Стојанче Ангелов има тешкотии да коалицира со партија која до вчера била „режимска“
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2016
Стојанче Ангелов и неговата партија „Достоинство“ која ги брани интересите на припадниците на македонските безбедносни сили од 2001-ва имаат потешкотии да прифатат коалиција во која ќе учествува и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов која до вчера била дел од режимот на Груевски и ги уживала сите бенефиции на власта за сега да премине во опозиција.
„Но, сега треба да појасниме некои работи. Додека ние од Достоинство безмалку 10 години водиме жестока војна со режимот на Никола Груевски, војна во која многу од нас настрадаа, партијата на Павле Трајанов, Демократскиот сојуз, ги уживаше и сѐ уште ги ужива привилегиите на истиот тој режим против кој ние се бориме. Додека ние се смрзнувавме со Отпорот, додека ние организиравме протести пред МТВ, додека секој ден учествуваме на Шарената револуција, ДС уживаше во привилегиите на власта. Нашето незадоволство не се однесува на Јове Кекеновски и неговото здружение на граѓани ФРОДЕМ бидејќи за него е неспорно дека безмалку цели две години е искрен борец против Никола Груевски“, вели Ангелов за mkd.mk.
Стојанче Ангелов посочува дека Достоинство може да прифати коалиција со ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски и Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, но исклучува секаква можност за припојување кон таборот на ВМРО-ДПМНЕ.