04 Мај, 2024
0.0240

Субрата Рој ќе ја реорганизира „Џумајлија“, градежните работи започнуваат до октомври

Објавено во: Агробизнис 25 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Со прослава во вторник, ќе се одбележи реорганизацијата на агрокомбинатот Џумајлија кој беше даден под концесија на една од фирмите на Субрата Рој. Планот за реорганизацијата го објави телевизијата Алфа. Со него се предвидува првите градежни работи да започнат до октомври, а за три години да се изградат четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, потоа модерна млекарница и објекти за производство на добиточна храна. Во однос пак на кравите, 20-те илјади грла ќе стигнат од Холандија во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра. Како што стои во договорот објавен од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Субрата Рој за земјиштето кое го добива на 15 години, ќе биде должен годишно на државата да плаќа закуп од 121 илјади евра. Со договорот неговата компанија се обврзува од вкупниот износ на инвестицијата за 18 месеци, да вложи 60 милиони евра, а во „Џумајлија“ за  три години треба да бидат произведени 75.000 тони сточна храна. Понатаму, стои во договорот, компанијата на Рој треба да набави најмалку 8000 грла крави во првите 18 месеци, бројка која што во рок од 3 годинитреба да порасне до 20.000 грла крави Исто така на „Џумајлија“ ќе компанијата се обврзува да произведува по 80.000 литри млеко на ден, мора да вработи 900 лица во првите 18 месеци, а во рок од 3 години бројот на вработени да достигне 2000 вработени. Компнијата на Рој е должна да инвестира најмалку 200.000.000 евра за 3 години,од кои најмалку 60.000.000 евра во првите 18 месеци, 70.000.000 евра до истекот на 27 месеци и 70.000.000 евра до истекот на 36 месеци, стои во договорот. Иако Индијците беа децидни дека проектот е реален и остварлив, дел од експертите останаа скептични. Така во минатонеделното интервју за Радио Слободна Европа, познатиот професор за Земјоделскиот факултет  Борис Анакиев,  сега во пензија, изјави дека смета оти ова е надуен проект. „Не сум го видел проектот, ама денеска на едно крупно грло крава му треба најмалку половина хектар за производство на храна. Видете, ние во тој дел на Македонија имаме неповолни услови, суша, ниска воздушна влажност. Таму тешко може да дадат добри резултати високо приносни крави, коишто мораме да ги донесеме од Холандија или од Германија. Јас не знам дали може од Индија, не верувам дека може да донесеме од таму некои раси. Проектот е неостварлив можеби за 10-тина години. Вие треба да направите инфраструктура, вие не можете сите тие 20 илјади грла, мора на повеќе места каде што има инфраструктура, каде што мора во близина да произведете храна за тој добиток, најмалку да произведете сопствена кабаста храна. Сточарството, особено крупното сточарство никако не може да се базира на увозна храна, туку на сопствено производство. Така што, за тие 20 илјади грла, тој мора да издвои најмалку 10 илјади хектари за да организира производство на добиточна храна“, забележа професорот.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?