Добивај вести на Viber
Кризата ја притиска Грција, а голем дел од грчките острови се огласуваат за продажба. Понудата расте, а канадска компанија веќе објави оглас за продажба на 17 приватни острови кои се наоѓаат на грчка територија, а чија цена се движи од 1,5 милион , па се до вртоглави 63 милиони долари за остров.
Истовремено, цената по која сега се продаваат островите е намалена, пред се поради кризата и растот на даноците во Грција со кои државата ја полни празната каса. Дел од островите веќе си добија и нови сопственици како катарскиот емир Хамад бин Калифа ал Тани. Тој изминатава година потроши околу 12 милиони долари за да си купи шест острови од архипелагот Ехинадес во Грција.
Според брокерот за луксузни недвижнини, Кристофер Босвел сега е вистинското време за купување на грчките острови. Самиот тој веќе направил зделки вредни над 300 милиони долари со продажба на имоти низ Грција, а на клиенти од цел свет.
Босвел вели дека цените остануват релативно ниски, а недвижнините кои биле во семејна сопственост и се пренесувале низ генерациите, сега прв пат во последните неколку децении се на пазарот.
Грција има околу 15.000 километри брег, како и 190 илјади плажи и 6 илјади острови, па оттука се претпоставува дека секој кој има пари, може да купи дел од оваа држава.