Средба Заев - Хан: Секој да си ја заврши обврската за регуларни избори
Објавено во: Македонија 14 Октомври, 2016
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев се сретна со комесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. на средбата е изразена заедничка согласност дека е неопходно сите политички партии и институции, вклучувајки го и Собранието, да ја испочитуваат обврската за слободни фер и регуларни избори на 11 декември, соопштија од партијата.
На средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија при што е нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија.
- Истовремено, Социјалдемократскиот сојуз активно разговара на теренот со граѓаните за мерките што ќе ги преземе новата Влада за подобрување на животот на граѓаните и отворање на перспективите на државата, изјави Заев, се вели во партиското соопштение.
Заев објасни дека СДСМ со одлука на највисокото партиско тело, Конгресот, се обврза на планови со конкретни рокови за кревање на животниот стандард на граѓаните, како и за реализација на препораките во Извештајот на Прибе, што ќе овозможат независни институции и правна држава. Претседателот на СДСМ ја реафирмирал и поддршката на партијата за законите побарани од Специјалното јавно обвинителство.