на доход, оние кои земаа плата од 36 000 до 72 000 денари плаќаа 18%, а оние на 72 илјади денари плаќаа 24%. Така што, она што го прави Србија сега ние го имавме до 2006 година пред да преминеме на рамен данок, кој е стимулативен, но и социјално неправден, затоа што оној што е побогат плаќа исто со посиромашниот. Во основа зголемувањето на даноците не мора да биде негативна појава. Тоа можеби нема да ги погоди во голема мера потрошувачите, но може да има ефекти во полнење на државната каса“, вели Трпевски.
Според него, не е вистина дека Македонија е ниско задолжена земја, бидејќи сме држава со низок доход и во иднина може да се соочиме со проблем при сервисирањето на кредитите, објаснува Трпески. За да се сервисира овој долг додава Трпески мора барем 25% од буџетските расходи да бидат наменети за капитални инвестиции и тоа пред се во инвестиции од крупната инфраструктура (енергетика, патишта). Во овој момент вкупните капитални инвестиции изнесуваат околу 13% од буџетот за 2014 година, а нејверојатно во завршната сметка за 2014 година ќе бидат под 10%, смета Трпески.
„Затоа размислувањата за реформа во фискалната сфера е клучна и битна, а постојната фискална политика не е во насока на стимулирање на економската активност во Македонија. Во последните месеци сведоци сме на низа инспекции на бизнисмените, кај малите трговски фирми за да се наполни буџетот, а што е ова ако не е зголемување на даноците“, вели Трпески.
Дачиќ: Србија ја потроши својата иднина во економска смисла
Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави на денешната владина седница дека Србија ја потрошила својата иднина во економска смисла.
„Целата Влада стои зад оваа политика, ова не е само одговорност на министерот за финанси. Потребно е укинувањето на сите големи трошоци и непотребни привилегии, доколку народот не може подобро да живее, да има чувство на праведност“, рече Дачиќ и додаде ако ова не го направиме, за две години Србија влегува во ситуација, слична на таа во Аргентина или Грција, сценарио кое ќе излезе од контрола.
Тој нагласи дека Србија треба да стори се што е можно, бидејќи излез за сите проблеми е растот.
„Се надеваме дека кризата ќе исчезне, што ќе биде позитивно за економијата. Овие рестриктивни мерки нема да мораме да ги применуваме повеќе години, но ќе мора да воведеме ред“, истакна српскиот премиер.
Македонската државна каса не кореспондира со реалноста
За професорот Предраг Трпески, целокупната буџетска политика што се води во земјава не кореспондира со економската реалност и потребите на македонската економија.
И.М„Ние имаме ниски даноци, но тоа не е доволно за да се привлечат било какви инвестиции кои подоцна ќе влијаат на економскиот раст и полнење на буџетот. Со буџетот во кој околу 87% се тековни расходи од кои најголем дел се плати и социјални трансфери не може да се очекуваат развојни проекти. Овој буџет е популистички и е насочен кон наредни избори. Имено Владата од 2008 година е со буџетски популизам, бидејќи ние на секои две години имаме нови избори. Зголемување на даноците е добра мерка за да се наполни буџетот“, вели Трпески.