Добивај вести на Viber
Израел користи телефонски предупредувања во нападите на Појасот Газа. Пред воздушен напад, израелската војска телефонски ги контактира жителите на Појасот Газа со цел, како што тврди, да се избегнат цивилни жртви. Савсан Кавареа, жителка на населбата Кхан Јунис, во вторникот била дома кога заѕвонил нејзиниот телефон. Се јавила, а на другата страна на линијата бил „Давид“ кој тврдел дека е израелски војник, пишува „Вашингтон пост“.
„Ме побара по име, а потоа рече: Имате жени и деца дома. Излегувајте надвор. Имате пет минути до удар на ракета“, раскажува Кавареа. Послушала и со децата истрчала надвор, а набрзо куќата ја погодила мала ракета. Но, тоа било само предупредување, бидејќи точно за пет минути поголем проектил го уништил нејзиниот дом.
Телефонските предупредувања всушност се дел од една поширока стратегија. Со години израелската војска користи мобилни телефони и мали предупредувачки ракети за да ги извести луѓето во објектот што го гаѓа и да им даде можност да побегнат. Праксата почнала во 2006 година. Само во 2009 година израелското Министерство за надворешни работи информираше дека биле упатени 165 илјади телефонски повици за предупредување.
Причините за примена на оваа техника се очигледни. Израел долго е под критики заради смртта на цивили во воените акции на палестинска територија. Во теорија, телефонскиот повик, им дава шанса за бегство особено на жените и децата. Но, во истовреме тоа е демонстрација на сила со која Израел покажува дека лесно може да упадне во комуникациската мрежа на Газа.
Исто така, критчарите на оваа тактика тврдат дека станува збор за своевидна психолошка војна. Постојат информации за предупредувања, по кои не следувало бомбардирање, но и за бомбардирања на кои не им претходел телефонски повик. Исто така, во нападите често се погодени погрешни цели.
Израелската офанзива во Газа денеска влезе во четврти ден, а бројот на загинати Палестинци се искачи на најмалку 82, од кои најголемиот број се цивили.