Добивај вести на Viber
Болеста „јазлеста кожа“ кај говедата продолжува да се шири. Најкритично е во источниот регион. Сточарите чии крави се здрави се во паника бидејќи болеста забрзано се шири, а вакцинацијата сеуште не е почната. Стравуваат за добитокот, бидејќи во едно одгледувалиште доколку се најде само една крава заболена, се уништува целото стадо.
„Кај нас засега нема заболени говеда, ние сме на седум километри од Штип. Но во наша близина поточно во селото Долани веќе има регистрирано заболени говеда, а исто така во општина Карбинци инспекторите земаа крв од стада и ги однесоа на испитување поради сомнеж дека има заразени животни. Во овие места има многу крави, а познато е дека и едно животно да е заболено се уништува целото стадо. Некои од сточарите имаат од 50 до 80 крави, знаете што значи за нив тоа, цел живот инвестирале во тоа и сега да им се уништат.И ние каде што нема регистрирано заболени слуачи сме во паника, оти како што гледаме болеста брзо се шири. Ние прскаме, вршиме дезинсекција ама залудно кога оптштината сеуште не почнала со авионско прскање против комраците. Ова е катастрофа за добиточниот фонд“, вели Бранко Ристев од Штип.
Според информациите од сточарите состојбата е алармантна и во струмичко Висока Мала. Тамошните сточари велат дека речиси и да не останала крава во фармите, оти дел заразени од болеста умираат во фармите, а дел се носат во кланица. Дополнително сточарите од Висока Мала се револтирани оти како што велат инспекторите ги земале кравите, но за тоа не им дале никаков документ на сточарите.
„Ми ги земаа говедата а не ми дадоа никаков документ. Сакаме инспекторите да ни дадат докумен за говедата. Мене ми земаа 4 болни крави и 15 здрави. Никој не ни кажува ништо. По која цена ќе бидат платени одземаните грла, после колку време.Помина повеќе од месец, а не е вакцинирано ниту едно грло“, вели сточар од струмичко Висока Мала.
МЗШВ: Со вакцините ќе се спречи ширењето на болеста
Од Министерството за земјоделство велат дека со вакцините ќе се спречи ширењето на болеста. Според првичните најави вакцините треба да стигнат до крајот на месецов, а целата постапка со вакцинацијата на говедата ќе заврши во рок од две недели.
„Ние засега успешно се справуваме со болеста заради тоа што сите мерки и препораки кои што сме ги упатиле и кон сточарите и кон ветеринарните друштва и кон општините си ги реализираат.Тоа придонесува да не се шири болеста во поголеми размери во повеќе региони и е контролирана во источниот дел. Кога ќе стигнат вакцините веднаш ќе се почне со апликација, сите ветеринари се подговтвени. Секаде каде што ќе се утврди жаришпте стандард е да се усмртат сите животни. Пари за обешетување се предвидени во Агенцијата за храна и ветеринарство, и сточарите во целост ќе бидат обештетени.Сите капацитети на општините се ставени на располагање. Ги очекуваме вакцините и најдоцна во рок од две недели ќе заврши целата постапка и така ќе спречиме ширење, за да нема економски штети и за буџетот и за сточарите,“ изјави заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.
Набавени се 250 илајди вакцини, со кои е планирано да се вакцинираат сите говеда. Но дали вакцините се решение за болеста и дали треба да се вакцинираат и болните и здравите говеда? Дел од експертите по ветеринарство велат дека со вакцините ќе се спречи ширењето на болеста но од друга страна со вакциниацијата на сите грла ќе доведе до забрана за извоз на месни и млечни производи од Македонија.
„Доколку Македонија ги вакцинира сите животни тоа значи дека ние ќе немаме слободни региони од болеста и третите земји ќе воведат забрана за увоз на животни, животински производи и нус производи од територијата на цела Македонија. Бидејќи вакциналниот имунитет трае 3 години, забраната за извоз ќе трае 3 години од последното вакцинирање. Секоја земја настојува економските штети да бидат минимални. Сточарите треба да ги спроведуваат мерките кои ги препорачува државата или ги наредува ( употреба на репеленти, заштитни мрежи, контролирано движење на животните , дезинфекција и тн). Според мене потребно е да се разгледаат сите искуства од добро организираните држави кои веќе се соочиле или се справиле со болеста. На пример Израел кој има искуство со болеста од 2006 година , препорачува вакцинација во регионите каде има болест, убивање на заболените животни додека животните кои биле во контакт со заболените вели дека е не неопходно да бидат убивани, туку само треба да се вакцинират. Но се зависи од проценката на надлежните за тоа како ќе се справат со болеста“, вели Зоран Атанасов, ветеринар.
Заменик-министерот за земјоделство Костадиновски вели дека вакцинацијата нема да направи контраефект односно забрана за извоз на македонски месни и млечни производи.
„Целта на вакцинацијата е да се спречи проширување на болеста и кај здравите говеда, а не да нема извоз. Нема никаква опасност за користење на производите по здравјето.Оваа вакцина е со цел да се спречи ширењето а не да за да предизвика контраефект од економски причини. Агенцијата за храна и ветеринасртво во соработка ветеринарните друштва и со сите учесници во Националното тело за контрола на болести успешно се справуваат со болеста имајќи ги во предвид другите земји. Ова се контролира и со Европската унија. Што значи дека оправданоста на вакцинацијата е сосема логична“, изјави Костадиновски.
Млекарниците ја намалија откупната цена на млекото
Сточарите од источниот регион каде што болеста „јазлеста кожа“ е најраспространета, велат дека во периодот кога се појавила болеста, тамошните млекарници ја намалиле откупната цена на млекото. Тие се сомневаат дека млекарниците ја искористиле состојбата за да ја намалат откупната цена, а познато е дека болеста не се пренесува на производите поради тоа што потоа се термички обработени. Претходно дел од регионалните млекарници не сакаа воопшто да го откупуваат млекото ниту од здравите крави, но потоа продолжија со откупот.
„Засега нема проблем со откупот, но има со откупните цени. Од 21,5 денари за литар сега откупната цена е намалена на 18 денари за литар млеко. Веројатно сега и млекарниците ја користат ситуацијата, луѓето се исплашени за добитокот, млекото и не им е толку важно, а млекарниците го користат тоа. А од друга страна цената на добиточната храна расте, а субвенции за литар млеко сеуште не сме земале“, вели Ристо, .
Заменик –министерот за земјоделство Костадиновски изјави дека не гледа причина зошто млекарниците би ја намалиле откупната цена, но дека ќе проверат дали и зошто е намалена и оти ќе се превземат соодветни мерки.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека досега се евидентирани се 53 жаришта на болеста јазлеста кожа во 14 општини, главно во источниот дел на Македонија. Во жариштата, позитивни се 62 грла, односно кај нив болеста болеста е лабораториски потврдена, а сомнителни се 829 говеда.Досега заклани и уништени се 362 говеда. Според проценките на АХВ се очекува од болеста да заболат околу 3.000 говеда, бројка која според агроекспертите ќе биде уште еден удар врз ионака намалениот број на говеда.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: