Странските инвеститори бараат субвенции од македонската Влада
Објавено во: Економија 20 Мај, 2020
Владата да обезбеди директна финансиска поддршка на големите извозни компании и да им додели неповратна помош односно грантови, бараат странските инвеститори во земјава. Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство до премиерот Оливер Спасовски, до вицепремиерката Мила Царовска и до министрите за економија и финансии Бектеши и Ангеловска испратила писмо во кое освен неколкуте барања доставуваат и предлози за помош на овие компании. Тврдат дека се значајно погодени од кризата, а помошта им треба поради тоа што имаат значаен придонес за домашната економија односно годишни приходи од 2,9 милијарди евра и вработуваат околу 28.000 луѓе. Освен паричната помош, бараат и мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, но и усогласување на царинските стапки. Фактор дојде до барањето во кое стои дека членките на Асоцијацијата ги поддржуваат напорите на Владата за креирање мерки за помош на погодени компании, но тврдат дека се потребни и други.
Компаниите извозници даваат пример на субвенции на платите на вработените во големите фирми во Полска каде 40 отсто од трошоците се покриваат од државата, а 60 отсто од самата компанија. Во Германија соодносот е 60 проценти од државата, 40 од самите компании.
„По примерот на други земји да се примени модел на кофинаснирање на дел од трошоците за платите за вработените во големите индустриски извозници, односно неповратни 50 отсто од вкупните бруто трошоци за плати на вработени. Максималниот износ за финасиска поддршка се лимитира на 50.000 денари по вработени. Мерката да трае до септември. Пресметките за субвенционирање да се вршат месечно, а исплатата кон корисниците да се реализира одложено т.е. најдоцна до крајот на 2020 или до јуни 2021 година согласно буџетските можности, се нивните конкретни предлози.
Бараат мерките да продолжат и после месец мај и да важат и за поголемите компании кои вработуваат над 250 лица. Предлагаат и поврат на дел од бруто трошоците за плати на вработени кои отсуствувале од работа во периодот март-мај поради донесените маерки и препораки на Владата без разлика дали за тие вработени се користи Уредбата за поддршка на минимална плата.
Од Асоцијацијата бараат и мораториум односно одложување на обврските на инвеститорите кои произлегуваат од договорите за доделување државна помош склучени во согласност со законите кои се однесуваат на помошта и тоа во рок од шест месеци.
„Образложението за оваа мерка не е да ги намали обврските на странските инвеститори кон државата, туку да овозможи во овој период полесно премостување на кризата. Плановите за нови инвестиции, креирање на нови работни и задржување на истите во овој период ќе бидат сведени на минимум заради справување со здравствената и економската криза, но истото ќе продолжи после предложениот рок, стои во барањата.
Странските инвеститори сметаат дека е потребно итно и неодложно целосно одложување на царинските стапки на одделни производи односно компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи со соодветните стапки во Европската Унија согласно Одлуката за намалување на увозните давачки- царинските стапки на оддлени компоненти. Барањето е за да се зголеми конкурентноста на нашите компании.
Впрочем со оваа одлука која е со важност од 30 јуни годинава беа наамлени стапките на 12 производи за 50 отсто.
„Како држава имаме поголеми царини за увозот на многу компоненти што се потребни за производство на технолошки напредни производи од оние кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ. Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции за другите земји членки од ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи во споредба со земјите членки на ЕУ.
Странските компании тврдат дека не се доволно информирани за постапката за стекнување на статус стратешки инвестиционен проект согласно Законот за стратешки инвестиции во земјата.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.