Добивај вести на Viber
Жените со развиен претприемачки дух сакаат државни субвенции за отпочнување бизнис, но ретко кои успеале да ги добијат. Барем тоа го покажуваат податоците на Министерството за економија, според кои од 78 поднесени барања, само 18 успеале да ги исполнат условите за да добијат буџетски пари.
Програмата на Министерството за поддршка на жените претприемачи предвидуваше субвенционирање на 75 отсто од трошоците за набавка на опрема, уредување на деловниот простор но и покривање на трошоците за најмување дадилки кои ќе се грижат за децата додека жените управуваат со бизнисот.
Министерот за економија Валон Сараќини проектот го најави лани, симболично на 8 март, на денот на жената.
„Се надевам на овој начин ќе го поттикнеме женското претприемништво и во иднина ќе имаме повеќе жени што почнуваат или водат сопствен бизнис“, изјави Сараќини.
Иако субвенциите кои ги одобри Министерството за лани се скромни и изнесуваат само 30 илјади евра, и покрај големиот интерес, скромно е и учеството на жените во проектот, кои успеале да добијат 27 илјади евра.
За годинава пак, за истата намена ќе се одобрат уште помалку пари. Одобрени се само 10 илјади евра. Јавниот повик е веќе објавен на веб страницата на Министерството за економија во кој стои дека за кофинансирање се признаваат докажаните трошоци за овие намени настанати во периодот од 1 јануари до 15 октомври годинава. Во случај фирмата да банкротира или престане да работи во време кога добила субвенции, има обврска да врати 80% од парите.
Дека критериумите се строги покажува и фактот што истите не дозволуваат субвенционирање на претпријатија управувани од жени, а чија основна дејност е трговија, примарно земјоделско производство, образование и туризам. Најверојатно ова е и причината зошто голем дел од жените не ги исполнувале условите за финансиска поддршка бидејќи практиката покажува дека трговија и туризмот се бизнис на чие чело многу често може да се сретнат жени.
Мал е бројот на жени претприемачи во Македонија
Европската статистика покажува дека на стариот континент 30 отсто од претприемачите се жени, додека овој процент во земјите од регионот изнесува меѓу 15 и 30 отсто. Во земјава се уште нема точни бројки колку жени водат свој бизнис, но проценките се дека станува збор за мал број.
Се уште постои верување дека жените во Југоисточна Европа се соочуваат со многу препреки врзани со традиционалната улога која пак влијае врз нејзините економски можности. Во Македонија, според истражувањата, ставот е дека жените додека се помлади треба да се грижат за децата, а не да се занимаваат со претприемништво.
Соња Наумовска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.