26 Април, 2024
0.0255

Еве зошто ќе успее евентуалниот референдум на АМАН за поевтина струја!

Објавено во: Анализа 16 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Поддршка за Референдум, да, за референудум што на тест ќе го стави нашиот личен интерес, граѓанскиот интерес, оној што задира и не засега сите нас подеднакво – по џебот, по платата, стандардот. “ДА“ за Референдум против скапата тарифа, поради која треба да чекаме да замине денот и некаде пред полноќ да вклучиме машина за перење, пегла, а во некои домови што се греат на струја – да се вклучат и “термо-печките“ за да акумулираат топлина за следниот зимски ден.. Откако стана јасно дека пратениците од владеачката ВМРО ДПМНЕ преку неизгласување на измените на Законот за енергетика, ќе кажат “ДА“ за скапата струја, очекувам дека иницијативата ќе опстои, во нова форма, како референдумско прашање што конечно ќе ги стави на тест не само демократијата и демократскиот капацитет на инстутуциите да се соочат со граѓанското незадоволство, туку и личниот интерес на граѓаните што живеат во земја во која секој трет е сиромашен а бројот на невработени е околу 30 илјади. Легалиситички, за да се распише референдум потребни ќе бидат потписи на 150 000 граѓани со право на глас. Ако поддршката изостане од оние  4 до 5 отсто од граѓаните што можат целосно да си задоволат животните потреби, тогаш логично и за очекување е реакција и поддршка од сите оние што живеат во зоната на “нужност“. А, такви ги има доволно. Најпрво, идните подржувачи на инцијативата, би требало да се бараат меѓу невработените, оние кај кои стапката на сиромаштија изнесува 50,6 отсто. Доволно е само половина  од нив да стават потпис, за Иницијативата да прерасне во референдумско прашање. Тука се и оние  40 000 граѓани- корисници на социјална помош. Државната помош што секој месец ја добиваат – ја ублажува, но не ја сузбива сиромаштијата која кај оваа категорија на луѓе изнесува 27,2 отсто. Зарем би требало да се доведе во прашање воопшто успешноста на Референдум против скапата струја во земја во која 818 000 граѓани се квалификувани како “обесправени “ во последното мерење на сиромаштијата во Македонија според европски стандарди? Токму овие луѓе, кои претставуваат 40 отсто од населението се изјасниле дека имаат проблем при редовно плаќање на сметки за струја, вода, рати во банки. Ете и тие ќе добијат можност за да се слушне нивниот глас. Не треба да се заборават и оние 29 отсто од граѓаните што се изјасниле дека не можат да обезбедат адекватно затоплување на домот. Во земја во која секој трет граѓанин по дефиниција е сиромашен, што значи дека не може да ги задоволи ниту основните животни потреби, не би требало да има проблем за успешност на иницијативата до референдум и за успешност на референдумот до конечна Измена на законот за енергетика. И конечно, сметките за струја не се обоени ниту партиски - ниту етнички. На адреса на здружението “Аман “ беа испорачани политички етикети. Потписот што  функционери од СДСМ го ставија зад инцијативата беше протолкуван како ’обојување и партизација “ на целата операција. Каква порака пак со дистанцирањето пратија функционери од актуелната власт? Нивното партиско членство не плаќа сметки за струја? Нивното партиско членство не е дел од армијата 300 000 невработени, 40 000 социјалци, 818 000 “обесправени“? Ако е така – тогаш општеството, односно граѓаните имаат поголем проблем од сметките за струја. Но, ако не е така – тогаш зошто дистанца од сопствените граѓани кои бараат начин како да го вратат она што им беше одземено преку ноќ. Власта смета дека Инцијативата не треба да успее за да се спречел “енергетски крах на системот“. Власта е таа што години наназад располага со 2,5 милијарди евра годишно, пари, повторно на граѓаните и одлучува дали ќе ги инвестира во проекти што ќе обезбедат  инвестиции за енергетска стабилност. Да, Власта е таа што треба да се грижи за сигурноста на краток, среден и на долг рок – никако преку грбот и  стандардот на граѓаните.

Анета Додевска